Реституција – OHRID TRAVEL AGENCY

503

Во еден историски документ од времето на бугарската окупација во 1916 г. во Охрид е запишано: Денеска, 28 ноември 1916 година, врз основа на телеграмата на претседателот на Владата, д-р Радославов, од 21 о.м. под број 17762 составен е овој акт за собраните, спакуваните и испратените на привремено чување во Софија долуназначени црковни старини, сопственост на градот Охрид:
1. Икона од Христа спаситела со трнов венец, подарок на охридскиот архиепископ Димитрис Коматина од 13 век.
2. Натпис на плоча на бронза полилеј, подарок на Прокопие, архиепископ на Прва Јустинијана од 16 век.
3. Плаштеница сопственост на манастирот „Свети Наум“.
4. Плаштеница на Андроник Палеолог, сопственост на црквата „Свети Климент“.
5. Сребрен путир сопственост на манастирот „Свети Наум“.
6. Позлатен путир, сопственост на манастирот „Свети Наум“.
7. Златна круна на Свети Климент со емајл и крст.
8. Четириесет стари антамисти.
9. Дарохранилница од масивно сребро декорирана со релјефи, сопственост на манастирот „Свети Наум“.

10. Една голема сребрена кутија со моштите на Света Матрона.
11. Сребрен крст, позлатен, со бесценети камења, во дарохранилницата.
12. Сребрен масивен крст од 1742 година.
13. Две покривки, подарок од Дука Комнен.
14. Две старословенски евангелија со сребрени корици, сопственост на манастирот „Свети Наум“.
15. Старословенско евангелие, во ракопис, со кадифени корици.
16. Летопис од Јован Скилица од 13 век, во дрвена кутија.
17. Голем сребрен позлатен крст.
18. Жезлото на Свети Климент од слонова коска, со змија.
19. Едно старо евангелие со ликот на свети Климент од слонова коска и ликови на други светци.

20. Дваесет стари словенски ракописи.
21. Една сребрена икона, изработена во релјеф.
Вкупно: осумдесет и четири предмети
Овој акт е составен и потпишан од присутните во четири примероци, и тоа: еден за министер претседател г. В. Радославов, за Охридското окружно началство, за светата Охридска митрополија
Р Е С Т И Т У Ц И Ј А – враќање артефакти, споменици, културно-историското наследство во земјите, каде што сето тоа потекнува и припаѓа, долг временски период е едно од суштествените проблеми на современата цивилизација. Сјајот на златните маски, монети, предмети, артефакти, културно-историски споменици што ги красат витрините на музеите на моќните империјални држави, библиотеки, цркви, манастири или се дел од депоата на приватни колекции, со децении и векови ги побаруваат земјите од каде што тие потекнуваат. На многу од тие држави тој вид културно-историско наследство им е потребно и неопходно, како сведоштво, потврдено со факти, во чинот и дејствата на составување на сопственото историското битие, идентификација и конституирање на мозаикот и тековите низ вистински праведни историски визури. Многуте факти и историски извори покажуваат дека од Македонија бесправно е однесено неверојатно големо културно наследство, а тоа говори за богатите наслаги во културното и националното опстојување на македонскиот народ во минатото. Меѓутоа, обидите на македонското институционално искуство за враќање на однесеното богатство, но и искуствата на други земји, пред сѐ Грција и Египет, укажуваат дека враќањето и покрај постоењето мноштво меѓународни конвенции и регулатива е речиси невозможна мисија.
Краток приказ за горливиот проблем на Р Е С Т И Т У Ц И Ј АТА e основната идеја и базична драматуршка архитектоника на долгометражниот игран филм /во подготовка/ „OHRID TRAVEL AGENCY“. Охрид во насловот ги симболизира карактерот на градот и просторот на целото подрачје на географска и етничка МАКЕДОНИЈА, простор пребогат со историја, археологија, скриени подземни архиви и артефакти, но и простор – ветрометина, од кој безмилосно се откопува нејзиното богатство, се разнесува на сите страни на светот, делумно се уништува, што во некоја рака е бесчестие, обид да се разнебити и да не се дозволи испишување и конституирање на македонскиот древен мозаик, една од најбрилијантните страници на светската историја.

Во туристичката агенција „Охрид травел“ во Њу Џерси, која во еден дел е антикварница и сувенирница, има средба и разговор меѓу сопственичката ВЕРА, родена Американка од татко Македонец и мајка Еврејка по потекло од Грција, и средовечниот господин ЏОРЏ – кој се претставува како истражувач на древната историја на Македонија. Тема на разговорот е информацијата за потеклото на еден антиквитет /реплика/, сребрен крст украсен со гравури, изложен во витрина на агенцијата. Во разговорот за предметот – кој според зборовите на сопственичката Вера потекнува од Македонија, ЏОРЏ се надоврзува на одговорот, го посочува точното место на потеклото. Притоа демонстрира брилијантни познавања од археологија и историја. Информациите и знаењата ги стекнал во истражувањата низ библиотеките во Вашингтон и во Њујорк, подготвувајќи научна студија – докторска дисертација за древната историја на Македонија. Тоа го привлекува вниманието на Вера, па нивната следна средба се одвива во елитен ресторан на Менхетн, каде што, со оглед на сродните естетски и интелектуални квалитети, доаѓа до понатамошно зближување меѓу нив.
Џорџ стекнува наклоност и голема доверба кај Вера. Поканет е на вечера во домот на Вера, во елитен богат кварт во Квинс, каде што ќе му биде претставен на 90-годишниот КРИС ТАНОВ, богат Американец роден во Македонија, дојден во Америка пред 80 години. Крис за време на работниот век печалел и тагувал за стариот крај, за родната Македонија, која е распарчена, разнебитена, пљачкосувана од арамии и белосветски авантуристи, кои нејзините богатства бескрупулозно ги краделе, разнесувале и распродавале по белиот свет. За време на животот купувал, откупувал и собрал фантастична збирка на предмети, старини по потекло од Македонија. Меѓу нив се и неколку десетина антиквитети што, според значењето, ја доведуваат во прашање и историјата на целиот Балканскиот Регион.
Целата своја збирка, Крис Танов решава да ѝ ја дарува на родната Македонија. За место на донацијата е одбран древниот град крај синото езеро – ОХРИД.
Донацијата предизвикува интерес во регионот и во светски рамки. Но тоа на многу од соседите, а и на внатрешни непријатели и недобронамерници не им одговара. Се случуваат голем број опструкции и перипетии, закани. Подготовките за донацијата се одвиваат под високо државно покровителство на Република Македонија и САД, земјите стратегиски партнери, кои се дел од овој благороден величествен цивилизациски чин и напор. Има атрактивен пиар, презентации, пресови. Медиумската покриеност и будност се присутни и кај соседните држави, кои не се одушевени од текот на настаните.

Поставката е подготвена во црквата „СВЕТА СОФИЈА“ во ОХРИД. Но вечерта пред отворањето и претставувањето на колекцијата се случуваат кражба и инцидент во музејот. Украдени се десетина /вредни и важни/ антиквитети. Голем дел се вандалски оштетени. Скандал и разочарување. Истрага. Известен е и донаторот КРИС ТАНОВ во Њујорк. Од својот дом во Квинс, неподвижен во инвалидска количка седнат покрај својот омилен антиквитет, визура од Охрид со „Св. Јован Канео“, копаничарско резба во дрво, се јавува преку видеоврска и порачува да не се радуваат и да не ликуваат сторителите и душманите. Сѐ што зеле и оштетиле се само верни копии… вистинските предмети, македонската колекција е на безбедно, кај мене… ова беше само обид, проба, вистинските предмети ќе ѝ бидат дарувани кога за тоа ќе биде време, наскоро… поздрав… да живее Македонија… копаничарската глетка со Охрид и Канео се трансформира во денешна слична визура.

Автор:Аљоша Симјановски