Оние што нѐ убедуваат дека францускиот предлог е добар не ја говорат вистината

Истите тие што нѐ убедуваа да го прифатиме Преспанскиот договор, сега нѐ убедуваат да го прифатиме францускиот предлог, зашто на тој начин ќе си ја обезбедиме иднината. Каков апсурд? Но ни тие не се виновни, повторно вината е во нас. Нивна работа е да нѐ убедуваат,бидејќи за тоа се платени, но од македонските граѓани зависи дали ќе биде прифатен и одобрен францускиот предлог

Европските лидери пред одржувањето на референдумот на кој требаше да се изјасниме за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, нѐ убедуваа дека доколку одговориме позитивно, ќе ја осигуриме иднината за македонски генерации што ќе дојадат по нас. Во овој дух беа и искажувањата дека со договорот еднаш засекогаш се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, македонскиот јазик и македонската националност.
И што се случи? Сите знаеме дека ниту се потврди, ниту, пак, зајакна македонскиот етнички и културен идентитет. Напротив, по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на уставното име на Македонија, Софија се радикализира и односите помеѓу двете држави излегоа од контрола. Можеме бесконечно да ја обвинуваме бугарската политичко-општествена елита, но вината е во нас, затоа што Бугарите на овој начин расудуваат: „Го потпишавте Рамковниот договор и им го дадовте на Албанците тоа што го побараа, го потпишавте Преспанскиот договор и на Грците им го подаривте тоа што го посакаа, зошто да не ни го дадете она што и ние го бараме?“.
Да се навратиме на европските лидери! Истите тие што нѐ убедуваа да го прифатиме Преспанскиот договор, сега нѐ убедуваат да го прифатиме францускиот предлог, зашто на тој начин ќе си ја обезбедиме иднината. Каков апсурд? Но ни тие не се виновни, повторно вината е во нас. Нивна работа е да нѐ убедуваат, бидејќи за тоа се платени, но од македонските граѓани зависи дали ќе биде прифатен и одобрен францускиот предлог. Многу би била поинаква ситуацијата доколку Брисел ни образложи дека не можеме да ги започнеме преговорите затоа што во нашето општество има екстремна корупција, невладеење на правото, нефункционално судство и сѐ така до бесконечност. Барем така ќе можеме да ги разбереме, а не да бараат правда за бугарските барања.

Во овој момент, додека ја пишувам колумната, сѐ уште нема информации за модификуваниот француски предлог, но сигурен сум дека не е во полза на македонската нација, можеби ќе биде во полза на северномакедонската нација. Зошто? Одговорот е едноставен, бугарската страна го прифати. Ако внимателно анализираме, очигледно е дека многу суптилно сите бугарски барања, за кои Макрон рече дека мора да има правда, и понатаму ќе бидат дел од францускиот предлог, а се однесуваат на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура.
Доколку се прифати францускиот предлог, за кој Емануел Макрон побара правда за бугарските барања, тогаш македонската нација ќе доживее ново, уште потешко растројство. Моите зборови не се изблици на хистерија, туку реалност. Всушност, доколку се прифати францускиот предлог, без разлика во каква форма е, задира во македонскиот етнички и културен идентитет, отвора можност на бугаризација на Македонија и го завршува процесот на создавање на новата северномакедонска нација, кој започна со Преспанскиот договор.
Досега неколкупати во колумната напишавме дека ние сме виновни. Да одговориме на оваа теза. Создавањето на современата македонска држава започна со Првото заседание на АСНОМ, а тоа се случи благодарение на македонската генерација што имаше државотворни чувства. Сите македонски национални и културни институции беа создадени во периодот помеѓу 1944 и 1991 година, а кога позитивно одговориме на референдумот од 8 септември, требаше само да ја одржуваме државата што ја наследивме од нашите предци.

И, што се случи? Поради кусогледост беше прекинат државотворниот континуитет и дојде до целосен колапс на државните институции и затоа денес немаме институции во вистинската смисла на зборот. Следствено, немаме аргументи пред Брисел и затоа секогаш сме под притисок да правиме апсурдни отстапки за името или за идентитетот.
Доколку имавме вистински државни институции, тогаш ситуацијата ќе беше многу поинаква. Европеизацијата на Македонија ќе се случи во оној момент кога ќе извршиме целосна политичка и економска реорганизација на македонското општество. Европеизацијата никогаш нема да се случи со откажување од етничкиот и културниот идентитет на Македонците. На крајот на краиштата, прифаќањето на францускиот предлог и започнувањето на преговорите со Европската Унија по автоматизам нема да донесат подобра иднина, бидејќи како општество немаме институционален капацитет да ги реализираме задачите што Брисел ќе ги побара од нас. Подобра иднина можеме да оствариме единствено преку видоизменување на нашето општество. Затоа, секој што ќе нѐ убедува дека доколку го прифатиме квазиизменетиот француски предлог, ќе имаме подобра иднина, не ја говори вистината.