Руската перспектива на операциите во Украина

Она што сметам дека можеби недостига во овој наш простор на темата за инвазијата врз Украина е давање светло на нештата од руска перспектива. Истото тоа е полезно секогаш за да може да се расуди пристапот кон даден проблем, особено кога проблемот е битен и кога предизвикува јавен дискурс. Во таа насока, иако во неколку наврати се обидувавме срамежливо да ги прикажеме работите од руски агол, како гледаат тие на целата ситуација ова ќе биде прво малку посериозно писание за војната што гази во 90-от ден од инвазијата. Во тој контекст нема да се повторуваме во она што досега сме го кажале во пристапот на нештата, борбата за идеи, борбата за перцепции, судирот на ставовите или политички и стратегиски гледишта, туку ќе се посветиме на оперативните достигнувања во Украина.
Во тој дух, вреди да се кажат три генерални работи. Прво, кај оние што пишуваат за оперативната динамика и темпо на операциите во Украина од руски агол, специфично е што често го артикулираат историскиот факт дека Русите гледано низ минатото оперативно имале неславни почетоци. Второ што се артикулира е дека се исклучително приспособливи (и оди во прилог на првото). Трето е дека откако ќе тргнат тешко застануваат. Овие дебати за кои сме споменувале понекој збор се вистина. Но генерално би рекле дека лично потсетуваат на дебата во која се изместува тежиштето на аргументација. Тоа, драги мои, колку за споредба, потсетува на ситуацијата кога студентот што на испит бил прашан да одговара за слонот, започнува со слонот и завршува со глушецот. Некако приказната одеше дека „…слонот се плаши од глушец“, а потоа целата расправа е за глушецот, а не за слонот. Иако прашањето е за слонот (може и за оној во собата – метафора секако). Сепак, проблемот во овие тези за да не останеме недоречени е во тоа што сите тие перцепции се во ситуации кога Русија имала легитимитет. Значи била во стратегиска дефанзива, па преминала во стратегиска контраофанзива, која била егзистенционална. Ако специјалната воена операција во Украина е почеток на таквото сценарио (ама само ако) тогаш може ваквите ставови да имаат логика.

Во секој случај, причината поради која се решивме на овој пристап во денешното ни писание е фактот дека оперативно последните десетина дена се можеби најдинамичните денови по шокот што го приреди Русија со почетокот на операциите. Падот на Азовстал, како што кажавме и во претходната дебата, за Русите, но и за односите на теренот може да биде исто како она што „гејмерите“ би го рекле „скор“ во „тетрис“. По што, цели ѕидови тули паѓаат како кула од карти. Руската доктрина генерално во последните десетина дена е инверзија – ако сакате индиго (терминот не е оперативен, но за да биде посликовито) пресликано во обратна насока на ретроградните операции што Украинците одлично ги применија. За да ги разбереме ќе ги објасниме оние на Украинците на Западот и околу Минск. Со овие операции (во кои може јасно да се види одразот на современата западна доктрина), Украинците наместо линиска одбрана формираа одбрана на концентрични кругови, кои се типични за т.н. доктрина на рој. Таа доктрина подразбира создавање џебови преку ретроградни операции (стратегиско повлекување) во кои противникот се навлекува или му се дозволува да напредува создавајќи илузија дека пенетрира или организира гонење, сѐ до моментот додека не биде опкружен. Потоа со удар од сите страни од мали тактички единици се отсекуваат најистурените делови на офанзивните сили со заседни или упадни тактички борбени постапки. За да биде појасно, сликовито, тоа е како состојбата на Гуливер.

Во такви услови, за напаѓачот да го избегне овој ефект, се потребни голема мобилност, исклучителна координација, високо ниво на дисциплина и одважност. Една можна опција за справување со вакви ситуации (како што го правел тоа Александар против Пор) е да го смените концептот на офанзивата. Александар ја сменил формацијата растурајќи ја фалангата и се приспособил на концентричните кругови спротивставувајќи им се со комбинација на офанзивни и дефанзивни операции наизменично „толчејќи“ круг по круг. Со ова, Украинците дозволија руското ешалонско војување да си го има зборот создавајќи оперативна слика и чувство на командантите и командирите на руските тактички носители дека имаат надмоќ, сѐ до моментот додека не заглавија во она што се вика доктрина на рој. Ако се сеќавате на првичните слики на заробени цели водови или отсечени цели колони на борбени возила, тогаш ќе биде појасно која е една од причините за таквиот исход (иако, секако, остануваат сите други фактори, за кои веќе зборувавме, лоша координација катастрофални врски и опрема и, пред сѐ, потценување на теренот како фактор). Операциите во Попсана и создавањето џебови во кои се уништува украинската тупаница на истокот, драги мои, ја имаат истата динамика, но во офанзива. Нападите во Тернова и во Рунижне ја запреа контраофанзивата на Украинците, овозможувајќи им на Русите да создадат појас во кој ефективно ја користат артилеријата до 10 км. Русите исто така успеаја да имаат трошни победи околу Изиум и Лиман, овозможувајќи пробив и на правецот Хорливка – Донецк. Сепак, кумулативно (како во „тетрис“) се закануваат да затворат сериозни украински сили во опкружување. Наменската група (која, според сликите од јавно достапен карактер, е елитата за која се претпоставуваше дека целата руска армија е на тој ранг, или барем поголемиот нејзин дел) е таа што ги чисти вторите редови на украинската одбрана или го прави маневарот на опкружување. Преку брзиот пробив на Соладар кон запад и Лисишансик на север успеаја да ги опкружат и скршат Украинците. Дополнително, густата железничка мрежа од пруги во Луганск им овозможи анулирање на недостигот од борбена сервисна поддршка, со што истурените сили соодветно се снабдени. Истото тоа се случува и во малите гратчиња во областа на Мелитопол, Новомикаилвската област.

Типичен пример на комбинација од дефанзивни дејства (кои треба да го потпрат офанзивниот елемент) видовме околу 17 мај, кога два ударни баталјони на украинските сили беа запрени, а потоа и разбиени. Русите покажаа друг елемент на изненадување. Најголемиот дел од успесите е постигнат ноќе, иако се тврди дека им недостигаат соодветни средства за вакви операции. Следниот тактички предизвик Русите ги чека кај Адвиивка, град што е од исклучително значење за кумулативен успех, но и кој е исклучително добро фортификациски уреден. Можеби тука ќе има нов Мариупол. Можеби, но она што е сигурно е дека Русија стратегиски го покрива западниот дел од Црно Море, каде што срамежливо, но сѐ посигурно ја попречува стратегиската линија на снабдување со оружје на Украина. Цената на загубите нема ниту да ја споменуваме.
Само колку за крај ќе сумираме дека, според Борис Бондарев, рускиот амбасадор што поднесе оставка од морални причини против Путин, еден адмирал, 23 генерали, еден потполковник и 150 офицери се затворени во Русија од почетокот на инвазијата. Дополнително, 13 генерали, 27 полковници, 48 потполковници и осум морнарички капетани (ранг полковник) се убиени. Но пак од руски агол, најверојатно, голема е Русија и тоа за неа не е ништо.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД