Партизацијата – извор на перфидни облици на корупција

Особеност на изминатиот транзициски период е континуирана, интензивна партизација на јавниот сектор како резултат на политичката пракса и хистерија, која учесниците во конјуктурната дејност политиката, ги наградува со нивно промовирање и произведување во раководна елита и привилегирани позиции во општествената хиерархија

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата бара веднаш да престане продажбата на државно земјиште. Според неа, најголем проблем во оваа насока е како се прават деталните урбанистички планови, бидејќи тие, како што нагласува, го отсликуваат јавниот интерес што општината треба да го спроведе во својот дел.
Која е целта на државата да го испродаде цело државно земјиште, дали е тоа целта, и тоа по багателна цена? Ако државата треба да го обезбеди јавниот интерес на граѓаните, не може да го направи тоа преку приватно земјиште. Второ, извор на корупција е Законот за дивоградби, односно за давање правен статус на бесправно изградените, оти носењето на овој закон во најголем дел го чекаа и дочекаа некои крупни и среднокрупни бизнисмени, кои сакаа да си ги легализираат своите дивоградби…
Корупцијата е еден од најчестите облици на криминал и претставува голема пречка во развитокот и демократизацијата на општествата, транзицискиот и посттранзицискиот период. Кога станува збор за овие девијантни трендови, се мисли пред сѐ на нетранспарентноста при приватизацијата, стекнување големи имоти, трошењето на средства за дејствувањето на политичките партии, кои своето дејствување го финансираат на начин што во основа претставува злоупотреба на политичката позиција за партиски и сопствени цели. Тоа е оној видлив дел, но не е сѐ.
Една од клучните претпоставки, она на што всушност укажуваат многубројните анализите на економските експерти и стручните сервиси од таа област и што треба да се има предвид при анализа на ваквите состојби, е во голема мера партизацијата на јавниот сектор, која во текот на целиот транзициски период е еклатантен перфиден пример на корупција и на многу нивоа основа на организираниот криминал. Јавна тајна е дека во јавниот сектор не се влегува без партиска книшка. Партиските војници што не сакале да добијат функција се ангажираат со договор за дело и месечно заработуваат како да имаат две министерски плати. За жал, тоа стана дел од системот.
Ваквата поставеност на работите нанесува големи штети на севкупното економско и демократско битие и имиџот на општеството во целина. Оваа практика во услови на политичко зреење и недоизградени механизми за санкционирање и одговорност штетно влијаат и ја разјадуваат и онаа малку здрава и кревка етичка супстанција на општеството што ги дезориентира и погрешно ги воспитува и насочува сегашните и идните генерации.

Особеност на изминатиот транзициски период е континуирана, интензивна партизација на јавниот сектор како резултат на политичката пракса и хистерија, која учесниците во конјуктурната дејност политиката, ги наградува со нивно промовирање и произведување во раководна елита и привилегирани позиции во општествената хиерархија. Под превезот на реформите на системот и под изговор и повикување на сѐ позачестените барања на меѓународниот фактор за правилно димензионирање на одредени сфери на општествената заедница според општоважечките системско-политички правила, модел и искуства на развиените демократии. Многу често политичкиот инает, тврдоглавоста и, се разбира, личниот интерес нѐ доведуваат до апсурдни ситуации во кои се урива и страда и она што се има верифицирано како позитивно искуство и здрава општествена супстанција, само заради формалниот аспект дека е започнато или е продукт и резултат на претходната општествено-политичка ориентација.
Причините за ваквите состојби се разновидни. Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која луѓето имаат свои политички уверувања што многу често се изградени како севкупен и непомирлив поглед на светот, врз тоа и менталниот склоп, кој едноставно не поднесува неистомисленици и покрај декларативноста и повикување на плурализам, толеранција, дијалог, силно го стеснува просторот и го ограничува дејствувањето на вистинскиот професионализам. Се афирмира тезата што секојдневно се потврдува во практиката дека најлесно во оваа средина може да се поткренеш и верифицираш како авторитет и професионално да напредуваш и материјално да се реализираш, единствено низ политичкиот шорт кат.
Протагонисти на овој конјуктурен тренд се најчесто анонимни итреци /според резултатите/ интелектуалци од општа пракса, вешти политички паразити и хистерични конвертити, кои во напорите за одржување на сопствената позиција и себеистакнување, успеваат да се наметнат вешто и со помош на политиката ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и патем за себе да откинат дел од транзицискиот колач.

Во таквиот невротичен амбиент, во кој историјата се одвива молскавично, безмалку елиптично, се одвива процес на создавање псевдополитички авторитети /профитери/ и лоби-групи, кои во нашата плурална пракса се подметнуваат од позиција на политичка моќ како лостови со кои се поткрева, растура и пљачкосува сопствениот народ. Тоа се професионалци, најчесто изникнати и градени врз нереална подлога и претставуваат тотална негација на професионалните, етичките и морални принципи на политичките платформи.
Партизацијата со право може да се окарактеризира како инцестуозна политичка бламажа, но и како плодна почва и стартна основа на организираниот криминал, што ја зголемува недовербата во вистинска и праведна политика, со реални видливи последици по вистинскиот живот и претставува флагрантен застој на демократијата. А што се однесува до неа, „демократијата е најперфидниот облик на диктатура, систем во кој тајкуните манипулираат со масите, за да ги донесат на власт луѓето од нивниот платен список“.
А кој е многу паметен, како Сократ, поминува како него. Сократ беше осуден на смрт со гласање затоа што „ја расипува младите“ и со тоа стана првата жртва на демократијата, 399 години пред новата ера.

Автор: Аљоша Симјановски