Автор: Мирослав Пендароски, психолог и универзитски професор

Во психологијата постои феномен на т.н. празнична депресија – чувство на осаменост и празнотија што се јавува во очи големи празници во кои луѓето се здружуваат, собираат и празнуваат заедно. Ова чувство најчесто се јавува кај луѓе што се чувствуваат осамени од најразлични причини – изгубиле некој важен, не се со вистинските луѓе, буквално немаат никого итн, итн. Која и да е нивната/вашата причина, знај/те едно – гледајте да не го изгубите оној што ви го светнал лицето повеќе од најсветло наместениот постер! Оти ниедно вештачко светло не е поблескаво од вашите очи во темните денови!

Беше тоа уште еден вообичаен „зимски” ден во главниот град на провинцијата Дарданија. Права зимска идила што би се рекло, некаде 14-15 степени Целзиусови, помешани со магливи вечери и смог од оџаците развиорени од двете страни на градот под калето. И така, во тој „зимски” претпразничен ден во градот на некогашната забава се случуваа новогодишните празници. Од едната страна мирисаше на костени потпечени на плоштадот на незнајниот јунак на коњ, а од другата страна, по кривулестите стрмни калдрми мирисаше на убава скара и по некоја тулумба. Но, одамна веќе во градот на честитките, единствени што си честитаа останаа најблиските, а од честитки абер немаше, нив ги беа замениле светкавите украси во големите молови што се ширеа низ градот на маглата, небаре сè отишло во „ветер и магла”…Е токму во тие дни, поточно баш тој ден, една млада госпоѓа во своите рани триесетти, цупкаше низ улиците на метрополата, нога за нога, со своите ситни чекорчиња пркосејќи на залепениот асфалт од плуканици и смог. Одејќи така по булеварот на партизаните, на еден свиок кон булеварот на Илинденците, на неа буквално налета, и се испречи еден огромен постер, реклама, или какво чудо ли да беше.

И не беше тоа нешто ново во овој град на премрежињата и промените, во овој град на љубовта и липите распослани меѓу редовите возила. Не, не беше тоа нешто ново.

Уште по распадот на Титовата земја почнаа да никнуваат некакви си големи, нови паноа со големи слики што светеа. Тогаш, нам, на децата на 1980-те, тоа ни беше возбудливо и ново. Но, сега ги имаше повеќе и тоа на секоја следна бандера или специјално поставен постамент токму за таква намена.

Но, она што беше интересно беше сликата на големата реклама. На неа беа распослани четири ликови: мајка што во рацете држеше едно дробнаво машко детенце, насмеано до уши, (кое не оти разбира што се случува!) и што задоволно гледа во камерата небаре велејќи ѝ – јас го остварив својот сон.

Татко, кој во своите раце, покрај клучот од големото возило, едвај додржуваше шест големи пакети подароци во различни бои и форми, а кои, очебијно беа наменети за неговото среќно семејство и едно поголемо девојче на десетина годинки го што држеше со едната рака татка си, кој го водеше кон ширум отворената врата од прекрасниот дом, а со другата рака го галеше своето помало братче.

И да, на прва тоа беше прекрасна слика, всушност некаква рекламна порака колку е семејството важно, но, секако, ставено во контекст на некаква голема странска куќа на штедењето, која, нели, многу нормално даваше големи кредити на средната класа, ако таа сè уште и постоеше во градот на соцмодернизмот.

Да, немаше ништо спорно во тоа големо пано, и човек би се замислил зошто оваа млада госпоѓа некако трогателно се издиша и застана пред оваа голема слика, најпрво погледнувајќи ја со восхит, а потоа издишувајќи се и свиткувајќи се како да се издишала во стомакот, навалена на своите колена на кои се потпре со дланките. Како да премале во мигот, нешто ја пресече. По првичната среќна насмевка пред огромната порака на потрошувачкото општество, одеднаш нешто ја жегна во желудникот, некаква необјаснива мака ја снајде и се згрутчи, се собра како што засрамен човек се собира и смалува пред некој си голем авторитет. Погледна наоколу дали некој ја гледа и забележа само дека сите други си поминуваа туку така пред сликата држејќи некого за рака, па дури тоа да било и нивното милениче.

Некој од нив одеше со своите другари/ки, со некој колега, имаше и понекое расеано семејство (не онакво како на сликата, се разбира), дури и по некој самец што доволно си свиркаше под капата која ги покриваше ушите на кои висеше полуразлабавената и смрдлива маска. Како само таа да беше загледана во огромната вистина на сликата и од некоја чудна причина не знаеше зошто се чувствува како да има температура, треска или некакво слично органско провидение од кое човек в час снеможува.

Си продолжи по патот, отиде на сосема друга улица со некакво револуционерно име, оти во градот на револуцијата сите улици се викаа со имиња на херои, додуша во поново време и со имиња на сомнителни ликови, ама нејсе, како и да е…

Дојде до својата уличка, ја отвори влезната врата од својот дом и влезе во полузатопленото станче, спуштајќи ја ролетната од големиот прозор, небаре се плашеше дека луѓето од околните згради ќе ја видат нејзината тага. Да, тажна беше. Се струполи на каучот, кој беше преголем за еден, а премал за двајца и потона во самоизмачувачки мисли – зошто се чувствувам вака?! Како се повредив од таа слика?! Се редеа низа прашања што не беа одговорени уште од времето кога не се насекируваше на такви среќни слики оти не беше сама, не беше сама, онака вистински, внатре, во душата…

Мислеше дека времето лечи сè и дека хронологијата ќе си ги избрише самата старите слики и ќе направи место за нови, поубави, посреќни, полесни, онакви како на големото пано. Мислеше дека е доволно само да се покрие со јорганот и утре кога ќе стане, сè од вчера ќе биде веќе завчера, мемливо, старо и безопасно…

Помина така долго време од ноќта во која се измачуваше со своите грешки, избори, размисли, теории, социокултурните притисоци и што ли не друго, таму, таму, во градот под крстот, градот на среќата и тагата, градот во кој се мешаа старото и новото без да си сметаат, а сепак не беа другари меѓу себе…
И токму пред да заспие, под прагот на нејзината врата се најде завиткано ливче, напола, како порака од негде, од некого. Ја зеде во подослабената дланка, ја отвори и прочита – Сама си, ама тоа не ти пречи! Осамена си и тоа те убива! (во П.С. на пораката пишуваше – Не те боли сликата на лажно-среќните ликови, ами болката што секоја нова година ја остава како потсетник на сопствените избори!)

Одеднаш се разбуди, сфати, разбра и се сепна – да, сликата ме боли оти ме потсеќа на реалната среќа, која колку и да не изгледаше така, всушност, јас така ја чувствував! И вистина, некои лажни слики нè потсетуваат на огромна и вистинска среќа што сме ја имале и која не светела како таа на сликите, ама топлела многу повеќе!

Ах, колку е „чуден” овој свет…Во истовреме, малку позападно во хардкор-населбата, еден средовечен маж кој не беше сам, се загледа во истото пано што беше реплицирано на десетина места во градот на Јустинијан, се замисли и си рече – Ах, колку сум осамен!

Градот на смогот и вревата заспа. Над планината, која растеше од неговиот центар, се спушти темна завеса. Гугутките замреа, а бувот од блиската бандера злокобно потсетуваше дека многу нешта што болат се невидливи, додека низ улицата на партизаните поминуваше комбето со тазе леб.

П.С. Во психологијата постои феномен на т.н. празнична депресија – чувство на осаменост и празнотија што се јавува во очи големи празници во кои луѓето се здружуваат, собираат и празнуваат заедно. Ова чувство најчесто се јавува кај луѓе што се чувствуваат осамени од најразлични причини – изгубиле некој важен, не се со вистинските луѓе, буквално немаат никого итн, итн. Која и да е нивната/вашата причина, знај/те едно – гледајте да не го изгубите оној што ви го светнал лицето повеќе од најсветло наместениот постер! Оти ниедно вештачко светло не е поблескаво од вашите очи во темните денови!

Посветено на сите што се бараат себеси!