Remote control, zapping – киното е мртво, да живее филмот!

Тридимензионална техника што создава и ја збогатува визуелната перцепција и во нашиот сокак! Тридимензионалната сензација ја враќа публиката во киносалите? Хм!
Одењето в кино во ерата и културата на далечинскиот управувач сѐ повеќе личи на старомодна романтична визита, изјави во една пригода при една посета кај нас Питер Гринавеј, човекот синеаст изнедрен од утробата на филмската магија.
„Неверојатно е како луѓето во ерата на апсолутната медијализација на стварноста и во потрага по квалитетно време и понатаму упорно одат в кино и со трпение седат два часа во темните киносали и гледаат во еден правец. Ерата на класичното кино престанува во 1983-та, за малку пред Орвеловата 1984, кога во комерцијална употреба е пуштен далечинскиот управувач“, подвлече тогаш еретички големиот филмски маг Гринавеј, кој, освен филмови, слика, илустрира, прави инсталации, перформанси, си поигрува со законитостите на филмската уметност.
А „запинг“ е, како што знаеме, оној секојдневен медиумски обред т.н. „сурфање“ по фреквенциите и ТВ-програмите. Тактилно-визуелната наслада што нѐ обзема при честото менување на фреквенциите и ТВ-каналите без координација е во извесна смисла вид медиумска емотивна оркестрација, која доброволно нѐ претвора во своевиден случаен придонес во „културата на далечински управувач“. Елементите содржани во овој специфичен вид интеракција и преобразба се системот од бројки и фреквенции што ги анектираат нашата дневна ажурност и слободна меморија и нѐ заведуваат во книгата на посетители како скромен придонес во историјата на дигиталната ера.

Запинг е повеќе од технологија, повеќе од техничка операција. Запинг е институција на случајни содржински спојувања, зона на апстрактна екстериторијална преобразба, уште една во низата феномени на културата на далечински управувач. Уживањето не е резултат на спознавање на содржината, која ја прифаќаме сама како назнака, туку го пронаоѓаме во компулзивното скокање од една во друга различна егзистенција, случајно и без координација. Притоа, (доброволно) се подложуваме на интензификација на сопствениот ритам на перцепција и несвесно образуваме сфера на алтернативна онтолошка натструктура во спознајниот видик кај себе, како гледач активен чинител. Стварноста се образува (се едитира) и се доживува како еден сублимиран неред со кафкијанско студенило, во кој последиците им претходат на причините, надреална сеанса на масмедиумската метафизика.
Еретичките размисли на Гринавеј беа повод за паника меѓу домашните „филмаџии“ културтрегери и организатори на фестивали и манифестации што не предизвикуваат особен интерес и сѐ повеќе стануваат цел на самите себе. Како што се трендовите на светските фестивали, одлучивме да ја укинеме документарната програма. Доколку има квалитетни филмски дела од документарната програма, тие влегуваат или во кратката или во долгата програма. Но ќе имаме ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика – од оскар до оскар“, се огласија чедата трудбеници и следбеници на документаристот М. Манаки.

Теоретскиот дискурс во појавата на 3Д препознава обид и одговор на филмската индустрија, која е силно загрозена од интернетот и од подемот и демократизцијата (поевтинување) на производство на филмови. Сличен обид е правен и во минатото, со воведување филмски формати како синерама, виставижн и сл. Таа и тогаш и сега, упорно, безмалку го канонизира големиот екран како единствен медиум каде што може да се промовираат визии и генијални синеастички размисли, на големи платна и 3Д-доживувања, стереофонијата…
Но, и покрај сѐ, нека не ги буни овој наслов и ненадеен естетски пресврт на еден долгогодишен филмски работник, туку што поскоро во овие тези да ја препознаеме вистинската димензија на сѐ поприсутната замена на гледање филмови на голем екран со телевизискиот бескрај и технологии на домашно кино, каде што богатството на жанрови и естетска разнообразност, скриени во мрежата, се на располагање секојдневно и без последици по трошење залудно квалитетно драгоцено време. Врската меѓу телевизијата, интернетот и филмот е природна не само на нивото на дистрибуција, туку станува и вообичаен секојдневен допир со неверојатното разнообразие од жанрови и светови што континуирано ја верифицираат онтолошката плуралност.
Вообичаеното продирање на телевизискиот тек во вистинскиот живот не ја одминува ни филмската уметност, во која сѐ повеќе се чувствува стварноста обликувана од ТВ-моделите. Многу од филмските протагонисти на патот кон ѕвездите најпрвин достигнуваат високо ниво на популарност во на изглед етеричната ТВ-површност, за потоа со методите на естетска детоксикација да се доведат до степен на погодна форма за филмска експлоатација.

Една од последиците на „remote control“ навиките, без оглед на драматично „зголемениот“ број на киногледачите и бројот на киносалите, е една неверојатна обратнопропорционална, блискост со филмот. Благодарение токму на демократизацијата на високотехнолошките достигнувања. Без процедури и без силни трошоци, во нашите домови секојдневно се слеваат безброј филмски стории, и затоа не треба да збунува искреноста на Гринавеј кога тврди дека исчезнувањето на киното започнато во предорвеловскиот период е факт. Големиот екран е заменет со милиони мали активни огледала во кои секојдневно втренчено сме загледани и каде што границата меѓу фикциските и емпириските светови станува порозна и постепено но сигурно исчезнува.
А што се однесува до документарниот жанр и негова екскомуникација од фестивалската програма на „Браќа Манаки“, повторно се отвора дебатата за масмедиумската експанзија што реалниот свет, луѓето, збиднувањата, настаните сѐ повеќе ги третира и ги допира виртуелно, но и за вечност ги чува и штити како содржина претворена во бројки пиксели, видеомемореми. Па, така, личностите протагонисти стануваат бесмртни, сеќавањата вечни, болките, радоста, надежите, страдања, умирањата дел од голема видеосимулација, историска градба, втемелена и зацврстена како траен документ сведоштво за нашите премрежиња, лавиринти, искушенија, битисување, опстој.
Документарниот филм – љубов, возбуда, обврска, посветеност.