NIMBY – Not In My Back Yard

1558

Инаку, ваквите случувања не се типични ниту само за Тимјаник, ниту за Македонија. Постои пејоративно име NIMBY – Not In My Back Yard (Не во моето соседство) за жителите што се противат на одреден локален развој, но не би имале против ако е подалеку. Во Германија ова се вика „принципот на Св. Лорен“

Противењето на згрижување деца со попреченост во мал групен дом, го донесе неготинското село Тимјаник, во центарот на јавните критики. Случајот „Тимјаник“ на површина ги изнесе длабоко вкоренетите предрасуди кон различностите, овој пат кон лицата со попреченост, и пречките во нивната општествена интеграција.

Сѐ почнува со стратегијата за деинституционализација, која предвидува напуштање на концептот на згрижување различни ранливи групи во институции, и нивна интеграција во општеството, со поддршка на посебно развиени услуги. Самиот концепт на згрижување ранливи групи во институции е базиран на предрасуди и нивно исклучување од општеството, а предностите на деинституционализацијата се значајни. И погледнете ги географските локации на таквите институции, во Бардовци, Демир Капија, Демир Хисар, што е можно подалеку од главните центри. Демир Капија, каде што се згрижуваат лица со ментална попреченост, е една од институциите во која веќе десетина години се работи на нејзино укинување. Отпорот кон деинституционализација оди од две страни. Втората страна на отпорот ја видовме во Тимјаник и таа не е посебна само за Тимјаник туку е огледало на состојбите во повеќето заедници. Првата страна на отпорот се самите институции. Нивното укинување ќе значи губење моќ и буџети, како и губење работни места во локалната заедница, во конкретниот случај во Демир Капија, каде што институцијата е најголем работодавец.

Грешки има и во Министерството за труд и социјална политика, и во изборот на локации и во водење на процесот. Не се јасни критериумите за избор на Тимјаник, освен дека имало празен објект и услуги за поддршка во Неготино. Нетолеранцијата, ксенофобијата и исклучувањето се посилни во помали рурални средини, наспроти поголеми урбани средини, и не е јасно како децата со попреченост ќе го надминат овој јаз и ќе бидат интегрирани во заедницата на Тимјаник. Исто така, се чини дека информирањето на жителите на Тимјаник е направено предоцна, на крајот на проектот, а не на неговиот почеток. Ако жителите биле навреме информирани можеби реакциите ќе беа поинакви.

Реакциите на жителите на Тимјаник, предизвикаа контрареакции на јавни критики. Се чини дека и последниве отидоа во спротивниот екстрем. Македонија има проблем со ксенофобија и со нетолеранција, со што не смееме да се помириме, но тоа не треба да води кон нови предрасуди, жигосувања, туку во зголемени напори за образование, модернизација и за напредок.

Во истражувањето „Македонски општествени вредности“, на МЦМС од 2011 година, како и други истражувања, степенот на толеранција, гледан низ призма на социјална дистанца или блискост (во соседството), лицата со хендикеп се прифатени, односно околу 72 проценти би сакале да имаат соседи – лица со попреченост. Слична и повисока прифатливост има и на соседи со друга етничка и верска припадност, или невенчани парови што живеат заедно. Две илјади и единаесетта беше прва година во која мнозинство (56,6 проценти) би сакале Роми за соседи. Од друга страна, одбивноста кон лица зависници од алкохол, дрога (97 проценти), со криминално досие, заболени од СИДА, или хомосексуалци (78 проценти) е огромна.

Слична е и прифатливоста, поточно речено неприфатливоста на дневни центри за грижа и за ресоцијализација. Скоро никој (92,3 проценти) не сака дневни центри за зависници од дрога и од алкохол, а дополнително е загрижувачки бројот на граѓани, кои не сакаат во нивното соседство да има центар за терминално болни (59 проценти) и центри за жртви (жени, деца) на насилство (55 проценти). Сепак, дневните центри за лица со хендикеп се прифатливи за мнозинството (58 проценти), а прифатливи се и домовите за возрасни лица (82 проценти).

Општо земено степенот на толеранција расте со нивото на образование и со висината на примањата. Исто така може да се констатира дека помалку толерантни се земјоделците, домаќинките и невработените лица. Оттука повторно се поставува прашањето дали МТСП соодветно го води процесот во Тимјаник.
Инаку, ваквите случувања не се типични ниту само за Тимјаник, ниту за Македонија. Постои пејоративно име NIMBY – Not In My Back Yard (Не во моето соседство) за жителите што се противат на одреден локален развој, но не би имале против ако е подалеку. Тоа противење може да биде и градење инфраструктура, но е многу често против сместување ранливи групи како социјално домување, домување за лица со попреченост или, пак, домување за зависници и за лица со криминално досие, како и за бездомници, како и против сервиси за стигматизирани групи, на пример, зависници од дрога.

Оттука ваквите предрасуди и состојби мора да бидат земени предвид, не за да се откажат активностите, туку да се дополнат со мерки, кои ќе обезбедат ефективно спроведување.

(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek