Политика на илузиите

Не верувате во магија, нели? Магионичарите користат различни трикови за да ја измамат публиката да помисли дека се случило нешто што не може да се случи. Тие се мајстори на илузијата. Возрасните знаат дека се залажуваат кога зајакот изгледа како да се материјализира од празна капа. Се разбира, главната карактеристика на секое шоу на магионичари е дека она што го гледате ретко е она што, всушност, го добивате. Магијата можеби е безопасна забава, но Владата не е. Наместо да ги решава проблемите, најчесто таа ги влошува, често создавајќи сосема нови проблеми. На крајот на денот, оди наративот: „Сите можеме да ги славиме стабилноста и интегритетот на нашата демократија. Во изминатите години сме се бореле и продолжуваме да се бориме постигнувајќи значителен напредок кон стратегиските цели на државата и квалитетот на животот. Сме постигнале членство во НАТО, сме ги осигуриле границите на државата (никако да дознаеме на која држава) со признаен територијален интегритет и сме зачекориле одлучно како никогаш досега кон полноправно членство во Европската Унија со признаен македонски јазик и идентитет“. Ваквите флоскули изречени од октроираниот премиер нудат соодветен заклучок за македонската политика во моментов, која е дизајнирана да ги забавува и хипнотизира обичните Македонци, оттргнувајќи ги од ескалацијата на продажба на државата, историјата, јазикот, културата, од кризата на општественото распаѓање. Зборовите на власта станаа шуплива обвивка без суштина или значење. Тоа е фестивал на илузијата и незнаењето, чија цел е да ги испразни главите на веќе изманипулирано население. Оваа власт не е ништо повеќе од власт на една голема измама и корупција. Власт што го цица животот на оваа нација преку нејзините лукративни и корумпирани политички практики. Системот повеќе не може да го задржи ни привидот на легитимност или пристојност. Држава со ваква власт не само што пропаѓа таа имплодира.

Политичките илузии се комуникации во кои политичарите сакаат да верувате во невозможното. Илузиите треба да бидат верувања што ги прифаќаме затоа што сакаме да бидат вистинити. Ние обично размислуваме за илузиите како лажни верувања, зашто илузијата нема никаква врска со реалноста. Во Македонија предолго живееме со политичките илузии на власта. Илузија е дека живееме во унитарна држава. Илузија е дека во Македонија функционира некаков си промашен имагинарен концепт на едно општество за сите. Илузија е дека НАТО ќе нѐ брани, а ЕУ ќе нѐ храни. Илузија е дека Македонија е почитувана држава во меѓународниот систем со многу пријатели. Илузија е дека сме држава со функционална демократија. Илузија е дека со Охридскиот договор ги решивме меѓуетничките односи, како што е илузија дека со Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија ги затворивме прашањата што нѐ разделуваа со нашите соседи. Илузија е и дека историјата, културата и нацијата се забетонирани во меѓународната заедница. Но најголема од сите илузии што власта и Европската Унија ни ги понудија во моментов е дека сме ги почнале пристапните преговори за Унијата. Или, дека ќе се прекине нешто што воопшто не почнало (пристапните преговори со Унијата) ако не го промениме Уставот. Како што гледам и европскиот сон брзо станува македонска илузија со оваа власт. Постојат знаци на искушение да се живее со илузиите и замајувањата наместо да се соочиме со нив. Предолго сме заробеници на ова лудило што ни го приреди власта. Но, за нејзина голема жал, македонските граѓани не се веќе глупави и заспани да потпаднат под магијата на илузиите на нивната политика.

Сега погледнете го нивниот политички хаос во кој нѐ втурнаа, болен спектакл со кој претседава нивниот врховен шарлатан. Во зоната на самракот на „државотворните“, психоделичните халуцинации ги одредуваат моделите на нашето политичко глувеење. Илузиите на власта ќе ве натераат да верувате дека се борат државнички за „големите прашања“ и дека прашањата за кои тие одлучуваат треба да бидат централно место во сите бескрајни медиумски фригидни „дискусии“ (читај: строго контролирани натпревари со викање). А вистината е дека низ секоја нивна „победа“ Македонија губи и дека не постои заштита од корозивните ефекти на политичките илузии во кои живеат, а и ние со нив. Власта манипулира со нашите ставови со тоа што ги буди нашите вознемирености, а потоа ни нудат илузии како начин да избегаме од нив. Затоа мора да се спротивставиме на политичките илузии на власта ставајќи ги под сомнеж сопствените политички преференции и трансформирајќи се во пребирливи потрошувачи на политичкиот наратив денес. Сепак, не е сѐ илузија во Македонија. Не е илузија дека Македонија е неуспешен експеримент. Дека власта е неспособна и корумпирана. Не е илузија дека тонеме како држава. Не е илузија дека од година на година живееме сѐ посиромашно. Не е илузија дека имаме неспособна власт. Како што не е илузија Северна Македонија – тоа е катастрофа.

Автор:Проф. Звонимир Јанкулоски