Попис – какво е изјаснувањето по етничка припадност

Познато и актуелно беше прашањето околу етничката припадност на населението во Република Северна Македонија, при подготовките и спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите, Пописот во согласност со Законот за попис се спроведе од 5.9.2021 година до 30.9.2022 година, со критичен момент на пописот на 4.9.2022 година во 00 часот. Од тој таканаречен критичен момент наваму, сѐ до спроведување на следниот попис, треба да се следат сите промени тековно и да се прават процени за македонската популација.
Во текот на подготовките на пописот, како и во речиси сите изминати пописи што се спроведени во нашава земја, едно од најактуелните или основно прашање било прашањето околу етничката припадност. Главно, тоа се случувало како во самите подготовки така и за време на неговото спроведување, а посебно по објавување на податоците од спроведените пописи.
Основната карактеристика секогаш била во незадоволство од страна на етничките заедници, со забелешките што секогаш секоја од нив сакала да биде во што поголем број.
Секако, истото тоа се случи и со последниов извршен попис во 2021 година. Неговите расправии започнаа во текот на подготовките со прашањето дали во пописните обрасци, односно Законот за попис ќе се внесе прашањето за етничка припадност. За актуелното прашање по сите мислења, предлози и консултации се одлучи ова прашање да треба да биде поставено во пописот. Моето мислење беше и кажав, изјавив и напишав дека тоа прашање било во сите спроведени пописи кај нас и за истите тие располагаме со податоци.

Во согласност со препораките за попис, ова прашање постоеше во групата на споредни белези и ние истото тоа го прифативме како и другите карактеристики.
И, по овој спроведен попис, секако, како и претходно, се појавија коментари на незадоволство од добиените резултати, со мислење дека сме повеќе. Во таа насока не би ги коментирал мислењата, кажувањата и пресметките што ги кажуваа одделни етнички заедници или политички партии, туку повеќе за коментар е што тие не се целосни од аспект што имаше за дел од населението податоци преземени од административни извори. Таа бројка е 132.260, која во вкупното објавено население има учество од 7,2 проценти. Територијално или по региони, тој број е различен, а најголемо учество има во: Скопскиот Регион, па во Југоисточниот, Југозападниот, Полошкиот, Пелагонискиот, Источниот, Североисточниот и Вардарскиот. Податоците по етничка припадност можат да се анализираат и се анализирани како на ниво на држава, исто така и по региони и општини. Сметам дека во овој момент добро е, а и потребно, да ги согледаме состојбите и промените што настанале во периодот меѓу двата пописа, односно од 2002 до 2021 година.
Познато е дека бројот на населението меѓу двата пописа е намалено за 185.834 жители. Истовремено, познато е дека намалувањето на населението е во седум од осумте региони што постојат во земјава и познато е дека во 66 општини е намалено населението, а само во 14 е зголемено. Овие податоци говорат дека треба да се очекува да се намали и бројот на населението по етничка припадност, како на ниво на држава така и по региони и општини.

Во согласност со добиени податоци од пописот, во согласност со слободното изјаснување на попишаното население, како македонското население се изјасниле 1.073.299. Тоа покажува дека ова население е намалено за 224.410 во периодот од 2002 до 2021 година, а неговото учество во вкупното население во земјава изнесува 58,4 проценти. Најголемо намалување има во Источниот регион 41.493, потоа во Пелагонискиот 39.875, Југоисточниот 36.673 и Вардарскиот 25.076, а најмало во Полошкиот, Североисточниот итн. Најголем број македонско население има во Скопскиот Регион 340.402, Пелагонискиот 164.596, Источниот 126.553, Југоисточниот 118.284, Вардарскиот 112.444, а најмал има во Полошкиот 43.285. Општини, пак, со најголем број македонско население се: Битола со 69.182, Аеродром 66.246, Прилеп 58.349, Куманово 54.741, Кисела Вода 52.030, Карпош 51.609, Охрид 40.488 и други. Општини, пак, во кои има најмалку македонско население се: Арачиново со 7, Желино и Пласница имаат по 9, Липково 33 итн.
Население што се изјаснило за албанската етничка заедница, исто како и македонското, е застапено во сите региони и нивниот број изнесува 446.245 и има учество од 24,3 во вкупното население во земјава. Намалувањето во изминатиот меѓупописен период изнесува 62.843. Намалување има во три региони, Полошкиот Регион од 49.335, потоа во Југозападниот за 29.052 и Североисточниот за 6.570 жители, а зголемување има во преостанатите пет региони. Од 80 општини, тие се застапени во 78, а во две нема население што се изјаснило за тоа дека му припаѓа на албанското население. За оваа етничка група е карактеристично што во 18 општини, претежно во источните и југоисточните делови од земјава, за првпат се појавува население што ѝ припаѓа на албанската етничка заедница, и тоа најмногу до 10 жители, со исклучок на Македонски Брод, каде што има 38. По региони, најмногу се застапени во: Скопскиот со 153.003, Полошкиот 173.344, Југозападниот 52.849, Североисточниот 47.081, Пелагонискиот 1.276 итн. Додека по општини најмногу има во Тетово 60.460, Чаир 42.180, Сарај 34.586, Гостивар 33.076, Струга 25.785, Куманово 25.493 итн.

Попишано население што се изјаснило за турската етничка заедница е застапено во осум региони, со 70.961 жител и учество со 3,5 проценти во вкупното население во земјава. По региони најмногу е застапено во Југозападниот Регион со 17.832 жители, потоа во Полошкиот 15.182, Југоисточниот 13.194, Скопскиот 12.357, а најмалку има во Североисточниот со само 151 жител. Ова население е намалено за 6.792 жители во 36 општини и во шест региони, без Скопскиот и Југоисточниот. По општини, пак, најмногу ги има во: Гостивар 7.597, Чаир 4.182, Пласница 4.101, Радовиш 4.013, Струмица 3.927, Струга 3.472, Студеничани 3.231, Врапчиште 3.099, Дебар 2.733, потоа се: Валандово, Василево, Охрид, Тетово, Маврово и Ростуше итн. За оваа етничка заедница е карактеристично што во Полошкиот Регион од 9 општини, во 7 се застапени и во сите 7 е намалено населението.
Според последниот попис, бројот на население што се изјаснило за ромската заедница изнесува 46.433 или со учество од 2,5 проценти во вкупното население во земјава. Застапени се во сите региони. Во два региона, Југозападниот и Југоисточниот, е зголемен нивниот број, а во шест е намален. Ромското население е намалено за 7.446 жители, најмногу во Скопскиот Регион и Североисточниот. Најмногу ги има во Скопскиот Регион 19.142, Пелагонискиот 7.205, Источниот 6.126 и најмалку во Југоисточниот 609. По општини, нивниот број на население е намален во 36 општини, во 29 е зголемен, а во 15 општини не се застапени.
Како население што се изјаснило дека ѝ припаѓа на српската етничка заедница се изјасниле 23.847 жители и нивното учество во вкупното население е со 1,3 процент. Застапени се во сите региони, а нивниот број во однос со пописот од 2002 година е намален за 12.092 жители, и тоа во 68 општини, во шест се зголемило и во шест нема изјаснето население за оваа заедница. Најмногу се застапени во Скопскиот Регион со 12.474 жители, Североисточниот со 7.075, Југоисточниот 1.254, Вардарскиот со 1.209, а најмалку во Источниот и Југозападниот Регион.

Според изјаснувањето на населението за бошњачката етничка заедница се изјасниле 16.041 жители или 0,9 проценти од попишаното население. Застапени се во сите региони во земјава и се намалени во два региона, и тоа во Вардарскиот и Пелагонискиот, и во 27 општини. Меѓутоа има зголемување на нивниот број во 34 општини и најмногу се застапени во: Скопскиот, Вардарскиот и Пелагонискиот Регион и во општините Чаир, Бутел, Сарај, Долнени, Велес итн. Треба да се обележи дека во 34 од 80 општини во земјава се нема изјаснето ниеден жител за оваа заедница.
За население што ѝ припаѓа на влашката етничка заедница се изјасниле 8.715 жители во земјава. Нивниот број во однос на претходниот попис од 2002 година се намалил за 980 жители. Тие се застапени во сите седум региони каде што нивното учество е 0,7 проценти во вкупната популација. Намалување има во пет региони, во 22 општини не се изјаснил ниеден жител, а се застапени во 58 општини. Од регионите, најмногу се изјасниле во Скопскиот 2.827, Пелагонискиот 2.166, Источниот 1.892, Југозападниот 882 итн., а во општините во: Штип 1.584, Крушево 867, Аеродром 652, Кисела Вода 636, Центар 552, Струга 492, Карпош 483, Охрид 314, Велес 270, Гевгелија 266 итн.
Во согласност со направените анализи и нивната бројна состојба за етничката припадност на населението, според нивното лично изјаснување, секако дека таа состојба ќе беше подобра и побројна кај сите заедници доколку бројот на населението не беше преземен од административни извори. За оваа категорија на население секако дека на јавноста ѝ е познато дека тие лица не се опфатени од познати причини, и тоа како прво дел се поради ковидот, кои не примаа попишувачи, дел се кои не сакаа да се попишат од пораките „не отворај врата“ -,,не се попишувај“ и разни други појави за неодзив.
Меѓутоа, како што е веќе познато и се знае, бројот на вкупното население е намален, а тоа значи дека тоа намалување е присутно и кај сите етнички заедници треба да ги знаеме и нивните причини. Состојбата со бројот на населението се следи преку појавата на наталитетот или бројот на живородени деца, морталитетот или на умрените лица, од каде што се добива природниот прираст на населението, кој покажува дали бројот на населението се зголемува и намалува. Оваа појава е актуелна за нашава земја и таа треба да се следи тековно, како тримесечно така и годишно, а не да се чека десет години да се спроведе попис. Покрај тоа, добро е да се следат внатрешните миграциони движења на населението (преселување од едно во друго населено место во иста општина, како и во друга општина), бидејќи може да се согледа дали бројот на населението се зголемува или намалува и, на крајот, секако е многу важно иселувањето или заминувањето надвор од земјава.

Основниот проблем на нашава земја е што ние не ги следиме заминувањата на нашето население во други земји од кои причини, во кои земји од кои општини и други карактеристики потребни за земјава. Овие појави се со силно влијание на наведените појави за намалувањето на вкупното население што е присутно во земјава веќе подолг временски период. Во изминатиот период редовно годишно ги следам и анализирам појавите што се настанати во однос на морталитетот или живородените деца на наши државјани што се заминати од земјава. Според моите анализи, може да се каже дека во поголем дел од општините што имаат и поголем број на намалено население не треба да нѐ зачудува, бидејќи анализите покажуваат од кои општини и во кои земји ги има овие појави.
За сето наведено сигурно веќе десетина години, а и повеќе, имам пишувано за демографските движења, за образованието преку намалување на бројот на учениците и други појави. И затоа секогаш сум предлагал дека Владата, а особено надлежните институции треба да посветат поголемо и сериозно преземање мерки и активности преку одредени стратегии за подобрување на состојбите, кои за јавноста се добро познати. Зошто го велам ова, затоа што поголем број земји не само на Балканот туку и пошироко се соочен со овие појави, а поголем број од нив веќе на големо работи на стратегии, и покрај сите проблеми што ги има, како економски, миграциони, финансиски, енергетски итн.

Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар