Падот на старата Европа и издигањето на новите европски лидери

Теорија на заговор или реалноста за амбициите на Путин е сериозна

Војната во Украина гази и го пустоши сето она што го нарекуваме цивилизациско, а најмногу човековите животи. Паралелно на тоа, не стивнуваат новите поместувања или прегрупирања, како што впрочем и во секој поголем конфликт се случува тоа. Она што сериозно ја потресе Европа, онаа старата (Франција, Германија и Италија) и онаа новата (источноевропските земји, пред сѐ, Полска и балтичките земји) заедно со северните европски демократии е пристапот на дел од челниците на земјите-членки на Унијата кон прашањето за тоа како понатаму со Путин. Иако завчера напуштањето на седницата на СБ од страна на рускиот амбасадор при ООН театрално и мошне маркетиншки во еден епски либерален стил беше „маркетингувано“, укажува на единство во Унијата, деновиве посебно фуриозно беше дочекана изјавата на Макрон за тоа дека Русија не смее да се понижи и покрај историската грешка што ја направи Путин.
Дел од оние што се занимаваат со теории на заговор побрзаа да подвлечат дека зад оваа изјава, всушност, се крие страв. Но не за Украина туку за позицијата што Франција и Германија, заедно со Италија би ја имале по крајот на војната во Украина. Оваа теорија на заговор сериозно се разгори и преку гласноговорниците на водечките идеологии преку социјалните мрежи, првенствено преку социјалната мрежа Твитер. Без да парафразираме кој, како и што изјавил, додека дел од водството на оние што се сметаат за стратегиски релевантни тркачи во Унијата (иако дипломатите нема да ви го признаат тоа, ќе тврдат дека сите се важни…) има еден став, добар дел од оние што се на граница со Русија и со Украина во истата таа Европа имаат сериозен проблем со ставот на Макрон за тоа како понатаму со Москва. Во таа насока, полскиот премиер Матеус Моравиецки му забележа на Макрон, твитајќи дека никој не преговарал со Хитлер, па зошто Макрон да преговара со Путин. Естонската премиерка некаде во средината на мај за „Еуроактив“ изјави дека е без поента да се повикува Путин и да се разговара со него. Во исто време, американскиот државен секретар Блинкен јасно стави до знаење дека е крајно време да се ослаби Русија до мера од која нема да биде „творец на проблеми“, а Остин, државниот секретар на САД за одбрана, сака воено да ја ослабне Русија.
Во едни вакви околности станува јасно дека сите играчи немаат иста цел околу исходот, ама на различен начин. Или, пак, за да ја избегнеме дипломатската замка, ако ја имаат – и тоа е да се стави крај на војувањето (што е за поздрав), имаат различен начин како да го остварат тоа. Токму тоа отвори дебата за неколку теории на заговор. Една од тие е дека Франција и Германија, наводно, имаат воздржаност не само заради лични бенефиции туку и заради тоа што по оваа војна тие ќе сакаат да имаат поинаква позиција, не на лузери туку на добитници. Тезата оди дотаму што потоа Украинците, како победници, заедно со североисточна Европа и Британија и САД ќе имаат поголема релевантност во поствоениот период.

Во однос на тоа ќе се обидеме да го анализираме проблемот од две перспективи. Онаа на Франција, Германија и условно Италија и онаа на другите североисточни земји заедно со САД и ВБ. Оваа анализа нема цел да ја разгори идејата за теории на заговор туку да даде придонес или видување по однос на двата става и да се обиде да ги разбере од стручен и научен аспект. За таа цел, пред да пукате во однос на ставот, би подвлекол дека дебатата нема цел да фаворизира ниту една опција. Затоа, драги мои, „не убивајте го гласникот, ве молам“.
За волја на вистината, на оваа тема доста говоревме и во овој форум и опциите иако не вака поставени ригидно, ги разгледавме не само од воен аспект, кој е клучен, туку и од меѓународноправен – за тоа како и кога би можел Путин да се изведе пред лицето на правдата, но и од идеолошки, кога зборувавме за судирот на концепти. Во сите наврати (три-четири посебни писанија од различна перспектива) заклучивме дека од исходот на војната во Украина ќе зависат многу нешта. Во тој контекст, потрагата по мирно решавање на конфликтот без натамошна ескалација – значи прераснување во тотален конфликт надвор од Украина – е можна само ако се најде решение што ќе биде прифатливо за двете страни. Тоа, секако, може да биде и тотален пораз на едната, односно на другата страна. Последното, впрочем, е и ставот на едната од опциите – тоа е онаа на североисточните европски земји, ВБ и на САД. Во таа насока, посебно е интересна тезата на премиерката на Естонија, која во последното нејзино обраќање преку „Економист“, за злосторствата на Русија во Украина, тврди дека за да се запре Русија таа мора да се ослабне, бидејќи со згаснувањето на Советскиот Сојуз империјалистичките амбиции преживеале во Русија – Руската федерација. За овој блок, Русија не направила лоша пресметка туку плански организиран потфат со кој сака да го смени светот со употреба на брутална сила.

За таа цел, на Украина мора да ѝ се помогне безрезервно за да може да си го воспостави својот територијален интегритет. Ослабувањето на воената машина на Кремљ е исто така приоритет. Крајната опасност ако не се успее во овие напори е на линија што исто така ја загатнавме кога укажавме, како што директно го направи тоа пред некој ден и премиерката на Естонија, дека НАТО е следно на агендата ако Русија успее во Украина. Во таа насока, според оваа група држави, НАТО мора да ги покаже своите заби и да каже до каде е границата. Индиферентноста, според оваа група или стојалиште кон Русија и проблемот со Украина, е на рамниште на криминал.
Наспроти ова стојалиште е она, според кое, и оние постарите имаат своја перспектива ама методите се малку поразлични. За волја на вистината и да бидеме докрај коректни, би рекле дека Германија и Франција, Италија по малку срамежливо, беа водечки во мобилизација на економските санкции против Русија, вклучувајќи го и клучното енергетско ембарго. Франција и Германија се активно вклучени дури и предводат дел од напорите за утврдување евентуални воени злосторства од страна на Русија во Украина. Франција не само што финансиски го поддржа Меѓународниот кривичен суд туку испрати и експерти да му помогнат во истрагите околу Буча. Факт е дека имаа бавен почеток, но Франција испорача артилериски системи со голем дострел, а Германија, испорача противвоздушни системи. Во исто време, украински војници тренираат на почвата на Германија и на Франција за оперирање со овие системи. Но за разлика од претходниот табор, германскиот, а пред сѐ францускиот врв, се свесни дека вратата за преговори во овие услови мора да биде отворена ако воопшто се сака деескалација. Поради просторот само накратко ќе ги подвлечеме слабостите на едните и на другите. Во првиот случај, предизвикот е што Русија можеби е посрамена, но не е поразена. Оперативно веќе подвлековме дека за Русија западниот модел на процена на загуби не е применлив или е тешко применлив. Од друга страна, ослабувањето на Кремљ економски делумно е евидентно ама пак е со проблеми. За тоа исто дадовме видување дека либералната економска логика и руската се небо и земја. Индија, Јужна Африка, па и Кина се пазар со кој Русија може да компензира, настрана од дел од земјите од ЕУ што се противат на ембаргото и санкциите. Оттука, дури и да биде поразен, Путин сѐ што ќе направи е што ќе се врати назад дома, ќе продаде приказна дека победил како што Западот направи за Авганистан и никому ништо. Другата страна, пак, има проблем со тоа што телефонира кај Путин многу слично како и сојузниците додека губеле од Наполеон дека коалицијата колку и да е силна и добра работа има една фалинка.

Посебно ако имате јасни оперативни цели и ако ги остварувате една по една. Во такви услови, оние што се исплашени бидејќи ги газела руска чизма ќе го зголемуваат притисокот додека се охрабруваат од подвизите на украинската армија. Проблемот, како контратеза, што не го гледаат, а кој се коси со процената, пред сѐ, на британските разузнавачи е дека Русија е речиси готова. Факт е дека Русија покажа низа слабости во оперативен дел и во стратегискиот дел. Но факт е дека историски Русија така војува. За волја на вистината, факт е и дека британските и американските разузнавачи најпрецизно предвидоа кога Путин ќе изврши инвазија, без самите Украинци да бидат убедени во тоа. Без да заземаме став би рекле дека тука, најверојатно, е стравот на Макрон дека Русија, сепак, ќе мора да се стави на преговарачка маса, освен ако не сакаме сите да отидеме по ѓаволите.

Методи Хаџи-Јанев

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.)