(Не)зрел за политичар?

Јас истите вредности и ставови ќе ги застапувам и во иднина, зашто за мене како човек и експерт повеќе ќе говори иднината отколку тоа дали партијата, функцијата ме смениле и заради власт сум се откажал од моите вредности и ставови

Откако во април 2012 година, „Нова Македонија“ ми понуди и започнав со пишувањето мислења, почувствував потреба од лично појаснување за тоа како, зошто, кој сум и каков сум во „(Не)зрел за колумниста“. Ете, поминаа десет години и сум пред нова промена, за која чувствувам потреба од лично појаснување. Неодамна, предминатиот понеделник бев избран за член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа уште веднаш минатата недела во моето мислење се потпишав како аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не беше да се пофалам, туку како што е редот во транспарентност, да обзнанам можен судир на интереси меѓу моите анализи и членство, што може да има влијание врз мене. За сегашното појаснувања го позајмив тогашниот наслов, иако имав дилема дали со моите 55 години и 30 години работно искуство треба да се биде (пре)зрел, наместо (не)зрел, но и покрај моето животно и работно искуство дилемата е иста.
Да, точно е дека сум избран за член во новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ. По триесетгодишно искуство во граѓанско општество или непартиски политички ангажман, од кои дваесетина години во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а последните десет години како член на одбори на неколку граѓански организации, аналитичар, консултант, колумнист во „Нова Македонија“, донесов одлука да преминам во партиски ангажман. И во објавата за изборот од страна на ВМРО-ДПМНЕ бев најавен како аналитичар и долгогодишен граѓански активист.
Отсекогаш сум бил во политика, само сега тоа е партиска, наместо непартиска. Зошто, или што би рекле некои „што ти требаше ова?“ Одлуката бара смелост од двете страни и од мојата и од ВМРО-ДПМНЕ. На мојата страна бара смелост за вклучување во партискиот и напуштање на непартискиот политички простор. За нешто што на други места е нормално, да се преминува од непартиски во партиски политички простор и ангажман, и обратно, кај нас е потребна смелост, поради тоа како се води политиката и бариерите поставени од политичарите за кои драгиот Звонко Шаврески има речено „оставете нè нас да се мачиме со олку валкана работа како политиката“ и за што аргументирав пред повеќе години во „Окупирај ја политиката“.

Тука многу ми помогнаа разбирањето и силната поддршка од најблиските, моето семејство, како и колеги и другари. Сметам дека треба поголем ангажман на луѓе од граѓанското општество, граѓански организации, синдикати, комори, на сите граѓани со и во партиите, за да ја постигнеме неопходната промена во политиката и општеството. И од партијата, од ВМРО-ДПМНЕ, бара смелост за проширување на политичката мисла и спектар. А сега, во ова време, посебно поради растечкото чувство дека Македонија, како земја се движи во погрешна насока и дека мора да има промени.
Откаде ВМРО-ДПМНЕ што би рекле еден дел, а хејтерите од левицата би рекле „ете го вмровецот“. Идеолошки сум центар десно. Претходно сум бил член на само една партија, многу одамна на МААК во времето на Анте Поповски. Сум го поддржал основањето на Достоинство и ГРОМ поради вербата во вредностите и мисијата. Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ може да изгради силна центар-десно коалиција, која ќе ја врати Македонија во права насока.
А-ха, значи се доведуваат во прашање досегашната независност и експертски ставови? Да бев партиец ќе одговорев со прашање, а кај другите, дали е доведена во прашање независноста кога биле во НВО повеќемина од сегашната влада како Бојан Маричиќ и Марјан Забрчанец? Но не сум партиец и на прашање нема да одговорам со контрапрашање. Не знам како сегашноста може да има влијание на триесетгодишно минато. Никогаш не сум тврдел дека сум неутрален, бидејќи човек е политичко битие, туку сум тврдел дека сум независен од влијанија на партии. Јас мојот вредносен систем, моето идеолошко место, центар кон десно, никогаш не сум го криел, напротив, секогаш сум бил транспарентен во однос на тоа. Затоа и веднаш по изборот во мојот потпис и во најавите на медиумите додадов дека сум член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, за да изјавам можен судир на интереси. Секогаш сум се стремел кон анализи, ставови, мислења засновани на факти, со аргументи и контрааргументи. Моите ставови се јавни и документирани, меѓу другото во 10 години пишување за „Нова Македонија“ се и проверливи. Јас истите вредности и ставови ќе ги застапувам и во иднина, зашто за мене како човек и експерт повеќе ќе говори иднината отколку тоа дали партијата, функцијата ме смениле и заради власт сум се откажал од моите вредности и ставови.

Идеалистот во мене сака, не функцијата да ме смени мене, туку јас да ја сменам функцијата, а реалистот во мене се обидува да приоритизира и сега засега да се фокусира кон што ќе се стреми. Во партијата, во ВМРО-ДПМНЕ, да се прошири политичката мисла, да се зголеми отвореноста, вклучувајќи и консултации со граѓанското општество. Да потсетам дека едно од најголемите постигнувања на граѓанското општество, носењето закон, стратегија и основање Министерство за животна средина во 1998 година, каде што првите два министри Тони Поповски и покојниот Марјан Додевски дојдоа од Движењето на екологисти на Македонија, беа за времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се стремам да се сузбива говорот на омраза во политичкиот говор и ПР, на популизмот, да се води политички дијалог, каде што другите партии се ривали, а не непријатели. И за добро владеење, со повеќе вклучување на граѓаните, со зголемена отчетност и транспарентност и борба против корупцијата на високо ниво. Нема да излеземе од сиромаштијата и апатијата без да се промениме.

Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Блог www.megjutoa.mк @sklek