Планетарната хистерија ја вознемирува вселената

Море, кревање тензија! Плашете се од руска инвазија! Русија распоредува војници на своја територија. Сега руската мечка ќе ни ги крши коските како на Леонардо ди Каприо во „Ревентат“!
Ајде, сине, биди умно дете и седни да јадеш! Ако не ја изедеш вечерата ќе дојде лошиот чичко Путин и ќе изврши инвазија на твоите соништа. Види, мама ти направила толку убава руска сала… жено, пак си правела руска салата! До кога ќе го товиш малиот со сечкана руска пропаганда? Колку пати сум ти рекол да спремаш американски бифтек, француски котлети, германски колбас, норвешки „штоидае“ каков што јадеше Јенс кога беше малечок, англиски доручек.
Каков англиски доручек кога е вечера?
Па што ако е вечера? Сакам детето да јаде евроатлантски ориентирана храна, а не руска агресивна кујна.
Немаме толку пари за секоја вечер да готвам светски специјалитети.
Е немаме пари, кога секое сабајле правиш поздрав на сонцето свртена на исток, а не кон запад како секој нордистанец. Па уште морам да го слушам оној непријателски елемент Владимир Висоцки што секој ден го пушташ, наместо да слушаме говори од Бајден и од Трудо. Доаѓај со мене на тераса, треба да ѝ аплаудираме на Славјанка за поддршка.
Оди сам аплаудирај, оти кога му плескаше на оној Филимче, луѓено демек среќни умираа.
Аааа, ама ти почна стварно да аздисуваш! Знам јас, од оној Лермонтов ти е. Сакаш да изигруваш херој на нашето време. Ќе мора изгледа да им кажам некои работи на службите.

Не е смешно. За плачење сме. Комуњари се на власт. И тоа агресивни, инсталирани, ем поддржани од западни моќни вагабонти. Нема да ме чуди, ако веќе утре, Таче, Оли, Славјанка и другарите влезат во Информбиро филм. Онака, со Сталин во душата, Голи Оток во мислите, ама со американска химна на устите. Кај и да е, ќе почнат да ни упаѓаат среде ноќ во домовите.
Ти за Бајден си или за Путин? Јенс или Шојгу? А-ха, овој крие стихови од Есенин под перница. Ајде, сега признај, кој во твоето семејство тајно го чита Гогољ и сите нè влече за нос? Опаа, уште еден Русин, а? Кој ти е овој?
Не, господине другар Фактчекер, тоа е Буковски. Американец е.
Чекај јас да направам чекинг на фактите. И што правиме сега? Мојот вистиномер покажува дека тој твој Буковски бил пијандура и обожавал некојси Тургенев. А Тургенев звучи баш руски. Водете го!
Смешно ви е? За паничење е работава. Изопачената моќ никогаш не била нормална, ама сега се избезумени. Нивната хистерија вибрира низ планетава, ја вознемирува и вселената. Јас дури и се обидувам да ги разберам. На САД, ЕУ, Британија и НАТО баш им е гајле за Украина. Со евентуална војна сакаат да ги покријат веќе сторените злосторства. Пред сè, експериментите што ги вршеа врз своите граѓани преку лагите и манипулациите околу ковид-19, кој беше злоупотребен за правење Орвелови фарми низ светот. Сега кога луѓето полека стануваат свесни дека е злоупотребена нивната доверба, мора да направат нов планетарен кошмар за да одвлечат внимание. Теорија на заговор? Е ај, баш ќе видиме.

И не е само вирусот. Тука се и кризите. Економска и енергетска. Инфлацијата. Русија и Кина го исфрлија доларот од употреба. Насилни демонстрации во сите големи европски градови. Казахстанското сценарио, кое самите го режираа, им чука на вратите. Камионџии ја блокираа Канада. Оној хистерик Трудо бара да се забрани нивното мислење. Бајден пцуе новинари на прес-конференции. Видете го и Столтенберг. Неговите гримаси се идентични како оние кога дозна дека не им успеал референдумот во Македонија. Фацијалната експресија игра брекденс од гнев и фрустрација. Затоа сериозен политичар како Лавров вели дека веќе не ги ни слуша глупостите на Норвежанецот.
Свесни дека народот ги прочита, сосема изгубија компас, па спремни се да го втурнат светот во катаклизма за да избегнат одговорност. Зарем еднаш донеле планетарен кошмар на јаве? Го масакрираа Ирак за да му ја украдат нафтата, притоа бесрамно лажејќи ја јавноста. Либија веќе не е држава, оти Гадафи им пркосеше на нивната зацртана приказна. Фрлаа осиромашен ураниум среде Европа за да забошотат секс-скандал. Да не го масакрираат светот од хумани причини, оти многу сакаат на луѓето да им донесат демократија?
Им ги следам медиумите. Не ги ни кријат веќе меѓу редови и хистеријата и омразата спрема Русите. Лажат, манипулираат, беснило тече од насловите. Од нив ми станува јасно дека се спремни да исценираат конфликт. Можеби малку надеж влеваат политичари како хрватскиот претседател Милановиќ, кој цврсто стои на ставот, за разлика од кутрата нордистанска министерка, дека ниту еден војник на Хрватска нема да учествува во крвавите глупости околу Украина. Или претпазливоста на Германците, кои очигледно избегнуваат политички гротески како нордистанските, па не си ја забораваат и забрануваат историјата. Но ако сепак глобалистиве спроведат планетарен терор креирајќи војна со Русија, молам Бога да им се удри од глава. И овој пат, за разлика од Втората светска војна, Американците и Британците како најгласни заговорници на колежот, да го почувствуваат сето тоа малку и на своја територија.

А на секоја војна однапред ѝ се знае крајот. Секогаш победник е безумноста, а губи човечноста. Историските податоци, кои велат дека победила Антантата или сојузниците го поразија фашизмот, се обични формалности. Крајот на војните не носат мир. Тоа е илузија. По Балканските војни дојде геноцид врз Македонците и се роди Првата светска војна. Таа голема касапница крена монструми како фашизам, нацизам и комунизам. Тие родија Втора светска војна. Нејзиниот крај донесе привиден мир. Нацизмот не беше уништен. Нивните најголеми изопачени умови беа спасени и префрлени во САД. Гледајте го ремек-делото „Доктор Стрејнџлав“, на генијот Стенли Кјубрик. Тој нацизам доживеа ребрендирање. Отровните плодови од таа операција ги јадеме денес. Во Македонија, по Втората светска војна, просечните физички ги истребија идеалистите. Им ги презедоа заслугите, им се вселија во домовите. Нивните деца и внуци и денес ја силуваат оваа држава, а сега ќе нè внесат во планетарна касапница среде која, историски, првпат ќе бидеме на погрешната страна.
Ако се случи војнава во најава, ќе биде најстрашна досега. Може и да го збрише човештвото. Што и не е толку лошо кога ќе се земе предвид какви сме станати.