Протест, референдум, пресврт – македонскиот отпор во 21 век

Зошто демократскиот глас, културата и правото се единствените орудија врз кои може да се потпре народниот отпор против поништувањето на македонската држава и на македонскиот народ? Веднаш на самиот почеток мора да потцртам дека Македонија никогаш не се наоѓала во потешка меѓународно–политичка состојба отколку денес. Договорот Ковачевски–Петков ја донесе Македонија во подредена положба кон друга земја, Бугарија, која ја спори и македонската државност и посебноста на македонскиот народ. За жал, сите тие нивни барање сега имаат и европски печат, а ќе се наоѓаат и под будното око и на другите клучни западни меѓународни чинители на Балканот за да се осигури нивното спроведување на дело (американската и британската дипломатија).
Не треба да се имаат никакви дилеми дека владата на Димитар Ковачевски влезе во овие гнасни и погубни одлуки исклучиво од лични, коруптивни и опортунистички цели, односно за да купат некој ден власт повеќе. Сите приказни за некакви вредности, перспективи и иднини се само еден исушен смоквин лист за да се покрие бедотијата на оваа политичка врхушка.
Исто така, разбирлива е и поддршката кон нив што доаѓа од меѓународните чинители. Веќе никогаш повеќе во македонската историја нема да се случи со земјата да владее толку кусогледа и неспособна влада, толку зависна од меѓународната поддршка и толку одлепена од демократскиот глас на народот и од националните интереси. Ваквите самоубиствени одлуки не ги носат лидери што треба да излезат на соочување со граѓаните на избори, ниту пак водачи што мислат на далекосежните перспективи на сопствениот народ, неговите поколенија и неговиот од низ историјата. Зоран Заев јасно искажа подготвеност да ја однесе својата земја во бездна и во безизлез, па таа шанса меѓународните чинители ја зграпчија, со цел да „решат“ дел од проблемите на Балканот. Нормално, не треба да се имаат никакви илузии дека на сето тоа тие гледаат исклучиво процесно и без никакво задлабочување во суштината на проблемите. Фактот што Македонија внатрешно е скршена како држава, дека уставниот поредок е суспендиран и дека власта нема никаков демократски мандат, едноставно е небитен од перспектива на меѓународните чинители. Тоа си е само наш домашен проблем, но не и нивен проблем.

Како понатаму?
СДСМ, како политичка партија, веќе е целосно истрошена политичка сила и компромитирана идеја. Товарот на серијата национални порази, катастрофи и предавства во кои свесно влегоа, тие не може да го издржат. Минатиот пат ги спаси од целосно исчезнување од политичката сцена интервенцијата за рушење на владата на ВМРО–ДПМНЕ каде што тие беа најзначајна алатка, а потоа и матните зделки на Зоран Заев со „повисоките од надвор“ што го подготвувале. Сега веќе се паднати сите маски и се гледаат сите слабости. СДСМ трајно го изгуби асномското јадро, тој инерцијален момент што им даваше импулс дури и по сите грешки од 1990-тите и раните 2000-ти.
Меѓутоа, во делот на политичките сили што се противат на погубните политики за Македонија веќе одамна е потребно едно јасно идеолошко, политичко и интелектуално расчистување. Не може да се влезе во најтешката борба за македонскиот народ во неговата понова историја со тегови околу нозете. На земјата ѝ претстојат тешки моменти и тоа не е за оние со треперливо срце, свиткан ’рбет и треперливи колена. За мене се сосема разбирливи сите прозивки на македонските општественици, интелектуалци и личности од јавниот живот кон ВМРО–ДПМНЕ, Левица, СПМ, ДПСМ, ГРОМ и така натаму. Веќе никој во Македонија нема трпение за полурешенија, за реторички обланди и за обидите народот да биде пренесен „жеден преку вода“. Потребни се јасни политички пораки дека е завршено со ерата на македонските понижувања во која се случија сите договарања, преговарања, потписи, документи и гаранции што беа против демократската волја на македонските граѓани, а кои кулминираа со погубниот Преспански договор и со неоколонијалниот Договор за добрососедство во Бугарија, сега, за жал, и составен дел од преговарачката рамка на Македонија со Бугарија. Сè додека е „Северна…“, Македонија не може да биде суверена и демократска земја, а спроведувањето на Договорот за добрососедство во Бугарија е јасен процес за поништување на сè што е македонско во Македонија. Всушност, бришењето на македонскиот народ и на сите негови атрибути е само чекорот до бришењето на македонската државност, што е крајната чудовишна цел на Договорот за добрососедство.

Оттука, јавно кажувам дека ќе ги поддржам сите иницијативи на опозицијата и на македонската интелигенција. Сметам дека референдумот може да биде одличен влез во целата борба, но дека претходно е потребна најширока можна консултација со целата демократска јавност, а посебно со стручњаците од сферата на уставното право. Референдумското прашање мора да биде совршено јасно и прецизно, во целосна согласност со највисоките норми на Советот на Европа за спроведувањето на народно изјаснување. Исто така, мојот потпис ќе го има секоја иницијатива на македонската интелигенција за обраќање кон светот околу неправдите што ја снајдоа Македонија. Имајќи предвид дека Македонците се жртва на невина кампања на говор на омраза од соседна Бугарија, би било упатно да се бележат сите тамошни изблици на антимакедонизам и потоа да се процесираат пред сите домашни, европски и меѓународни тела за спречување дискриминација и говор на омраза. Едноставно, не смее да се дозволи „нормализација“ на негирањето на македонската посебност, идентитет, историја, традиција и култура од страна на врвните бугарски политичари, но и од целата тамошна јавност.
Најтежок ќе биде првиот чекор. Бугарија сега ја има преговарачката рамка, со сите протоколи и никој во Европа нема да има ниту една трошка политичка волја да се навраќа повторно на „македонското прашање“. Тука, на оваа точка, ќе ги мериме идните лидери на Македонија. Меѓународните чинители прво ќе велат дека преговарачката рамка е „затворена работа“, па ќе се закануваат со сите алатки на притисок што им стојат на располагање, па ќе се закануваат со дестабилизација на земјата, а некои едноставно и ќе игнорираат. Но идната македонска влада ќе мора да опстои на своето, сè додека повторно не ги доведе сите чинители на преговарачката маса, каде што новите разговори ќе започнат на бел лист хартија, а не на сегашните срамни документи. Тоа ќе биде местото каде што ќе се калат идните македонски лидери. Тие што ќе го издржат притисокот и ќе опстојат на ставот, ќе го водат овој народ во дваесет и првиот век. Оние, пак, што ќе се скршат ќе им се придружат на Димитар Ковачевски, на Зоран Заев, на Стево Пендаровски и на Бојан Маричиќ во темните сокаци каде што ќе се кријат од сопствениот народ.
Македонија зачекорува во првата битка за враќање на сопственото достоинство. Македонскиот народ со денови чекореше на улиците за да го искаже својот отпор против понижувањето. Започнува нов и трнлив пат до третото заседание на АСНОМ, чинот каде што Македонија ќе си го врати сопствениот суверенитет, ќе ја обнови својата државност и повторно ќе ја воспостави својата демократија.

Автор: Ивица Боцевски