Разјарениот лав и црвената тупаница

Насловот на текстот сугерира дека станува збор за напишана бајка. Не, не е бајка, туку е опишана една сурова реалност што како зараза се шири низ македонските села и градови.
Илинденските денови, гледано генерално, не понудија ништо ново. Иста цел, само пооддалечено растојание. Се повторува старата политичка слика на долготрајното национално и државно неединство. Македонскиот народ, партиски раскаран и поделен, дури и на празници меѓу себе се среќава на две страни од барикадите, на протести и контрапротести, на митинзи и контрамитинзи. Води дијалог преку полициски кордони, се пресметува со фрлање камења, се плука в лице еден со друг одделен со метални огради и боцкави жици, си пцуе и мајка и шајка. Во доба на компјутеризација, дигитализација, професионализација, каменот сѐ уште се користи како оружје. Фалат уште камата и пиштолот за да се види колку Македонците се вратиле назад во времето.
Сѐ повеќе има знаци дека битката меѓу двете водечки македонски партии, едната власт, другата опозиција, поприма белези на пресметка меѓу спротивставени нецивилизирани племиња, кои беспоговорно ги следат своите главатари и старешини, локални шерифи и селски кметови, своите врачови, своите често измислени водачи за еднократна употреба. Се заострува поларизацијата околу тоа кој е со едните, кој е со другите. Нечии души се мерат на кантарот дали е за едниот или за другиот лидер.
Или си разјарен црвен лав или си црвена тупаница маскирана во жолто, десен или лев, националист или предавник, граѓански демократ или безнадежен простак. Заостанат си ако ја чуваш Македонија, напреден ако очите и џебот ти се свртени кон Запад. Или си со ВМРО или со СДСМ. И обратно.

Не си ништо, нула во општеството, ако не си со едните или другите, на едната или на другата страна. Или си со нас, или си против нас. Другото се орли, разни други симболи, птици, животни. И понекој разбран човек, категорија на луѓе што во Македонија е пред исчезнување. Само ДУИ е блиндиран, него топ не го бие, поцврст е и од гранит.
Во забележлив пораст се нетрпението, меѓумакедонската омраза заканите и одмаздата. И во сето тоа, главното правило е: ако не си со нас, значи си против нас, ти си наш непријател. А познато е: кога луѓето се меѓусебно поделени во неколку различни табори, не е тешко да се изманипулираат, да се свртат едни против други, секогаш кога тоа е во интерес на манипулаторите.
Сѐ што ќе направи едната страна е генијално, историски неповторливо, со европски и светски стандарди и рекорди, сѐ што ќе направат другите е штетно, катастрофално, погубно. Нема заеднички проект, заеднички потфат од општ интерес. Така 30 години, во кои, по секоја смена на власта, сѐ почнува од нула, се негира сѐ што било претходно, од настани до личности, од успеси до порази. Капка по капка се цеди, истекува државата.
Живее ли во Македонија синдромот „или си со нас или против нас“? Постои ли во Македонија, меѓу македонскиот народ, некој консензус за кое било прашање, освен ако го исклучиме согласувањето за влез во ЕУ и во НАТО, иако е сомнително дали и тоа го изразува вистинското мнозинско граѓанско расположение? Кои се тие теми од национално значење и интерес за кои Македонците не се сериозно поделени, за кои би тврделе дека има макар минимум единство, за кои не се суди според тоа дали си со нас или против нас? Името се смени што се смени, спас нема! Што остана друго? Има ли единство околу најелементарните работи што го бележат еден народ: идентитетот, историјата, јазикот, писмото, патриотизмот? Може ли некој, филозоф, академик, познат правник, политичар или историчар, да објасни што значи терминот – внатрешното национално единство? Или тоа е термин за историски анахронизам што веќе заврши на буништето на Владата и Собранието.

Да не зборуваме за спротивставените ставови за образованието, економијата, културата, демократијата, за царувањето на криминалот и корупцијата, за медиумите. Големи се разликите и околу односите со соседите. Може ли една држава да застане на нозе кога секоја година не се знае цената на оризот, на грозјето, на зелката, на сите земјоделски производи? И секоја година да се затвораат патишта за еден ист проблем што се влече со години.
Процесите што се случуваат веќе не се политички фолклор, како што некој сака да ги прикаже ублажено и минимизирано. Битката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може да прерасне во опасна, ризична, политичка игра на штета на граѓаните и на државата. Ако ова не го разбираат претседателот на државата, лидерите на партиите, пратениците што земаат незаслужени плати, тогаш ништо не разбираат. Прерано спијат на европски фалби, можеби ќе биде доцна кога ќе се разбудат. И кој има фајде од тоа?
Толку за Македонија. Следува едно историско потсетување. Фразата „кој не е со нас, тој е против нас‘‘ не е комунистичка руска измислица. За првпат била забележана кон половината на последниот век од старата ера, во граѓанската војна во Рим што се водела меѓу приврзаниците на двајца поранешни пријатели и луѓе што ја делеле власта во еден краткотраен период – Помпеј и Цезар. Наводно, Помпеј, кој се сметал за многу силен, собирајќи војска рекол: „Кој не е со нас, тој е против нас‘‘. А Цезар, откако со една легија го преминал Рубикон, извикал: „Кој не е против нас, тој е со нас‘‘. Епилогот на пресметката е што Помпеј бил поразен, а подоцна убиен, а Цезар станал единствен и многу славен владетел.
Петнаесет века подоцна, разглобувајќи ја анатомијата на таа граѓанска војна, Николо Макијавели го обработил овој пример за да докаже дека во битка за власт се дозволени сите средства. Тој и го формулирал стојалиштето дека секој што стои на патот на реализација на некоја цел, тој се смета за непријател. Значи – кој не е со нас, тој е против нас. Неговиот став е дека владетелите одвреме-навреме треба да измислуваат непријатели за да може власта да се регенерира, да се самоафирмира, да се одржува и да зајакнува уште повеќе. Таа доктрина најпрво ја обнови Сталин во Советскиот Сојуз, ја надгради Бенито Мусолини, кога со плакати со тој слоган ја преплави Италија, а потоа масовно ја прифатија и практикуваа нацистите на Хитлер во Германија.

Последниот важен човек на светската сцена што ја употреби оваа фраза беше американскиот претседател Џорџ Буш Помладиот, во еден од првите гневни говори по уривањето на кулите близначки во Њујорк. Барајќи одмазда за тој терористички акт и повикувајќи ги сите да учествуваат во војна извика: „Кој не е со нас, тој е против нас“, јасно ставајќи до знаење дека кој не е со Америка, тој е против Америка и како таков ќе биде третиран. Таа негова обновена доктрина денес е движечка сила на политиката на Соединетите Американски Држави.
Сфаќањето дека во реалниот политички свет нема неутрални, неопределени, неврзани посматрачи е битна одлика на тоталитарните системи, нацизмот на Западот, сталинизмот на Истокот. Европските вредности налагаат поголема демократија, толеранција, кооперативност и дијалог. Тие се принципите на кои почива една коректна држава, едно пристојно општество.

[email protected]