СДСМ дојде до крајот на патот

Што е заедничко во биографијата на премиерот и на идните министри на СДСМ? На самиот зенит на „арапската пролет“, кога се нишаше режимот на долгогодишниот египетски фараон Хосни Мубарак, каирската чаршија излезе со досетлив виц. Одеше вака некако… Гамал Абдел Насер бил голем лидер на арапскиот свет и на Египет, а и генијален ум, но имал една огромна слабост. Тој не сакал некој да биде во можност да го загрози неговото лидерство, па набрзо ја елиминирал секоја можна конкуренција околу себе и барал некој десет пати помалку способен и помалку паметен од него за втор човек. Така, Насер го пронашол Анвар Садат, па го негувал за наследник и го носел со себе на самитите на Арапската лига (тамошна верзија на „Отворен Балкан“). По смртта на Насер, Садат, исто така, ја елиминирал сета конкуренција околу себе и долго барал некој десет пати помалку способен и помалку паметен од него за втор човек. Овој пат, новиот наследник бил пронајден во ликот на Хосни Мубарак. По атентатот врз Садат, Хосни Мубарак го презема претседателството во Египет и веднаш ја елиминира целата конкуренција. Но пусти Хосни Мубарак цели триесет години бара наследник, некој барем десет пати помалку способен и помалку паметен од него за свој втор човек и никако да го пронајде, ни околу себе ни во целиот Египет.
Оваа одлична досетка, достојна за живописните романи на Алаа ел Асвани, писателот на каирската чаршија ја опишува спиралата на негативната селекција на лидерите, каде што секој следен е десет пати помалку способен и помалку паметен од претходникот. За жал, оваа приказна ја гледавме пред нашите очи во изминативе триесетина години со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, од Киро Глигоров, па до Зоран Заев. Иако, за волја на вистината, СДСМ, за разлика од Египет, нè изненади со умешноста да се симне уште подлабоко на спиралата и да наоѓа десет пати помалку способни и помалку паметни ликови. Партијата, која во 1990 година, на самиот почеток на македонската демократизација и во зората на македонската независност, ги имаше сите лостови на власта и на моќта, способноста идеолошки да се преобликува и обновува во кој било облик, да избира и кооптира која било личност од сите сегменти на македонското општество, се сведе на оваа карикатура што ја гледаме деновиве пред нашите очи.

Не чудете им се на сите овие некогаш славни и знајни социјалдемократи што објавуваат дека веќе не се гледаат во новата влада како министри, а и нека не ве изненадува тоа што голем број други уште пославни и познајни социјалдемократи молчат и никаде ги нема, како црна земја да ги изела. Сите тие, буквално до завчера, се надеваа дека Зоран Заев има некој премногу обмислен „мастер-план“ за враќање на популарноста и за вдахнување живот во партијата и во нивната власт или, барем, дека некои мистериозни странски поддржувачи на власта, мрачни и моќни заднински ликови, смислиле пеколна стратегија за воскреснување на СДСМ. Но вчера се разбудија со шокот дека наскоро Димитар Ковачевски ќе им биде лидер на партијата и премиер, Миле Зечевиќ генерален секретар, а дека Зоран Заев од Струмица во СДСМ ќе ја игра улогата во која со години го гледаме Али Ахмети од Зајас и од Шипковица – газда на куклениот театар.
Не само тоа туку овие славни и знајни социјалдемократи сега ги јаде и туѓиот, но уште повеќе и сопствениот срам. Нивните дворски игри, од Глигоров, па до Заев, го создадоа ова чудовиште што сега ќе го гледаме пред нашите очи. Наместо светски и регионално или, барем, домашно признаени имиња, со сопствен интегритет, со дела зад себе и со вистинска биографија, сега на сцена стапува „златната младина од деведесеттите“. Всушност, таа уште од Заев ја гледаме на сцената, но не догледувавме од сите можни шокови што ни ги приредија, а кои кулминираа со националното предавство во форма на Преспанскиот договор и растурањето на сите темели врз кои почива современа Македонија. Сега тие остануваат осамени на театарската сцена и принудени сме да го одгледаме и овој чин на трагикомедијата наречена „индискретната беда на новата македонска буржоазија“.

Слично како и Заев, новото раководство на СДСМ и неговите министри во Владата се најгрозниот можен производ на македонската транзиција. Сега на власт доаѓаат луѓе со измислени биографии, ликови за кои во октомври се бркале врски за да им бидат поправени единиците, но веќе во мај фрчеле телефони за бидат „скроз одлични“, кои ги „влечеле“ за да завршат факултет и никој никогаш не ги видел на ниту една студентска практика, но биле инвентар во „скопската шема“, кои никогаш не пополниле апликација на работа, но некој (партијата, родителите, кумовите) ги сместил на добри работни места, кои никогаш ништо не работеле и немале никаква одговорност, но и влакно од главата не им фалело затоа што ги штител „некој од горе“. Ете, тие ликови сега се власт во Македонија. Кога некој никогаш не поминал низ нималку лесен процес на селекција во сопствената земја, тогаш со огромна леснотија може да ја впише бизнис-школата од Харвард во својата биографија, едно од местата со најригорозна проверка на способностите на потенцијалните студенти на планетава. Кога некој израснал со приказни дека бизнис се гради со крадење струја, тогаш ептен лесно може да најави дека утре доаѓаат „Гугл“ и „Фејсбук“ да вложуваат во Македонија.
Токму поради ваквите припадници на златната македонска младина, голем број способни луѓе си заминаа од земјата. Не може да се поднесе, не може никако да се поднесе некој да се труди, да учи, да вложува во себе, да се бори, а друг да вшета некаде затоа што тој или татко му бил од партијата. Се сеќавам како тие заминатите, оние што денес навистина работат во Сан Франциско, Чикаго, Њујорк, Лондон или Париз, и тоа токму во „Гугл“, „Кредит Агрикол“, Ситибенк, добро се сеќавам како тие ми се јавија револтирани кога ликовите поради кои што заминаа се истопорија на перформансот со чевлите пред Владата. Можам да замислам што ќе ми кажат откако ќе ги видат како министри во идната влада…

Видовме и како изгледа кога припадниците на златната младина се пробуваат себеси и во светот на бизнисот. Едните не умеат ни да ги одржат во живот фирмите што татковците им ги „приватизираа“, поточно кога партијата им ги подари фирмите на директорите што самата некогаш ги постави. Другите, пак, се прославија на конкурсот на ФИТР, кои започнаа со давање грантови за развој на украсна керамика, измислена пред 15 илјади години, за пица од Стариот Рим (каде ли се сега тие што врескаа за антиквизацијата), па и за развој на печатница, измислена од Гутенберг пред половина милениум. Иновативноста во пљачката и во злоупотребата на јавните пари не е изум, туку е криминал. Но толку славната „култура на неказнивост“ е измислена за златната младина… За што добија тие казна сите овие години? Дали очигледниот непотизам, кронизам, врскаџиство, партизација, злоупотреба на должноста и сите други форми на корупција беа некогаш казнети?
Со оваа најнова министерска постава, СДСМ доаѓа на крајот од патот. Нивниот личен подем е резултат на долгиот процес на внатрешна негативна селекција, на сеприсутната корупција и непотизам, на забеганоста на власта и на моќта, на неможноста да се гради стратегија и да се вложува долгорочно во идните политички лидери. ВМРО-ДПМНЕ, Левица и другите сериозни партии на македонската политичка сцена сега треба внимателно да ги гледаат новите лидери на СДСМ и ова дереџе на кое е сведена таа партија и уште погрижливо да извлечат сопствени лекции. Доволна е само една златна младина за да се извлечат лекции за навек. СДСМ дојде до крајот на патот, а време е Македонија да продолжи понатаму…