Прокси-факторот на потенцијалниот конфликт во Украина

Пред нешто повеќе од осумнаесет месеци корпорацијата РАНД, по налог или спонзорство на заменик-шефот на копнената војска на САД, објави студија за процена од исходот од евентуалниот напад на Русија врз Украина. Додека многумина од работите во студијата ги земаат како фактор речиси сите работи што ги зборувавме, она што е интересно за нас е дека многу ретко во која било од анализите (како на пример последната на Институтот за студирање на војната од пред еден месец) го зема како фактор регионалното дејствување на Русија. Кога мислам на регионалното дејствување мислам на тоа дека многу малку се анализираат синхронизираната дејства на Русија и Кина како евентуален фактор во подготовката на теренот многу пред и воопшто да се пристапи кон воени дејства, ако и во општо има потреба од тоа. Следен фактор што боде во очи во постојните анализи (најверојатно под инерција на конвенционалната мудрост) е дека најголемиот дел од нив, иако не сите, инсистира дека Русија ќе има офанзивен пристап во Украина. Тоа во превод би значело класично распоредување на вооружените сили и класични воени дејства со маневар и удар. Иако никогаш не вели никогаш е правило што секогаш остава отворена можноста за некакво дејство во оваа насока, лично мислам дека ваквите анализи не се целосни и поради тоа даваат поинаква слика кај јавноста за целиот можен исход. Она што со другите инструменти на моќ Русија мошне вешто го користи, а тоа беше случај и пред заземањето на Крим, се прокси-силите во околните региони каде што Западот има интерес, а каде што Русија сака да го шири своето влијание.
За нас интересот од овој контекст на анализата е присутен бидејќи ние сме дебело на оваа мапа, а тука, драги мои, се и Босна, Косово, Црна Гора и секако регионалниот, веќе со право, воен хегемон во регионот Србија. Во таа насока, малку подлабоко би требало да се анализираат и другите за Русија поблиски или непосредно интересни територии, како Молдавија, Романија, Бугарија, понатаму Казахстан, Белорусија или, пак, Осетија и Абхазија, но и во добар дел од Балтикот, кој некако се подзаборава во последно време.

Овие подрачја, заедно со постојаниот притисок на внатрешно еродирање преку обиди за дејство од политичката опозиција, се жешките точки што може да ѝ го загрозат животот на Русија и од каде што мечката би требало да се цеди. Toa, историски гледано, се територии каде што вазалната поддршка Русија ја загуби во 90-тите години од минатиот век. Сепак, изминатите години Русија се приспособи на дипломатско, притаено, корумпирано економско и пропагандно дејствување, за да го компензира она што во класична смисла не може да го оствари – влијание од позиција на моќен хегемон како СССР. Во таа насока, се чини дека Путин веќе почна да ги влече потезите, па, случајно или не, да затвора одредени пристапи или истовремено да ги зазема териториите што имаат силна одвраќачка порака за Западот, но истовремено се и подготовка за комплетирање на мозаикот од неговата стратегија. Наједноставно, за да се разбере Путин, е дека тој воопшто не планира масовен блицкриг врз Украина. Наместо тоа, тој ќе оди на етапно синхронизирано освојување простор преку маневар, пропаганда – заради дефокус и други економски (пред сѐ во енергетскиот и аграрниот сектор) мерки што ќе го тестираат либералниот комфор. Во тоа геостратегиско разместување, Путин дебело ќе смета на прокси-силите што виртуелно може да ги контролира или, пак, да ги поттикне преку артикулација на грешките и гревовите на либералниот свет. Кон овој став, за волја на вистината, има две гледишта. Прво оние што сметаат дека овој метод може да биде многу посилен адут за Путин. Второ, пак, дека Западот одамна веќе го има предвид потенцијалното регионално дејствување на Русија и дека тоа е апсолвирана приказна во поддршката на евроатлантските аспирации на Украина (независно од ставот на Русија).
Поради просторот што го имам за насловот, но и интересот (иако одредени региони во моментот се многу порелевантни), ќе се обидам да ја објаснам тежината за дејствувањето преку Балканот и во тој контекст да ја разгледаме можноста за дестабилизација и дејствување. За Русија, или барем тоа што го гледаме во изминатите десетина години, е од особена важноста географијата.

Таа има и оперативна важност, бидејќи со разместување воен арсенал на одреден географски простор делумно се анулира предноста на Западот (маневар и оперативен досег). Воените стратези во Русија многу добро го знаат тоа, особено кога е во прашање ефектуирање на просторот во сопствена корист и анулирање на предноста на Западот. Прокси-силите во овој сегмент се значајни од можноста за директна поддршка на евентуален масовен конфликт, логистика, дури и дејствување во име на Русија, и тоа децентрализирано и асиметрично преку мрежа од корисници што функционираат како хидра, не вертикално. Тоа, пак, е проблематично, бидејќи тешко се докажува за да може либералниот „десижн мејкинг“ да се мобилизира и да носи одлука. Во практика, преку дејствувањето под прагот на класично воено дејствување се прави инхибиција во носењето брзи одлуки во западната коалиција против Русија – особено заради концептот на носење одлуки во западниот свет.
Во однос на евентуалниот конфликт, но и во практика на позиционирањето, непосредните територии од приоритетен интерес за Русија се граничните региони. Ние, Балканот, не сме во таа мапа. Распоредувањето во Белорусија е стратегиски потег, кој може да биде следниот чекор по настаните во Казахстан. Следен значаен сегмент како во Крим се силите во Источна Украина и, секако, оние што се веќе под оружје во оспорените територии, каде што има кревко примирје од 2020 година. Додека овие сили се од особено значење, индиректните сили што се потенцијален мултипликатор на дејство се и големите проценти на малцинства во дел од земјите-членки на Унијата и НАТО, а се во граничните подрачја со Русија. Индиректни бидејќи на крајот на краиштата тие се „транслатори“ и засилувачи (рецептори, но и „емитери“ на пропаганда што го таргетира јавното мнение во регионите каде што дејствуваат и живеат, преку артикулација на локалните проблеми и предизвици).

Со тоа, тие се потенцијални инхибитори на демократското одлучување бидејќи на крајот на краиштата либералните политичари се ранливи на јавното мнение кое значи мандат, а за што се потребни гласови. Времето за Путин, оттука, е ирелевантно, но за либералните лидери е значаен фактор, бидејќи тие се со мандат од 2 до 4 години. По втората година од мандатот (ако им се погоди коалицијата), се даваат на популизам и трчаат да им удоволат на гласачи чие мнение и мислење ретко ги контролираат. Со други зборови, наместо со геополитика, се занимаваат со локални проблеми. Дејствувањето преку корупција на либералниот модел на дејство со мека моќ, како што се дејства преку цивилниот сектор (дури и ултраопцијата преку приватни безбедносни воени компании), е веќе добро пробано во Африка и Крим. Сепак, иако многу послаб адут се и регионите како Балканот. Овде, случајно или не, центрифугалните сили се во подем. Реториката е изострена, а богами кај северниот сосед се пумпаат и мускулите, и тоа баеги. Приказната е малку загрижувачка, што и оние што се перципираат како миленичиња на Запад се поставуваат на курсот што распламтува емоции или заговараат некакви форми на големи држави (во каква било форма и колку и да изгледа наивно тоа).

Иако тоа само по себе е тема за сериозна анализа во контекст на Украина и Русија, за ваквите настани има два курса на акција. Првиот е дека регионот може да биде сериозен проблем за Западот преку засилување на пропагандата, која наративот бргу може да го претвори во акција. Клиентелизмот, корупцијата и локалното деспотство што политичките елити на Балканот го инсталираа во име на евроатлантските вредности и интеграции и акумулирање сериозна социјална моќ корумпирајќи го сето она за што проповеда либерализмот (па дури и граѓанскиот сектор, а за медиумите да не зборуваме) се просторот што е цел на освојување. Другата страна на приказната е дека Западот, како и во Украина, многу добро го има апсолвирано сето тоа и токму на клиентелизмот и деспотството што ќе го користи како енергија за приказната со морковот и стапот (бидејќи ќе нема друга опција) ќе „рачуна“ на лојалност против Русија. Независно што од ова ќе преовладее, ние што сонуваме за вистинска демократија, или сеедно систем на вредности, ќе воздивнуваме и ќе се молиме, не дај боже, да не дојде до нешто посериозно.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.