Полуавтоматски токмак: ти го креваш, тој сам паѓа

Поважно од дигитализацијата е прашањето – што дигитализираш. Лош учебник, и да го дигитализираш, останува – лош учебник. Како што добар учебник останува добар дури и во форма на обична скрипта. Вака, кога за успешна реформа се смета само промената на формата, а не на содржината (вчера форма беше Гутенберг, денес е Бил Гејтс, утре нешто трето), се чувствуваме понижени, сите што нешто знаеме, зашто ни тврдат бесмислици

Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)

Една од дефинициите на комичното е: да го претставуваш општопознатото како нешто ексклузивно ново, а ти си го открил. На пример, да тврдиш дека си измислил полуавтоматски чекан, а да им покажеш на луѓето обичен. Зашто, секој чекан е полуавтоматски: ти мораш да го кренеш, за тој сам да падне.
Такви се нашите политички и културно-уметнички „Европејци“, кои со политички жиг ги жигосуваат сите што не мислат како нив (прогласувајќи ги за „конзервативни сили“), или сите оние што се мајтапат со нивната плиткоумност. А таа оди до таму што тврдат дека го носат новото, без никаква помош од старото: на пример, тврдат дека тие се првите во Македонија што се „во дослух со европските вредности“. Тие се, демек, првата авангарда. Нека го прочитаат Салвадор Дали, Монт Еверест на авангардата, кој во својата биографија ја открива тајната на својата авангардност: новото го учел од заборавените стари мајстори. На тие стари македонски мајстори што биле во „дослух со европските вредности“, пред нашиве помодарчиња да бидат и протосперматозоиди, им ја посветувам оваа колумна.

Првата преведена книга на пророкот на постмодерната литература, Хорхе Луис Борхес, на македонски носи наслов „Измислици“ (1973), а е издание на тогаш покренатата издавачката дејност на „Нова Македонија“. Тоа е заслуга на нејзиниот легендарен директор и поет Анте Поповски, кој уште тогаш, со група истомисленици, се стремел да одржува чекор со современата светска книжевност. Во таа едиција се објавени и тогаш за нас не многу познатите „современици“: Џон Апдајк, Милан Кундера, Јасунари Кавабата, Михаил Булгаков, Александар Солженицин, Жан Пол Сартр, Семјуел Бекет, Андреј Платонов… Ако се има предвид дека книгата на Борхес (шпански наслов: „Ficciones“) се состои од раскази пишувани меѓу 1941 и 1956, и дека на англиски е објавена во 1962 година, тогаш нашето издание е рамно на подвиг: во една социјалистичка култура, со неразвиена техничка поддршка (оловно слагање и печатење книги), со ограничен број преведувачи на ограничен број јазици, „некои луѓе“ успеале да ни го уфрлат нам, на македонските писатели (и читатели), тогаш најсвежиот квасец на СВЕТСКАТА постмодерна. Предговорот е на Георги Сталев, а Влада Урошевиќ е најзаслужен за приопштувањето на Борхес на македонски: тој и го открива, најпрвин како поет.
Кога ќе се сетам што сѐ се изнаслушавме овие години околу нашата „европеизација“ (дека таа сега започнала), околу тоа дека држиме чекор со Европа (во образованието на пример), секогаш се сеќавам на овој подвиг на „Нова Македонија“. Тој подвиг е многу позначаен од она што Министерството за образование на сите ѕвона го рекламираше како ДИГИТАЛИЗАЦИЈА на учебниците, а кое се сфаќаше како автоматска „европеизација на образованието“. Да нѐ послушаа нас, кои сме даскали, ќе кажевме „да“ за дигитализацијата, ама најпрвин да напишеме добри учебници. Поважно од дигитализацијата е прашањето – што дигитализираш. Лош учебник, и да го дигитализираш, останува – лош учебник. Како што добар учебник останува добар дури и во форма на обична скрипта. Вака, кога за успешна реформа се смета само промената на формата, а не на содржината (вчера форма беше Гутенберг, денес е Бил Гејтс, утре нешто трето), се чувствуваме понижени, сите што нешто знаеме, зашто ни тврдат бесмислици. Дали „Ана Каренина“ е добар роман затоа што во она време бил „дигитализиран“, односно отчукан на машина „ремингтон“? Дали песна отчукана со десет прсти е поквалитетна од онаа отчукана со два прста? Дали песна на социјална мрежа е подобра од ракописна? Со вакви и слични бесмислици се навредуваат нашите основни мисловни способности.

Неодамна имавме прилика да прочитаме дека во СДСМ спровеле вистински демократски избори за партиски претседател, затоа што имале повеќе кандидати. Искрени честитки за тој потег. Но, ако е така, зошто СДСМ веднаш не го „спушти“ истиот ДЕМОКРАТСКИ изборен начин по сите нивоа „надолу“ во културата (и образованието)? Тоа се области што по природата на нештата НИКОГАШ НЕ СМЕАТ да бидат слугинки на политиката. Зошто имаме партиски поставени (поточно владини) директори на културни институции, па дури и на училишта? Зошто не се примени истиот модел како за избор на претседател на партијата, па, да речеме, вработените во еден театар самите да предлагаат и самите да изберат свој директор? Тогаш уметниците би престанале да мислат политички, туку би мислеле еснафски, зашто од еснафот го вадат лебот, не од политиката. Тогаш би можело да се случи во време на владеење на една партија директор на театар да биде и угледен уметник што не е член на ниедна партија, или, дури, член и на партија од опозицијата. Нема никаков напредок во културата кога за директори доаѓаат едните (кога „нивните“ се на власт), а потоа и другите (кога „нивните“) се на власт. Директорите на театрите не прават партиски репертоар (зашто ако прават, тогаш се цензори), ниту примаат млади партиски активисти, туку млади артисти на аудиција. Кога така ќе се подели партиски, театарот пропаѓа за пет минути. Како и дрвото: ќе го исечеш за пет минути, ќе го чекаш да порасне десет години. А ние ПОВЕЌЕПАТИ досега доживеавме таква партиска сеча на „кнезови и кнегињи“, на артисти, режисери, директори и професионалци по нашите театри. И ВМРО сечеше (некои уметници дури и се иселија од револт), и овие сечат. Со последната сеча, дочекавме една Јелена Жугиќ, еден Роберт Велјановски, Рубенс Муратовски, Дејан Лилиќ, Владо Јовановски (нека ја одрече јавно некој нивната уметничка вредност!) да бидат премолчувани во еснафот и тргнати на страна, со добар дел претстави од репертоарот. Зошто? Затоа што „во претходниот“ режим биле директори или биле „блиски“ со власта. Дочекавме еден Тони Михајловски (кој никогаш не ја криел својата партиска афилијација, а и нема зошто да крие основно човеково право), за кој се борат филмски продуценти надвор од нашава културичка, да изјави дека размислува да ја напушти Македонија. Да беше живо и она „чудо од дете“, Билјана Беличанец, што ја играше Електра едвај полнолетна, ќе ја делеше истата судбина, зашто била градоначалник на општина од времето на „претходниот режим“. Таа црна листа во уметноста треба да се запали веднаш. Ако сакаме културен подвиг, каков што сторија Анте Поповски и неговите соработници во далечната 1973 година. И тоа во еднопартиски систем!

А кој ќе ја скине таа црна листа на омразата во културата? Јас очекувам тоа да го сторат новите луѓе на СДСМ: пред сѐ премиерот и министерката за култура. Тие се на потег, а јас сум човек што не зборува за никого ни добро и лошо, додека не ги види делата. Се држам до Аристотел и до тоа дека човекот е онаков какви што дела прави, а не онаков каков што се декларира, или како што го претставуваат медиумите. Искрено се надевам дека нема повторно да ни покажат обичен чекан како полуавтоматски. Би било невкусно, смртоносно за уметноста и културата.