Последното од Украина и стравот од геостратегискиот натпревар на големите играчи

Иако можеби оваа колумна требаше да дојде малку порано, целата хистерија околу Украина си го стори своето. Пред да преминам на она за што сметам дека треба да дебатираме надвор од матрицата на кликбајт-новинарството или мејнстрим-медиумите, каде што најдоа, барем привремено, тема за развивање теории (додуша донекаде и оправдано), да сумираме што е тоа што круцијално овде, преку овој медиум, го предвидовме и рековме за и околу Украина.
Прво, и можеби најбитно, е дека ако остане состојбата како сега (значи со овие параметри на процена), масовна инвазија од страна на Русија во Украина нема да има. Тоа, впрочем, на почетокот на неделата дојде и како освежување од страна на Украина, која ја спушти топката по тоа прашање. Сепак, деловите од источна Украина што се под руска контрола или контрола на проруските сили ќе итаат кон автономија. Второ е дека силата на Русија е експоненцијално поголема од онаа на Украина (која, внимавајте, ја има најголемата армија по број на лица во Европа). Тоа, драги мои, пред две недели на прес-конференција (сепак по нашиот став) го изјавија не кој било аналитичар, туку државниот секретар за одбрана на САД, Лојд, и началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, генералот Мајли. Во тој контекст, факт е дека украинскиот народ како и секој друг ќе ја покаже жилавоста и ќе го врати ударот, но прашањето е по која цена. Бројот на жртвите, материјалната штета и каскадните ефекти (бегалска криза, економско-енергетски или аграрни земјотреси и сл.) се многу реални за очекување. Технички оперативно, за да биде посликовито, брзината со која руските сили би напредувале нема да може да се спореди со брзината со која ќе може да отстапуваат украинските сили. Трето е дека за Путин е битна географијата. Во тој контекст е и најавата од пред повеќе од еден месец дека во Белорусија ќе се распореди системот за противвоздушна одбрана „Триумф“, или познат како „С-400“. Само за потсетување, според тактичко-техничките карактеристики (иако не е тестиран во практика – под она што би се рекло борбен стрес), максималниот хоризонтален дострел на овој систем, кој, внимавајте, се води како дефанзивен, е 400 км, а во вертикала е до 35 км.

Во еден дивизион, според пресметките на организациско-формациската структура, би требало да има по две-три батерии (ранг иако не по бројна состојба на чета), со 8-12 лансирни станици и околу 48 ракети подготвени за моментално дејство од маршовска положба (од движење). Според информациите, два вакви дивизиона веќе извршиле оперативен маневар од Далечниот Исток (околу 10.000 км). За да им биде појасно на читателите, тоа значи дека ако бројките се точни, овој систем го покрива просторот до сите балтички држави, до Полска, вклучувајќи ја и Варшава, Словачка и, секако, до цела Украина. Теоретски, супериорноста на овој систем е во тоа што кога би дејствувал на полковско рамниште, би можел да одговори на 96 ракети истрелани едновремено во радиус од 400 км. Во информациите за последниот оперативен маневар (кој, наводно, е за вежбовни активности), тука се и една или две ескадрили на ловци „Су-35-С“, од четврта плус генерација, и еден дивизион вооружен со системите „Панцир-С“. Четврто е дека преостанатите инструменти на моќ (информациите-дезинформациите, економијата и дипломатијата) ќе играат значајна улога во тоа како ќе се решава спорот што се појави помеѓу Западот и Русија околу Украина. Петто, во ова надмудрување „под радарот на масовен оружен конфликт“, прокси-силите и хибридниот начин на дејствување ќе имаат многу битна улога. Ако тоа според некои е конфликт, што реално е, тогаш тој, драги мои, е почнат поодамна, не е од сега. Во таа насока, не се исклучени и одвоени оружени инциденти, инциденти на саботажа на критична инфраструктура, редица хакерски напади, масовни кампањи на дезинформации и пропаганда, економско-енергетски и, конечно, дипломатски надмудрувања. Овде е битно да повториме дека регионите како нашиот не се примарни, но може да станат дополнителна линија на напор и проблем, ако затреба. Тоа на Западот, особено на САД им е јасно како ден и во таа насока веќе преземаат соодветни мерки. Мора да се подвлече дека САД, за разлика од некои видувања, демонстрираа значително поголема решеност околу Украина, бидејќи, како и за сѐ (на пример, заканата од тероризмот), многу порано ја сфатија опасноста од европската опиеност од луксузот на удобниот живот. Шесто, Европа како и многупати досега по однос на критични безбедносни прашања нема да биде единствена. Видете го Макрон и мислам дека тоа е доволно. Дополнително, тој тренд преку интервенциите во БиХ, Косово, Авганистан, Ирак, Сирија и Либија ќе продолжи и понатаму, што ќе создава отворен простор што ќе го пополнат играчите во геостратегискиот натпревар.

Дополнително, системскиот „глич-фалинка“ на евроатлантските интегративни процеси што се експлоатира од уникатната креативност на балканските ситни и алчни души што глумат регионални хегемони е само уште еден фактор што ќе продолжи да се користи како додадена вредност во целата магла околу Украина (запомнете го ова, ќе се навратиме подоцна, но и во наредните неколку писанија на темата на која ќе продолжиме). Седмото е дека најсилното оружје на Путин, сепак, е во внатрешните проблеми во Украина, кои се рецидив од транзицијата и пропаднатиот менторски менаџмент. Да, како и на сите семинари, конференции и дебати на темата, западните аналитичари и експерти, особено оние од ЕУ, со право ќе забележат дека најголемата одговорност за лошата транзиција лежи во водството на земјите каде што се бележи тоа. Но едно нешто на што речиси секогаш кога ќе го поставам прашањето и останувам без одговор, останува да виси во дадениот контекст. Тоа е дали навистина Западот е подготвен да го прифати тоа што народот, односно водачите, кои, внимавајте, тие ги инсталираа и пред чија корупција за сметка на привремена стабилност „замижаа“, го сака или нуди како решение и алтернатива за да може да ја лоцираат целата одговорност кај него. Одговорот што јас ќе го понудам е НЕ. А како мала, но битна дигресија од темата, треба да се каже и дека Западот, едноставно, нема стомак за креативните решенија на земјите во транзиција.

Сепак, со оглед на тоа што поголемиот дел од работите го предвидовме прецизно, кажавме што имаше да кажеме, можеби и не е толку лошо и трагично ако сега, наместо на почетокот на годината, се осврнеме на тоа што е тоа што ќе го храни светскиот страв во годината што ни претстои. Тоа, драги мои, не е нешто што (барем за оние што сакаат да следат ваква тематика) не го знаете или не сте го чуле. Обновената геостратегиска компетиција е нешто од што би бил загрижен секој што малку повеќе разбира геостратегија. Причината за тоа е јасна, бидејќи постојните концепти на либерализам и колективна безбедност се под удар и нефункционални. Тие веќе се корумпирани од играчите или натпреварувачите, на еден или на друг начин. На ова ќе се навратиме веќе во наредната колумна. Дополнително, ако за ваквата компетиција за време на Студената војна имаше концепт (во политичка смисла), кој може да го менаџира стравот од меѓусебно уништување преточен преку балансот на сили, засега, или барем мене тоа не ми е познато, не гледам концепт што може да го стори тоа. Само колку за појаснување, реализмот преточен во баланс на моќта успеа да развие безбедносни концепти што го зачуваа мирот за време на Студената војна. Така, на пример, врз основа на генералната рамка на баланс на сили беше операционализирана теоријата на одвраќање (која делумно одлично функционира во Украина) што почиваше на идејата за меѓусебно осигурување на катастрофата од конфликтот што ќе доведе до себеуништување.
Проблемот е што тој концепт (на дипломатски, безбедносен, економски и информациски план) е неприменлив во сегашната поставеност на мултиполарен свет. За тоа постојат многу причини, но, заради практичност, ќе ги сведеме на две. Прво, играчите не се исти. Второ, генетиката на либералната демократија, таа што го уредуваше или доминираше со светскиот поредок, е значително променета. За ова, драги мои, во наредните неколку писанија, но пред тоа да подвлечам дека моите осврти нема да бидат критика, туку анализа. Во тој контекст да замолам – „ду нот шут да месинџер!“

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.