„Се гледаме во седум навечер пред Влада…“

Земјата е дестабилизирана, а јавноста се наоѓа во коматозна состојба, шокирана од големината на најновото национално предавство. Меѓутоа, токму вакво време раѓа големи лидери и создава нови национални митови. Македонската историја сега одлучува кого и како да памети

Постои ли излезна стратегија за Македонија по дипломатското фијаско во Брисел и по претставувањето на предлогот Ковачевски – Петков? Македонската влада лажела, и тоа дрско лажела. За цело време на француското претседателство течел преговарачки процес помеѓу Скопје и Софија, каде што се зборувало исклучиво за идентитетските прашања и за македонско приспособување кон неславната декларација на бугарското собрание. Слично како приказната за „сварената жаба“, Владата преговарала за да се дојде до строго дозирана бугаризација на македонскиот народ, со постепено укинување на сите негови идентитетски одредници, започнувајќи со бришењето на националната историја од учебниците за основно и средно образование, преку целосно преобликување на јавниот простор и на националните обележја, па заклучно со прифаќање дека македонскиот јазик е само една појавна форма на заедничкиот (или општиот, ако така милувате) бугарски јазик.
Тоа е суштината на преговарачката рамка што ја усогласила владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, а со непосредно учество на министерот за надворешни работи Бујар Османи и на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Покрај преговарачката рамка, оваа „дипломатска тројка“ го усогласила и првиот од серијата протоколи помеѓу македонската и бугарската влада, со кој веднаш „јуначки“ се поаѓа во разградување на македонската нација и нејзина бугаризација, во името на европската иднина.

Не треба да имаме никакви дилеми што се случуваше во четвртокот во Брисел. Димитар Ковачевски појде таму за да се согласи со преговарачката рамка и „свечено“ да ги почне преговорите помеѓу „Северна…“ и Европската Унија, со целосно прифаќање на бугарските позиции, преточени во преговарачката рамка. Блескавиот спектакл на честитки од европските лидери требаше да биде покритие пред домашната јавност и замолчување на опозицијата и на скептичната јавност. За нивна несреќа, политичката криза во Бугарија им оневозможи да го направат последниот чекор, но тие пресериозно ги нарушија позициите на Македонија.
Вчера бугарското Собрание го усвои предлогот Ковачевски – Петков, а со тоа и преговарачката рамка за Македонија, која во себе ја содржи декларацијата на бугарското собрание. Ова е огромен триумф за бугарската дипломатија. Иако со месеци Заев, Ковачевски, Османи и Маричиќ нè убедуваа дека Бугарија е изолирана во Европската Унија, сега полека се навикнуваме на суровата реалност дека бугарските услови станаа европски услови и дека „бугаризација преку европеизација“ стана политика на Брисел кон Македонија. Бугарите нема никогаш да отстапат од оваа освоена позиција, од овој нивни дипломатски успех, кој им го овозможи срамниот преговарачки процес на владата на Ковачевски. Далеку зад очите на јавноста, со целосно игнорирање на Собранието, со лажење, манипулирање и влечење за нос на сите граѓани, владата на Ковачевски, под дипломатската палка на Маричиќ и на Османи, ја одведе Македонија во бездна, подлабока од Лисабонската декларација од 1992 година. Ковачевски, Османи и Маричиќ ги разградија и оние „остатоци од остатоците“ на илинденска и асномска Македонија што преостанаа по црниот Преспански договор. Македонија е обесмислена како држава и разбиен е целиот македонски национален наратив, сврзувачкото ткиво на македонскиот народ и на македонската држава.
Токму од тие причини, нужно е обединување на целиот отпор. Време е да заврши малодушноста, да им се стави крај на ситните препирки и препукувања околу небитни прашања, па целиот политички труд да се фокусира на една точка – одбрана на Македонија. Се разбира дека состојбата е тешка и дека Македонија никогаш не била во полоша состојба по нејзиното основање на 2 август 1944 година. Земјата е дестабилизирана, а јавноста се наоѓа во коматозна состојба, шокирана од големината на најновото национално предавство.

Меѓутоа, токму вакво време раѓа големи лидери и создава нови национални митови. Македонската историја сега одлучува кого и како да памети. Ковачевски, Османи и Маричиќ веќе се ставија себеси во мрачните фусноти на македонската национална историја, но поглавјата со новите национални херои, со новите национални движења и со новите национални подвизи, сè уште не се испишани. Граѓаните сега очекуваат да биде кренат повторно бајракот на националната борба за слобода, за одбрана на македонскиот идентитет и зачувување на интегритетот на македонската држава.
Совршено е јасна позицијата на партиите од македонската опозиција, каде што покрај стожерната ВМРО-ДПМНЕ, на браникот на македонските позиции се наоѓаат и Левица, Социјалистичката партија на Македонија, Демократската партија на Србите во Македонија и членките на коалицијата „За обнова на Македонија“. И покрај неговото одделување од главната опозициска матица, и Стевчо Јакимовски тврди дека ги одбива бугарските уцени. Меѓутоа, ќе мора да се вреднува и остриот и бескомпромисен настап по бугарското прашање и на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, на независниот социјалдемократски градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, на предводникот на независната охридска социјалдемократска советничка листа Митре Велјановски, како и на многу други политичари од кругот на СДСМ што го кренаа својот глас против новото национално предавство. Не постои подобар момент за да се подаде рака и да се исчекори од политичките ровови ископани во изминативе 32 година плуралистичка политичка борба. Нашите внатрешни македонски политички разлики стануваат бесмислени доколку ја загубиме Македонија.

Пред само неколку месеци бев дел од една иницијатива на македонските интелектуалци, која излезе со прогласот насловен „Македонизмот е легитимна еманципаторска идеја. Чуму ѝ е на Европа една размакедончена Македонија?“ Ние тогаш го надминавме клучниот расцеп од 2010-тите година, расцепот помеѓу „шарена Македонија“ и „патриотска Македонија“, затоа што ги видовме темните облаци што веќе се надвиснуваа над земјата. Прогласот беше дочекан на нож, затоа што веројатно не бевме подготвени да ја видиме големата слика и да ги согледаме последиците од врвицата кон која нè втурнаа Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Денес нештата отидоа подалеку и од нашите тогашни најпесимистички прогнози.
Од овие причини, јасно ми е зошто во средата спонтано се собраа стотици граѓани пред Владата на еден целосно некоординиран повик упатен преку социјалните мрежи. Оваа потисната енергија и гнев поради неправдата, овој нескриен отпор поради предавствата и владината согласност за бугаризација преку европеизација на македонскиот народ мораше некаде да излезе. Сега веќе никој не може да ги разубеди граѓаните во злокобните намери на владата на Ковачевски, скриени зад баражот лаги и манипулации. Како да му веруваме на премиерот Ковачевски дека го одбил предлогот што тој лично го преговарал? Како да им веруваме на Османи и на Маричиќ дека ги штитат македонските национални и државни интереси, кога излезе предлогот Ковачевски – Петков во јавноста, а и придружниот прв протокол за негова реализација? Опасноста не е помината, туку е само уште повеќе изострена.
Затоа, ве повикувам сите, независно од вашата етничка припадност, од вашите политички стојалишта и филозофски гледишта, да продолжиме да се собираме секоја вечер пред Владата на Република Македонија, во 19 часот, да продолжиме да ги искажуваме нашиот револт и несогласување со погубните национални политики, па секојдневно да го претвораме просторот пред Илинденска б.б. во нов „Плоштад на Слободна Македонија“, место каде што ќе излеземе од политичките ровови, ќе си подадеме рака, повторно ќе се запознаеме, за да ја одбраниме нашата украдена татковина Македонија.
„Се гледаме секоја вечер во седум навечер пред Влада…“

Автор: Ивица Боцевски