Општо добро

Српското општество е поделено, фрагментирано по неколку оски, при што се чини дека политичките оски на поделба судбински доминираат. Обележани со самоуверени едностраности, недоверба, често грубо меѓусебно омаловажување, конфликтите меѓу власта и опозицијата во голема мера го отежнуваат разумното размислување за длабочината и сложеноста на драмата во која се наоѓа Србија, како и започнувањето сериозен дијалог во прилог на општото добро – доброто за мнозинството. Упорната токсичност на конфликтот систематски ја потиснува потребата од нијансирани одговори на заплетите, кои не се исклучиво персонални, туку и структурални; кои не извираат само од сегашноста, туку се измешани со нерешените проблеми од минатото и неизвесностите на иднината; како што не се целосно ни плод само на внатрешните/балкански особености, туку и на збрките однадвор. Тоа не значи дека не постои степен на лична одговорност, ниту дека структуралните проблеми претставуваат непобедлива историска неминовност, која ја уништува можноста за (поплодни) избори.
Заостанатоста на „долгото траење“ станува судбина само тогаш кога не се сфаќаат или се игнорираат нејзините сложени упоришта, внатрешните и надворешните матрици на нејзината репродукција. Конечно, ниту укажувањето на големото влијание на надворешните актери во обликувањето на физиономијата на српското општество не значи губење од предвид на одговорноста што ја имаат внатрешните. Наместо „играње со топка“, фокусот се става на нивните конкретни, транспарентни и нетранспарентни интеракции.

Истакнувањето на мноштвото причини и за сегашната драма на српското општество, само ја нагласува потребата од посложено (само)разбирање, а тоа налага мудро чувство за присуството на историски „струни“, самосвест за сопствените актуелни потреби, како и паметна процена на сопствените потенцијали и граници, луцидно собирање податоци за современиот глобален поредок и информирано предвидување на идните предизвици. Ова е многу повеќе од негувањето надеж во далекосежноста на чинот на промена на власта. Мантрата „Само да си оди Броз… Милошевиќ… Коштуница… Тадиќ… Вучиќ…“ ја нема потребната историска сериозност, ниту досегнува до сложеноста на заплетот, кој бара долготрајна, осмислена и развојна стратегија што ги наследила постигнувањата и лекциите од искуството на сопственото општество, како и релевантните постигнувања на другите.
Во генерална смисла, основниот предизвик е како да се создадат внатрешни капацитети, кои ќе го прекинат синџирот на вечните почетоци и постојаните дисконтинуитети, зголемувајќи го просторот за сопствена автономија. На оваа почва се менуваа различни општествено-економски системи, се менуваа режими, идеологии, личности, но и покрај тоа, темелите за надминување на заостанатоста и развојните кризи не се поставени. Значи, прашањето за „вечното повторување на истото“ – егзистирањето на периферијата на Европа – упатува на тоа дека ставовите и однесувањето мораат да се променат. Синтезата на знаење, искуство и насоченост кон општото добро се од стратегиска важност за усвојувањето на претпоставениот развој и поголемиот степен на автономија. Долготрајната моќ во рехабилитацијата на општото добро лежи во изнаоѓањето сопствена мера за почитување на традицијата и современоста, индивидуалните и колективните интереси, економската ефикасност и социјалната солидарност, реафирмацијата на сопствената заедница и инкорпорацијата во глобалните текови.

Општото добро подразбира изградба на заедницата преку барањето врски, спојувањето на раздвоеното и неприродно оддалеченото, синтезата на различностите, поттикнувањето на она најдоброто во секој од нас. Одговорноста на сите припадници на заедницата – пред сè на политичките и интелектуалните претставници – лежи во посветеноста кон создавањето комуникација, практичното дејствување и соживотот врз логичка основа. Наместо да се демонстрира и поттикнува врвната историска сериозност и посветеност кон разбирањето на реално постојните внатрешни и надворешни околности, доминантниот дел од политичката и интелектуалната елита учествува, од една страна, во зацврстувањето на поделбите и креирањето деструктивна нетрпеливост и грубост, а од друга страна, во производството на незнаење, вредносна збунетост и апатија кај оние што не можат да се пронајдат во нејасните одговори на важни прашања, ниту пак во неумерените заканувачки тонови.
На оние што сметаат дека е неопходно да се почитуваат, разбираат и одново прочитаат природата и степенот на траумите што историјата ги донесе на наша почва, не со цел да се самосожалуваат, туку да ги „надиграат“ длабоко вкоренетите структурални матрици, кои и понатаму прават сопки; на оние што ги почитуваат цивилизациските резултати на поразвиените општества, но не гледаат дека сите решенија се веќе измислени, дека крајот на историјата сепак се случил и дека е излишно внимателното распрскување на сопствените искуства, туку треба да се зачуваат оние резултати што се во функција на општото добро, односно да се трага по сопствени одговори; на оние што ја препознаваат изложеноста на малата и стигматизирана српска држава кон условување, притисоци и наметнување од страна на претставниците на глобалната моќ, но гледаат и можност надворешната наддетерминација да биде намалена, од една страна со афирмација на знаењето и стручноста, а од друга, со вложување труд во изградбата на општествената кохезија, врз основа на обновување на редистрибутивните функции на државата (во прилог на намалување на нееднаквоста), засновано на развој на политики за заштита на виталните национални ресурси и доследна посветеност кон ненасилното решавање на сите внатрешни поделби и минатите проблеми што произлегоа од распадот на Југославија; и најпосле, на оние што почитуваат засновани критики, но не се убедени дека патиштата кон разумни одговори се наоѓаат во критиките што го ништат и понижуваат „непријателот“, наместо да го збогатуваат идејното поле – главно им преостануваат молкот и чувството на трагичност.

Трагичност, бидејќи со потиснување на општото добро како претпоставка и цел на развојот, како рамка за решавање на слоевити прашања и предизвици, како и рамка за преговарање, ние како да сме присилени да ги живееме вишокот несреќа и подреденост и недостигот од разбирање на сопствените интереси и потенцијали. Доколку внатрешниот консензус по некое чудо би се консолидирал, а „учеството во среќата“ систематски би се проширувало, наместо креирање поразени, изолирани, излишни, рамнодушни и алчни, општеството би зајакнувало (побивајќи го заклучокот на Маргарет Тачер, дека општеството веќе не постои), исто како и извесноста за вредноста на заедницата. Таа не би се сведувала на, од една страна, виртуелна социјална мрежа, а од друга, на поле што е расечено со непријателски ровови, преполно со болни шевови и деструктивни расцепи. Патот кон ваквата консолидација подразбира илјада крупни и ситни потези и чекори. Помеѓу другите – благост и решителност, трпеливост и итрина, добра волја и великодушност, подготвеност да се почитува секој позитивен исчекор кон општото добро и да се препознае секоја корисна идеја и предлог, без разлика од кого доаѓаат, како и учтиво да се критикува секое промашување, секое изневерување на начелата на општото добро, без оглед на тоа кој е негов извршител.

(Нови магазин)

Авторката е професорка на Факултетот за политички науки во Белград