Парите го вртат светот

1534

Се сеќавате на „Кабаре“ и на песната „Парите го вртат светот“? Овој евровизиски циркус одговара на атмосферата во кабарето, во кое се пие и лумпува додека светот оди по ѓаволите. Живот од денес до утре. Никако да запомнам дали станува збор за милиони, милијарди или трилиони во американската, англиската или француската верзија на додавање на нулите покрај ознаката за валутата. Но тоа е сосема небитно во случајов, бидејќи ова вртоглаво и секојдневно долевање воена „помош“ за Украина, како и зголемувањето на профитот на военоиндустриските корпорации е тешко да се следи. Она што е очигледно е дека станува збор за астрономски износи што обичен смртник не може ни да ги замисли. А и не е еден изворот: парите (оружјето) доаѓаат од Вашингтон, Лондон, Брисел, Берлин или Атина (и преостанатата „ситна боранија“ во НАТО), и тоа речиси на дневна основа.
Украина е единствената земја, цел на агресија, која ја брани сиот „колективен Запад“, преседан каков што не можете да најдете во историјата! Знаеме дека Вашингтон си има долга историја на „помош“ на разни воени формации, од оние во Сајгон, до Никарагва и Чиле, и една низа земји чии имиња не би ги собрало во една колумна, па до Авганистан кога Осама бин Ладен беше „доброто момче“ и Авганистан кога Осама стана „лошото момче“. Некои аналитичари велат дека вредноста на воената опрема што за овие три месеци е доставена до Украина изнесува речиси колку воениот буџет на Русија за една година. Се разбира, ова не значи дека со тоа е воспоставен некаков баланс на силите со непријателот, нуклеарна сила што преку две децении континуирано го јакне својот воен сектор. Добрите познавачи на состојбите велат дека овој наплив на воена помош не датира од февруари до денес, туку дека вооружените сили на Украина биле предмет на посебно (воено) внимание уште од 2014-та, ако не и порано.

Гледано низ македонска призма, некако горчливо звучи сознанието дека било можно да бидеш фактичка членка на НАТО и без формалната страна, можело да те опремуваат и вооружуваат онака на пријателска (и геополитичка) база, а и кога ќе те нападнат (воено) можело да ти создадат систем на вооружена одбрана ако те сметаат за „свој“. Ова го зборувам само поради потсетување на сета онаа (лажна) приказна дека зачленувањето во НАТО ќе ни ја направело одбраната и поефикасна и поевтина, дека мораме да вложуваме и до 2 отсто од бруто-националниот доход заради „интероперабилност“ со сојузот, дека мораме да одиме од Авганистани до Ираци и преку тоа зошто тоа бил главен адут за влез во Алијансата. Украина го демантира сето тоа. И иако не им завидувам на статусот на „повластена нација“ на која сега ѝ дотураат не само оружје туку и финансиски/економски ја одржуваат во живот (без да ја броиме хуманитарната помош), сепак не може да не се забележи бизарниот воен интернационализам на Западот. Реков, не би ја менувала Македонија со нив за ништо на светот, но сепак по малку боли тоа што нам не ни требаа ниту толку пари, ниту инструктори, ниту заеми итн., а сепак не добивме и не добиваме ни морална и политичка помош кога врз нас се вршат културоцид и етноцид од страна на нивните членки. Наместо тоа, кротко и послушно и натаму купуваме оружје од нивните производители заради модернизација, а и испраќаме некаква помош во Украина (иако поим немам колкава и каква).

Нејсе! Друга ми е поентата. Одамна тврдам дека светот би бил подобро место ако приоритетот на сите влади би била благосостојбата на нивните граѓани, а не нивната (воена) безбедност. Апсурдот на американското општество никогаш не бил повидлив од денес: земја што вреска во хистерија поради спомнување бесплатно здравство или образование, земја во која социјалните разлики растат со џиновски чекори, земја што е божем најбогата и најмоќна на светот и има армија бездомници, сиромашни средини и гета во кои едвај се преживува. Кога некој како Берни Сандерс ќе спомене некоја социјална мерка, одговорот е: уааа, чувајте се од социјалистот! И токму среде оваа воена хистерија и ронење крокодилски солзи за украинскиот народ, се обраќа нивниот претседател со најава на агенда за борба против гладот и сиромаштијата во САД! Зборува со речиси насолзени очи за деца што едвај имале по еден оброк, за семејства што се распаѓаат, за пандемијата што ги покосила особено најранливите (етнички, расни и социјални) групи – и ветува! Ветува решителна борба за нивната социјална безбедност. Со другата рака потпишува нова транша на воена помош (во милиони, милијарди или билиони – искрено, веќе вртоглавица ме фаќа) ама за Украина. Може ли некој здраворазумен човек да поверува дека емпатијата за туѓи граѓани, на друг континент, може да биде поголема од онаа за своите? Демократијата не е апстрактен поим, а ни човековите права и слободата. Демократските лидери добиваат легитимитет и овластување да управуваат со земјата во полза на граѓаните, а не на корпорациите, воените профитери, олигарсите (да, да, олигарсите не се само на руската страна). Да се разбереме, ги заболе (срце) нив за украинските граѓани – затоа и со такво спокојство нивните воени аналитичари зборуваат за „долга војна“, а не за брзо примирје. А буквално секој ден, секој час, од продолжувањето на судирот значи повеќе деструкција, повеќе смрт. Од Азовстал, веројатно, веќе прават идеја за нов „спартански“ филм на „непокорените“, дури и ако се азовци. Украина е огромна бонанца за воената индустрија на САД и не сакаат лесно да се откажат од овој „бонбона бизнис“. Размислува ли некој под кои услови се впумпува тоа оружје? Ако Грција беше/е најзадолжената европска држава, замислете што ќе стане од Украина: најзадолжена и најуништена земја на светот. Веднаш до Авганистан, којшто го усреќуваа 20 години. И уште ако ги изгуби најголемите ресурси, житници, нуклеарки… што ли ќе остане од победничката Украина? Подобро лош мир одошто праведна војна со Пирова победа.

Но американскиот проект на „истоштување на Русија“ (како начин да ја победат) е истовремено и проект на подјармување на Европа. Ефектите се веќе тука. Има еден познат неокон и најголем заговарач на американскиот интервенционизам низ светот, Роберт Каган (кој случајно ѝ е сопруг на Викторија Нуланд), кој е автор за синтагмата дека Американците доаѓаат од Марс (богот на војната, ако не е јасно), а Европа е од Венера. Од 2003 година (кога беше објавена неговата книга „За рајот и моќта. Америка и Европа во новиот светски поредок“), Европа – или поточно, Европската Унија – постепено стануваше машка Данка. Нешто помеѓу Венера и Марс. Мораше да се докажува, почна да зборува за европска армија (а устав не успеа да донесе!). Последниве три месеци, европските демократии што досега се фалеа со својата „мека моќ“, со забрзани чекори се трансформираат во сите можни божици на војната: од Атина, Артемида, до Ника и Валкириите од нордиските митови. И сите зборуваат за мир, ама преку воена победа. Бараат Давид да го победи Голијат, а тие дофрлаат прачки. За тоа време, почнува кампањата кон сопствените граѓани на кои им велат дека Украина ја брани Европа од лудиот Путин, па знак на патриотизам е помалку да се грее, вози, јаде итн. Но воените буџети треба да се зголемат трикратно. Најфрапантни се промените што настанаа во Германија, која една новинарка ја спореди со излекуван милитарист од кого сега се бара да се фати за оружје и милитаризација – повторно. Веднаш до нив се Финска и Шведска, кои под влијание на стравот, се откажуваат од вековната традиција на неутралност и бараат итен влез во НАТО. Иронијата е што токму едно од компромисните решенија за запирање на војната во Украина е прифаќање неутрален статус – статусот што (божем) ѝ се нуди на Украина.

И конечно, она што нас нѐ засега најмногу: каква ќе биде ЕУ по завршувањето на украинските војни? (Зборувам во множина, бидејќи се согласувам со Ричард Фалк дека таму се водат војни на три нивоа: граѓанска војна западно и источно од Днепар, војна меѓу Русија и Украина, и војна меѓу САД/НАТО и Русија во која Украина е само прокси). Оној Макрон штом почне да ја води ЕУ веднаш некоја „генијална идеја“ му светнува. За да се извадат заради сите ветувања што ѝ ги даваат на една земја разурната од војна (а и претходно далеку дури и од бледата сенка на Копенхашките критериуми), сега смислуваат некакви унии во различни состави. Оној што ја знае историјата на европските интеграции ќе се сети дека ваквите идеи за „Европа во различни брзини“ не се нови. Она кон што ние се стремиме веќе не е она за што се пријавивме за членство, а и наградата ќе биде (ако воопшто биде) само утешна. Но, за жал, ние ниту гледаме што ни се случува пред носот, туку водиме љубов со ЕУ ама сме ѝ верни на Америка. Верни сме на зависник од војни, зависни од некој што не гради, туку вложува во деструкција. Маршаловиот план по Втората светска војна беше последниот економски импулс за земји разурнати од војна (во полза на САД, се разбира, но и на засегнатите европски сојузници). Џон Ленон пееше „Замисли“ – и јас замислувам што сѐ ќе добиеја американските, европските и балканските (и сите други) народи ако сето ова излевање пари не беше за војна, туку за благосостојба! Поентата е: пари има, ама животите на обичните смртници не вредат ни цент! За војна пари секогаш ќе има, за сѐ друго ќе ве обвинуваат дека барате премногу, дека е криза/оскудација и дека сте проклети социјалисти/комунисти.