Осудете го бугарскиот историски ревизионизам

Зошто Европа молчи за овој одвратен историски ревизионизам што стана службена политика на Република Бугарија, земја-членка на Европската Унија, ОБСЕ и на Советот на Европа? Веќе цел еден месец потиснувам еден текст што лежи длабоко во мене затоа што не сакам да пишувам под влијание на жарот на најсоголените емоции. Меѓутоа, вчера го добив дигиталниот линк до документарниот филм „Последното полувреме“, поддржан од бугарското министерство за одбрана, веројатно замислен како најнов одговор на прекрасниот современ македонски филм „Трето полувреме“, и веќе не смеам да молчам.
Нема ништо да коментирам за серијата измислици во оваа срамна пропаганда, која не приличи на една европска и демократска земја во 21 век, но морам да се задржам на тврдењата околу најновиот мит на бугарската историографија наречен „крваво коледе“. Како што се вели во „документарецот“, во 1945 година само за време на православниот Божиќ („прецизната“ бугарска историографија вели помеѓу 6 и 9 јануари таа година), во Македонија се случуваат масовни стрелања на 1.200 (со зборови – илјада и двесте) „македонски Бугари“. Потоа, пак, неверојатни 23 илјади луѓе се убиени поради нивното бугарско самосознание, а дури 130 илјади биле затворени во зандани или испратени во концлогори. Сето ова се случува во тогашна Македонија каде што живеат околу еден милион жители.
Да биде апсурдот поголем, историчарот Пламен Павлов утврдил дека жртвите на масовното стрелање за време на „крвавото коледе“ биле претходно утврдени на „специјални списоци“ што биле „изготвени и утврдени“ од самиот Јосип Броз Тито. Станувало збор за хируршка операција, добро испланирана за „прочистување на етничкото самосознание“ на Бугарите во Македонија. Пламен Павлов не е случаен човек, туку угледен бугарски историчар и поранешен директор на Агенцијата за Бугари во странство. За да не остане само на академските зборови на историчарот Павлов се погрижи дипломатот Марин Рајков. Ретко кој бугарски државен службеник може да се пофали дека е отелотворување на длабоката бугарска држава како амбасадорот Рајков, кој досега беше службен премиер, министер за надворешни работи, заменик-министер за надворешни работи, поранешен амбасадор во Франција и во Италија, но и актуелен бугарски амбасадор во Велика Британија, инаку син на поранешниот бугарски амбасадор Рајко Николов (последен бугарски амбасадор во титова Југославија). Тој пред неколку седмици јавно изјави дека секој Божиќ Бугарија се потсетува на „крвавото коледе“, кое било „само почеток на крвавите репресии, кои за две десетлетија однесоа животи на илјадници македонски Бугари што одбиле да станат предмет на етничкиот инженеринг“.

Но тој додава и дека „таа трагична станица не треба да биде затворена, без да биде прочитана“ и потоа повлекува паралела помеѓу геноцидот во Сребреница и „геноцидот врз македонските Бугари“, велејќи дека „за извршените злосторства нема да може да се бара индулгенција преку европско легитимирање на идеологија во чие име тие беа извршени“ (се мисли на македонизмот и на југословенскиот комунизам – моја забелешка). Денеска е 12 февруари 2022 година, безмалку еден месец по овие скандалозни изјави на бугарскиот амбасадор. Тој не е повлечен од должност, а не е ни макар прекорен поради ова налудничаво обвинување за „геноцид врз македонските Бугари“ во современа Македонија, а македонската дипломатија нема испратено никаква реакција за оваа срамна изјава. Веројатно, оваа моја колумна ќе биде ставена во некоја бугарска папка со „говор на омраза“ во Македонија, но и зборовите на амбасадорот Рајков, кој целиот македонски идентитет го означува како геноциден, втемелен на некакви измислени злосторства против македонските Бугари.
Но да се вратиме на бугарските тези за „крвавото коледе“ и за „геноцидот врз македонските Бугари“. Прво, македонската историографија целосно ги расчисти сите настани околу бунтот на Кале, и тоа не само преку македонските документи и сеќавањата на современиците туку и преку доставените телеграми од британската и од американската мисија при главниот штаб на македонските партизани. Ако тоа не им е доволно на бугарските историчари, тогаш нека ги погледнат и архивите на бугарските војски, кои, по капитулацијата на Бугарија, се вклучуваат во борбата против германските фашисти, нивните довчерашни сојузници, на територијата на поранешна Југославија (токму во тој период од 6 до 9 јануари 1945 година во Скопје се присутни и бугарските војски). Да не зборувам, пак, колку е надвор од паметот тврдењето за улогата на Тито во изработката на измислените списоци.

Тогаш Белград е на само сто километри од Сремскиот фронт каде што тече една од најжестоките и најкрвави битки во Втората светска војна, во Санџак и во западна Србија течат завршните операции, Сараево и Загреб сè уште се цврсто во германската орбита, југословенските партизани од Далмација се во трка со италијанските партизани кој прв ќе излезе на Истра и кој ќе го ослободи Трст, Тито се соочува со огромни политички проблеми околу вклучувањето на југословенскиот крал и предвоените политичари во новите југословенски власти (барање на западните сојузници), границите и составот на новата југословенска држава се неизвесни, а нејасни се и намерите на сојузниците за територијата на Југославија по војната (или дали и воопшто би постоела Југославија), целиот свет внимателно ги исчекува резултатите од тогаш веќе најавената конференција во Јалта, Југославија има огромни проблеми со бегалците, внатрешно раселените лица, сместувањето и прехраната на населението во ослободените краишта, сè уште се насекаде активни квислиншки групации, но Јосип Броз Тито во сиот овој хаос некако наоѓа време да учествува во подготовката, да ги прочита и да ги одобри списоците за физичко елиминирање на 1.200 македонски Бугари, со цел да се избрише бугарското самосознание на народот во Македонија.
Претерувањата се толку очигледни што не заслужуваат коментар. Вистината е дека ниту еден војник или офицер не е стрелан на скопското Кале, а дека сите учесници во бунтот се помилувани и подоцна им се придружиле на своите единици на Сремскиот фронт во одлучната борба на југословенската војска против германските фашистички војски и нивните домашни предавници. Точно е дека во тој период се случуваат три мрачни епизоди кога без судење се погубени 53 велешани, околу 50 кумановци и 17 ресенчани, а точно е и дека околу 800 македонски комунисти, партизани што се бореле против бугарската фашистичка власт, завршуваат на Голи Оток за време на резолуцијата на Информбирото.

Но сето друго се целосно измислици и најсрамен обид за историски ревизионизам. Вистината е дека Македонија изгубила над 24 илјади животи за време на Втората светска војна, дека илјадници Македонци се казнети со присилна работа во логорите во Бугарија заради претпоставеното или активното противење кон бугарската окупација, а најлоша епизода е геноцидот врз македонските Евреи, испланиран и спроведен од бугарските фашистички власти на територијата на Македонија. Ете, ова треба да се покрие со лагите за „крвавото коледе“, за „геноцидот врз македонските Бугари“ и за измислените концлогори каде што дури 130 илјади души биле испратени на робија. Се мислам дури и дали би било упатно да ги поканиме бугарските историчари и бугарските форензичари да ги ископаат коските на илјадниците убиени македонски Бугари и да ги пронајдат масовните гробници на тие жртви на македонизмот и на југословенскиот комунизам.
Мене не ме изненадува изостанокот на каква било реакција од македонските власти. Тие заради опсесијата со датумот за преговори со ЕУ се подготвени да влезат и во далеку поголеми авантури. Гледаме и како нападно се бега од секое споменување на зборот Македонија, а намерно се потиснува секое јавно искажување на македонскиот идентитет. Јасно е дека претставниците на меѓународната заедница ги храбрат актуелните власти да продолжат со оваа политика, но уште појасно е и дека тие немаат друго решение за македонско-бугарскиот спор, освен ново предавство, по урнекот на Преспанскиот договор, и активно се работи официјално Скопје да дојде до тоа сознание и да пристапи кон тој чекор.

Инаку, топло препорачувам да се гледа овој филм. Бугарската државна пропаганда против „Трето полувреме“ наликува на одговорот на аристократскиот американски Југ на краткиот роман „Колибата на чичо Том“, напишан од аболиционистката Хариет Бичер Стоув. Попусто е целиот гнев и сиот обид да се унижи уметничкото дело на Дарко Митревски кога тоа е втемелено во најсуровите факти за бугарската фашистичка окупација на Македонија во текот на Втората светска војна. „Трето полувреме“ ќе остане сведок на едно невреме во Македонија, сведок на една сурова фашистичка окупација и на геноцидот врз македонските Евреи, а бугарските реакции кон филмот ќе бидат само нов срам за некои идни бугарски генерации што ќе имаат храброст да се соочат со црните петна на сопствената историја.
Современа Бугарија очигледно не помина низ своја национална катарза и низ соочување со темните петна од сопственото минато. Модерна Европа е изградена од нации што ги прогонија сеништата на сопственото минато и сè уште ги обработуваат срамните епизоди од својата историја. Но Бугарија уште одбива да се соочи со својата улога во Македонија, од 1941 до 1944 година. Тука е единствениот проблем со македонско-бугарските односи, исто како што единствениот проблем со македонско-грчките односи е целата историска отсечка од 1912 година, па до денес, со посебен акцент на Втората светска војна и на Граѓанската војна во Грција. Ни Преспанскиот договор, а ни Договорот за пријателство со Бугарија не може да ги избришат злосторствата направени кон Македонците, а во име на грчкиот и на бугарскиот народ.
Затоа, борбата за воскреснување на Македонија, борбата против наметнатата „Северна…“ и срамните два договора, Преспанскиот и Договорот за пријателство, има уште една далеку позначајна димензија. Тоа е борба против етноцидот, против културоцидот и против историскиот заборав, борба за слобода, за демократија и за одбрана на европските вредности.

Автор: Ивица Боцевски