Руска идеја – историски контекст

Кога ја најавив оваа серија текстови за актуелните случувања Русија -Украина од една геополитичка, но и од една поширока философска, културолошка и историска перспектива, реков дека последните текстови ќе ги посветам и на руската мисла и нејзиното гледање на светот во идејна, политичка, геополитичка и културно-историска смисла. И ете, дојде ред за тоа. Во серијата текстови, кои ги насловив „Руска идеја“, како јасна алузија на она што под „руска идеја“ се подразбира во теоријата: збир на теориско-философски, историски, политички и геополитички идеи за местото и улогата на Русија и руската цивилизација во светот. Во овој прв дел од текстот, ќе се осврнам само на историскиот контекст за настанувањето на трите руски перспективи, трите руски пристапи и видувања на историјата, политиката и геополитиката (словенофилството, западњаштвото и евроазиството), за во второто продолжение од оваа колумна подетално да ги објаснам овие три пристапи и, конечно, во последната да се обидам да ги „применам“ овие теориски пристапи на актуелната руска политика и актуелните состојби, или барем да се обидам да ги разберам низ овие пристапи.
За воопшто да разбереме што е тоа „словенофилство“, „западњаштво“ и „евроазиство“, мора накратко да го исцртаме историскиот контекст, затоа што идеите имаат свое „време“ и свој „простор“ во кој никнат. Руската цивилизација, во една воопштена смисла, е релативно „нова“. Иако има долга историја, многу пред настаните за кои ние ќе зборуваме (Киевска Русија, покрстување, монголо-татарско ропство…), сепак од денешна политичка перспектива и за современиот политички контекст, за важни сметаме два настана од поновата историја. Имено, и покрај важната историја за самата Русија пред овие настани, сепак, на европската историска и политичка сцена Русија се појавува како значаен фактор дури на средината на XIX век. Во таа смисла, две историски собитија се клучни за Русија и за формирањето на руската самосвест во тој период: т.н. Татковинска војна со Наполеон и Кримската војна.

Зошто овие настани се круцијални? Затоа што за првпат овие настани на Русите ѝ ја фрлаат в лице потребата да се самоосмисли и како култура и цивилизација, но и како политички и геополитички фактор. Особено vis a vis Европа. Овие два историски настана, со дијаметрално спротивни исходи, раѓаат две дијаметрално спротивни геополитички идеи: словенофилството и западњаштвото. Затоа, да ги расветлиме овие настани.
Во 1812-та, под водство на славниот генерал М. И. Кутузов, на само стотина километри од престолнината Москва, се води познатата Бородинска битка против војската на Наполеон, каде што загубите на двете страни се огромни. Тоа е Пирова победа и за Наполеон и за рускиот цар Александар I (1801-1825). Но набргу по оваа битка, крајот на Наполеон е блиску, поради што угледот на Русија пораснува, а Александар I станува клучен играч на меѓународната сцена. Од тој момент, во европските политички и геополитички стратегии ќе мора не само да се калкулира со нов „светски фактор“ туку и да се слуша гласот на тој фактор – Русија. Со овој историски настан, Русија конечно влегува на европската политичка сцена и станува играч на кој мора да се смета. Војната со Наполеон, во таа смисла, е клучен настан и за будењето на руската национална самосвест, со таа војна, тие за првпат во својата историја сериозно стапнуваат на модерната европска политичка, но и културна почва. По таа, т.н. Татковинска војна, Русија добила водечка меѓународна позиција и, во сојуз со Австрија и Прусија, учествувала во сите тогашни активности на државите насочени против револуциите и националноослободителните движења во Европа. Следниот руски цар, Николај I (1825-1855), лично бил иницијатор на интервенциите за задушување на револуционерните активности во Франција, Белгија, Полска, Унгарија… Тој поттикнал и создавање на т.н. Свет сојуз помеѓу водечките западни земји, за одбрана на традиционалните монархистички режими и против сè поголемиот наплив на револуционерни и национални движења. Со еден збор, Русија во тој период во меѓународните односи била она што денес се САД: „дежурен полицаец“ – тоа е врвот на надворешната политика на Русија во XIX век. Ваквата улога на Русија на меѓународната политичка сцена веројатно е најголемото достигнување, кое до ден-денес тешко дека е повторено во таква форма и интензитет; никогаш Русија не била толку присутна како европска и светска велесила на меѓународен план како во тој период.

Се разбира, таквата состојба трае сè додека силната меѓународна улога на Русија не почнува сериозно да ги нарушува позициите на нејзините довчерашни сојузници. Со војната против Наполеон, Европа за првпат се соочува со нешто поголемо, за првпат е предизвикана нејзината светска доминација. Континентот што го водел напредокот, кој го колонизирал светот, кој ја открил Америка, за првпат потклекнал пред друга сила. Огромната сила на Русија почнува да ги плаши довчерашните европски велесили – неприкосновени во својата доминација, пред појавата на Русија. Така, поради сè поголемата експанзија на Русија и зголемувањето на нејзината територија и пазари (на Црно Море, Заткавказјето), бившите руски сојузници сега прават сојуз со довчерашните свои непријатели. Па, така, Англија бргу се зближува со поранешниот свој смртен непријател Франција и застануваат на страната на Турција во Кримската војна (1853 – 1856), во која Русија ќе претрпи срамен пораз, а Русија со Парискиот договор е принудена да ги отстапи териториите. Со тоа, доминантната улога на Русија на меѓународната сцена почнува полека да ослабнува, а на внатрешен план, како резултат на тој пораз, јакнат автократските тенденции и се јавуваат сериозни економски проблеми.
Зошто го направивме ова историско пледоаје? За да видиме како од овие два историски настани се родиле различно самочувство и самоперцепција кај Русите, кои траат до денес. Во овој период се јавува и „проблемот Русија“, т.е. се отвораат прашањата: што е Русија, каде се нејзиното место и улога во светот, европска земја ли е или не е, каква политика и геополитичка ориентација треба да заземе..? Особена провокација за овие политички, но и историски прашања дава едно отворено писмо на мислителот Петар Ј. Чаадаев (1794-1856), кој – како и другите Руси од тоа време, кои по победата над Наполеон се соочиле со нов и различен свет олицетворен во Европа – си го поставил прашањето која е вредноста на Русија и Русите во европската и светската цивилизација. И одговорот што го дал во тоа писмо бил крајно негативен и песимистички. За него Русија е „неиспишан лист хартија“, на кој единствените цивилизациски вредни нешта ги запишал Западот. Сиот развој, доколку го има, е резултат на западното влијание. Русија сама по себе е лишена од вредност. Единствено ние, вели тој, „ништо не сме му дале на светот, на ништо не сме го научиле; ние не сме внеле ниту една идеја во масата човечки идеи, со ништо не сме го помогнале прогресот на човековиот разум, а сè што сме добиле од тој прогрес, ние сме го упропастиле.“

Од ова писмо ќе почне јасната поделба на менталитетот на Русите на „словенофили“ и „западњаци“. При отворањето на дебатата за „проблемот Русија,“ како најзначајни се издвојуваат двете групи што ќе остават и неизбришлив печат на сиот иден мисловен склоп на руските теоретичари: словенофили и западњаци. Тие две групи се темелот на идниот философски, културен, политички и историски развој во Русија. Кај словенофилите доминира желбата за изградба на самостојна руска мисла, култура и политика, додека западњаците се на трагите на германската и, особено, на француската социјална мисла и тие се заинтересирани за следење на европскиот пат на развој. Тие, во поголема мера од словенофилите, се заинтересирани за социјално-политички теми и затоа во практиката одат и до политички радикализам во обидот да променат нешто во таа социјално-политичка стварност. Западњаштвото го промовира секуларизмот како основа за развојот на општеството, а етичкиот хуманизам го востоличува во основен принцип на тој секуларизам. Една линија од западњаците ќе нè доведе директно до социјалистичката револуција 1917.
Гледаме, со Бородинската битка и војната за Крим, Русите уште на почетокот од своето стапнување на европската, а и светската политичка сцена, научиле две противречни работи: дека истовремено се европска, но и дека не се европска земја. Дека како огромна земја и цивилизација, од една страна се должни да развијат и следат свој историски пат, но од друга страна и дека треба да бидат дел од европската и светска цивилизација. Словенофилите инсистирале првенствено на тој самостоен пат, западњаците инсистирале на целосно вклучување во европските текови. Двата историски настани ги научиле Русите на две вредни лекции: со победата над Наполеон ја ослободиле Европа, но и дека таа ослободена Европа не ги сака како рамноправни партнери, што им го докажала веднаш по победата над Наполеон, со Кримската војна против Турција! Слична порака добиваат Русите и по Втората светска војна! Оваа болка ја носи Русија уште од почетокот на својата политичка историја. А оттогаш и кај Европа стои болката – како да се прими Русија во Европа без да биде проголтана!? Знае ли „руската мечка“ да прегрне без да згмечи!?
Во следната колумна ќе ги разработиме подетално идеите на споменатите словенофили и западњаци, но и на т.н. евроазијци, кои се особено важни во денешен контекст; додека во последниот дел од серијата колумни „Руска идеја“ ќе се обидеме да ги расветлиме денешните геополитички поместувања низ дискурсот на актуелните политички и геополитички идеи во Русија.

Автор: Трајче Стојанов