Преживувањето на меѓународното право, геостратегискиот натпревар и Путин

Денес многу актуелно по медиумите, покрај другото, е потенцијалното активирање на меѓународното кривично право, со цел изведување пред лицето на правдата на потенцијалните (заради пресумцијата на невиност) извршители на воени злосторства од страна на руските вооружени сили или силите под нивна команда. Во таа насока е и импликацијата или изјавите дека и Путин треба да биде осуден за воени злосторства. Пред да ја објасниме причината зошто ова барем засега изгледа тешко остварливо во практика, би подвлекле дека тоа е истото она против кое, барем од изјавите што ги слушаме од Путин, и Русија на чело со него ќе се залага во иднина – значи системот што го поддржува таквиот пристап предводен (иако не ексклузивно) од либерално-демократскиот свет.
За да ја разгледаме конкретната тенденција – ситуација во практика, ќе ја направиме анализата на меѓународното право што се однесува на меѓународни кривични дела и ќе видиме кои се изгледите за неговата примена во практика. На Путин за овие дела хипотетички би му се судело, прво заради командна одговорност и второ заради водење агресивна војна. Попрецизно, во вториот случај (кој, иронично, во практика е воспоставен на иницијатива на поранешниот СССР) би требало да му се суди за неправедна употреба на сила врз друга држава. Да тргнеме по ред. Имено, врз основа на истражувањето што го направиле членови на „Хуман рајтс воч“, а особено по пронајдените тела од цивили што ја згрозија јавноста, гласините за испитување потенцијални воени злосторства се засилија. Ако се докажат овие дела, според меѓународното право се меѓународни кривични дела, кои спаѓаат во групата воени злосторства.
Во согласност со меѓународното право, намерно и свесно убивање цивили, силување, мачење, било на заробен непријателски војник или на цивил е воено злосторство. Во ваков случај мора да постои командна одговорност. Во исто време, Русија има обврска да спроведе внатрешна истрага за наведените случаи. Командантите што нема да преземат мерки за тоа во согласност со меѓународните принципи и правила исто така ќе имаат лична одговорност за непреземање дејства. Идејата за ваквата увертира на оваа расправа е да го потенцирам фактот што го подвлече и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – дека иако може изгледа дека не е така (или како што сакаат да нагласат голем број хуманисти, војната е нечовечна и тука нема правила), сепак, војната има правила.

Тие правила се изградени преку обичаи – како обичајни норми, познати и како јус когенс – или општи принципи на правото што се прифатени како такви од цивилизираните народи и за кои Меѓународниот комитет на Црвениот крст или други релевантни тела, како што е комисијата за меѓународно право при ООН, дале мислење или став дека одреден принцип е на ниво на обичајно право. Следно, правилата се втемелени во договорите (со кои се регулираат методите на војување, како што се дел од Хашките правила на војување, заштита на учесниците во оружените конфликти, четирите женевски конвенции, Дополнителните протоколи I и II, и договорите што регулираат ограничување употреба на одредени средства за војување и одредени видови муниција – на пример Конвенцијата против употреба на антиперсонални мини од Отава. Притоа, за дел од овие договори се вели дека е целосно на рамниште на општи принципи на правото, а за дел се вели дека е само на ниво на договорно право. Дел, пак, од овие договори содржи одредби или норми што се „кодификација“ или „прогресивен развој“ на обичаите – значи обичајот е втемелен и пропишан – кога има кодификација или, пак, дел од обичајното правило се променил при кодификација со прогресивен развој. Преостанатиот дел од договорот во таквите случаи е само на ниво на договорно право. Притоа, потенцирањето на тоа дали одредена норма е на ранг на договорно право или не е од причина што општите принципи или оние договори што се на ранг на обичајно право или имаат јус когенс норми се применливи за сите држави. Без разлика дали државата ги потпишала или не. Договорите за кои се вели дека се на ниво на договорно право, пак, се применливи само за државите што се согласиле со нив – ги потпишале, усвоиле, ратификувале и ги втемелиле во домашното законодавства преку процес што некои го нарекуваат „доместификација“. Овие договори важат само за земјите што ги потпишале и усвоиле или дале согласност дека ќе ги почитуваат – значи се обврзале со нив. Такви се на пример Дополнителните протоколи I и II на женевските конвенции од 1949 година. Но битно е да се нагласи дека во овие договори има членови што претставуваат кодификација на обичајните правила јус когенс и тоа значи дека овие правила, без разлика што одредена земја не е потписник на Договорот, ќе важат и за неа. Таков на пример е Дополнителниот протокол I, на кој САД, но и некои други поголеми држави, не се потписнички. Тоа значи дека одредбите или членовите што не се на ранг на обичајно право од овој протокол нема да важат за САД.

Но одредбите, како на пример членот 75, кој се однесува на обврската за хуман третман, важат и за САД, без разлика што не го усвоиле овој договор (иако е интересно што се потписници на него, но не го ратификувале). Во исто време, САД во неколку наврати демонстрирале дека ригорозно ги казнуваат сите припадници на вооружените сили за кои ќе се докаже дека ги прекршиле правилата на војување. Иако ова е дел од прописите, имплементацијата на правото е предизвик на меѓународен план – тука е и проблемот со тврдењата. За да се надмине овој вакуум на извршна власт на пример, во практика државите формирале ад хок трибунали. Такви се Нирнбершкиот и Токискиот – по крајот на Втората светска војна, или, пак, Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија (International Tribunal for the former Yugoslavia – ICTY многу познат на овие простори), Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда (International Criminal Tribunal for Rwanda (ICTR), Специјалниот суд за Сиера Леоне (the Special Court for Sierra Leone (SCSL), Специјалниот трибунал за Либан (The Special Tribunal for Lebanon (STL), Вонредната судска комора – (the Extraordinary Chambers in the Courts of Cambodia). Сите овие ад хок трибунали се со мандат на ООН. Значи, ги формирала ООН. Паралелно на овие трибунали, со Резолуција на ООН, од 17 јули 1998 година е формиран и постојаниот Меѓународен кривичен суд. Овој орган на тој начин е резултат на договор на државите-членки на ООН. Секоја држава своеволно пристапила кон усвојување на Статутот на Судот, кој е познат како Римски статут. Статутот е резултат на долг и макотрпен процес, кој се одвивал под покровителство на Генералното собрание на ООН од 1945 до неговото усвојување на дипломатската конференција во 1998 г. По тоа, овој статут, кој всушност е договор, е отворен за потпишување и за пристапување. Во членот 2 од Статутот е предвидена и соработката со ООН. Тоа значи дека Судот е независен од ООН. Односот помеѓу Судот и ООН е одобрен од страна на Генералното собрание со посебна резолуција. Во склад со Повелбата на ООН, Поглавје VII, како и во склад со членот 13б од Статутот, Советот за безбедност може да поднесе претставки до обвинителот при Меѓународниот кривичен суд (на ова ќе се навратиме подолу).

Е, сега, иако има уште доста објаснување за да се разбере поентата на идејата за да се поднесе обвинение против Русија и пред сѐ Путин, проблемот е што во практика Русија не е членка на овој договор. Со тоа, Меѓународниот кривичен суд нема јурисдикција по оваа основа врз Русија, следствено и врз Путин. Следна опција е ако Советот за безбедност поднесе пријава-претставка до обвинителот на Меѓународниот кривичен суд. За да се случи тоа, пак, Советот за безбедност мора да донесе одлука, но Русија нормално ќе стави вето на тоа. Како следна варијанта, која пак заглавува во ќор-сокак поради правото на вето, е да се формира ад хок трибунал. Конечно, како варијанта што во вакви услови е далеку од можна е да се следи преседанот со резолуцијата Обединети за мир, со која се заобиколил СБ на ООН и Генералното собрание донело резолуција со извршна сила – дало налог за распоредување сили на ООН. Оттука, кога се во прашање големите сили, како Русија во случајот, станува јасно дека Меѓународното кривично право во практика, покрај другото, зависи и од дипломатијата и политиката. Ако кон ова го додадеме и фактот дека треба да се апси нуклеарниот Путин, веројатноста во практика тежнее кон нула.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.