Потребни се брзи и конкретни акции за заштита на стандардот и здравјето на граѓаните

Актуелната криза во Македонија треба да биде поттик за проширување на континуираната поддршка на старите луѓе и за создавање уште подобра меѓугенерациска соработка и соживот

Во светот и во нашата земја пандемијата на коронавирусот од 2019 година веќе стивнува, но здравствената, економската и енергетската криза и натаму се многу актуелни. Проблемите станаа уште поголеми поради војната во Украина, која предизвика продлабочување на енергетската криза, што доведе до зголемување на цените на нафтените деривати и на основните прехранбени и други производи. Тоа значително придонесува и за зголемување на инфлацијата и сиромаштијата, која во Македонија добива загрижувачки размери. Досегашните антикризни мерки на основните прехранбени производи завршија и од 1 јуни, лебот, брашното, тестенините, шеќерот, путерот, оризот, млекото, месото, јајцата и оризот се продаваат со нови цени, во просек зголемени од 5 до 15 отсто. Нафтените деривати имаат досега највисоки цени. Од 1 јули се планира и нова зголемена цена на електричната струја за стопанството и домаќинствата, со што инфлацијата се очекува да биде близу 20 отсто, што најмногу ќе ги погоди најранливите категории граѓани. Всушност, ваквата скапотија и инфлација не само што ја намалува реалната вредност на платите и пензиите туку создава и загрижувачка категорија граѓани што немаат основни можности за живеење. Особено на удар се пензионерите со мали пензии, вработените со ниски и нередовни плати, невработените и оние што не се работно способни и се социјални случаи. Кај оваа категории граѓани примањата не само што им недостигаат за секојдневно снабдување со основни прехранбени продукти туку и за лекови, кои за нив значат живот. Севкупниот број на загрозени лица се покачува на близу 600 илјади или околу 30 проценти од вкупното население. Решавањето на овој несомнено голем проблем треба да биде една од најприоритетните задачи на сите одговорни фактори во државата. Потребни се брзи и конкретни акции. Покрај нови антикризни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, потребни се и социјални пакети на најранливите категории за да можат полесно да го совладаат товарот од енормниот раст на цените.
Сето ова треба да биде аларм за зголемени активности и на сите хуманитарни, пензионерски и други масовни невладини организации и особено на македонскиот Црвен крст. Овој пат ќе се задржам на активностите и дејствувањето на оваа многу значајна хуманитарна организација, која постојано се грижи за голем број категории граѓани, за чија добросостојба дејствуваат волонтери предводени од соодветни експерти. Актуелната криза во Македонија треба да биде поттик за проширување на континуираната поддршка на старите луѓе и за создавање уште подобра меѓугенерациска соработка и соживот.

Деновиве со дефилето на хуманоста „За Скопје со љубов“ симболично беше одбележана 77-годишнината на постоењето на Црвениот крст на Град Скопје, што, за жал, не наиде на соодветен третман во медиумите. На дефилето учествуваа повеќе од 1.000 лица волонтери на градскиот Црвен крст и на петте општински организации, како и корисници на нивните услуги. На плоштадот „Македонија“, учесниците формираа „жив“ црвен крст – симболот на организацијата. Тоа беше и потсетување дека во оваа организација во текот на целата година се организираат многубројни акции и активности, вклучувајќи и за најранливите групи граѓани, за кои оваа грижа придонесува за позитивна промена во нивниот живот. Со поддршката од Град Скопје, воведена е услугата за превоз на лица со посебно опремени наменски возила, наменета за стари изнемоштени и лица со инвалидитет. Во главниот град успешно работат и дневни центри за старите луѓе. Социјалниот сервис „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“ на Црвениот крст на Град Скопје, обезбедува грижа и здравствена заштита за повеќе од 1.000 лица на месечна основа, кои ги користат услугите на центрите, како и за повеќе од 200 стари и изнемоштени лица во домашни услови. Деновиве во рамките на кампањата „Свет полн со добрина и со можности“, НЛБ банка за сервисот донираше повеќе од 700 додатоци во исхраната, витамини, минерали, препрати против остеопороза и други неопходни додатоци во исхраната наменети за унапредување на здравјето на лицата во третата животна доба. Пандемија на ковид-19 покажа дека токму старите лица се најранлива целна група на која им е неопходна постојана и засилена поддршка, која ќе придонесе за подобрување на нивната здравствена состојба. Се налага потреба вакви донации да остваруваат и други познати фирми од нашата земја
Црвениот крст на Македонија и Министерството за труд и социјална политика се партнери во тригодишниот проект,,Поддршка на инклузивниот развој на услуги во заедницата за долготрајна нега“ преку вклученост на повеќе чинители, поддржан од Европската Унија преку програмата „Вработување и социјални иновации – ЕаСИ“. Со овој проект се овозможува соодветна нега за старите лица, кои поради когнитивни или функционални нарушувања имаат потреба од соодветна медицинска помош. Во осум општини успешно се спроведува и проектот за нега на старите лица, а дополнително со поддршка од Светската банка оваа услуга за граѓаните ќе се овозможи во уште осум општини. Промовирана е програмата „Итно копче“, наменета за обезбедување сигурност на постарите лица над 65 години кога има потреба од итна медицинска помош во домот или надвор. Истовремено, во рамките на заедничкиот проект „Зајакнување на отпорноста на стари лица и лица со попреченост за време на ковид-19 и идни катастрофи“, поддржан од: Европската Унија, Австриска агенција за развој и австрискиот Црвен крст, ќе се поддржат 1.000 корисници со право на гарантирана минимална еднократна помош во висина од 4.685 денари.

За населението погодено од војната во Украина, македонскиот Црвен крст досега испрати 1.200 пакети храна и 800 пакети со хигиенски препарати во вредност од 3.290.000 денари, обезбедени од граѓани, од компании, како и од сопствените резерви. Се настојува да се создава и похуман однос и помош и за бегалците од Украина што се наоѓаат во нашата земја. Засега се евидентирани 307 лица, а за нивните основни потреби – облека, храна, средства за хигиена, здравствени услуги и изучување на македонски јазик претежно, се грижи Црвениот крст. За време на летниот период се планира во една смена одмор и за децата од Украина во одморалиште во Струга.
Секако, во контекст на новите кризни услови, се налага потребата од натамошно унапредување и развој на работењето на македонскиот Црвен крст за уште поголемо исполнување на хуманитарната мисија и за нов придонес за подигнување на нивото на здравствената култура и јавната свест.

Драги Аргировски

(Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба)