Неписменост или бесловесност?

Не знаеме да читаме контексти, идеологии, чувства, намери: словесноста е моќ за мислење и чувствување, не само за читање и изговарање слова. Словото, логос, подразбира мисла, не само фонетски изговорен поток, ниту верига од испишани (или прочитани) графеми. Може да се каже дека страдаме од фигуративна дислексија

Зборот „пес“ не лае
(Жерар Женет)

Еве уште еден сомнителен збор: неписменост. И тој го изгуби основното, а доби сосема други значења, за кои вреди да се потроши една колумна.
„Вкупно 45 отсто од децата во второ и трето одделение имаат основни вештини за читање – т.е. можат правилно да прочитаат 90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две прашања за изведени значења“, пишува „Нова Македонија“ од 10 февруари, повикувајќи се на истражување на Државниот завод за статистика. Народски кажано, само 45 отсто од децата ни се писмени.
А што, возрасните се поарни? Дури, некои од нив работат и во медиумите и во образованието, па влакно не им фали од главата. Голем дел од нив се кормилари во политиката и го сонуваат кормилото на државниот брод. Па кога такви луѓе ни ги образоваат (наставници) и посредно ни ги воспитуваат децата (медиумски личности, идоли-политичари), зошто се чудиме што имаме речиси 60 отсто неписмени деца?
За да се разбере дека за мене поимот „писменост“ не значи само препознавање на буквите, туку способност за читање и РАЗБИРАЊЕ на делови поголеми од графемата и зборот – реченици, смисловни целини, стварни и имагинарни контексти, интонационо-значенски параграфи (иронија, сарказам, хумор), ќе дадам еден пример. Тој пример покажува дека вистински писмен е не само оној што разликува графеми туку и идеологеми. За возрасните, особено за оние што работат во медиумите, во политиката и воопшто – во јавниот живот, таквата ФУНКЦИОНАЛНА писменост е услов sine qua non.

Ако некаде прочитам наслов „Муслиман силувал седумнаесетгодишна девојка“, читањето на графемите мене ми кажува дека припадник на една вера силувал малолетна девојка, и ништо повеќе. Тоа е поимната вредност на овој исказ. Тука завршува работата на обичното, правоговорно читање. Но почнува работата на идеолошкото читање. Секој што во оваа реченица ќе стави семантички (значенски) акцент врз она „муслиман“, нужно чита идеолошки токсично, избирајќи ја идеологијата на дискриминацијата како клуч за читање, зашто настанува генерализација: близу сме до идејата дека сите муслимани силуваат малолетнички и дека тоа е нивна differentia specifica. Тоа води до омраза кон муслиманите. Секој што, напротив, ќе стави акцент врз актот на силувањето, избира космополитска идеологија: осуди го гревот, а не грешникот, вели и Светото писмо. Се разбира, судовите и полицијата не ги интересира гревот, туку грешникот, и нивна работа е да го фатат и осудат. Ама со судење на грешникот не се осудува, ниту се сопира гревот: тој продолжува да се умножува и живее преку други извршители-грешници. Така, овој исказ има најмалку две идеолошки читања: некој по читањето на овој наслов ќе ги опцуе муслиманите, а некој ќе се загрижи над сѐ помасовната појава на силување малолетнички (и силувањето воопшто).
Се разбира, и во самиот наслов е невидливо подметната идеологијата на сегрегацијата: можело да се напише „Полнолетник силувал малолетничка“, без да се инсистира на посебна колективна специфика на силувачот. Зошто никогаш не читаме наслов „Вегетаријанец силувал малолетничка“? Затоа што никој нема идеолошки интерес да ги оцрни вегетаријанците – тие не се политичка закана за ниедна власт. Кога би се избегнало она „муслиман“, би се избегнало наведување на идеолошко читање, кое сегрегира по конфесионална линија. Вака, ретко кој ќе се сети дека насловот може да се чита и поинаку: како осуда на гревот, не на грешникот.
Дали работа на нашите школи е само да ги научат децата да го прочитаат коректно, буква по буква, овој наслов, или да ги научат и на читање идеологии? Кој ќе ги научи на читање идеолошки контексти, ако не училиштето? Кога ќе пораснат, кога ќе треба да се вработат и кога ќе се доберат до партијата, тие ќе бидат БЕСЛОВЕСНИ: ќе можат да бидат употребувани како крдо партиски биволи што газат други луѓе по нарачка („Згази ги муслиманите, силуваат малолетнички“), или како живо топовско месо за опстанок на партијата.

Или, на пример, кој ќе ги научи нашите деца да читаат ГОВОРНИ ЧИНОВИ, не само букви? Ако некој дојде и им рече: „Морате да ја измените историјата, за да добиете тоа и тоа!“, поданичкиот менталитет ќе стави акцент на она „морате“. Либералниот дух ќе стави акцент врз она „да ја промените историјата“, па ќе рече – чекај, не оди тоа така, тоа е вредност што треба да се спореди со она што е ветена вредност. Освен тоа, ништо јас не морам, јас сум слободна личност/народ. Треба да ги научиме нашите деца дека постојат и говорни чинови – ветувања, молби, закани, а во случајов – команди, и дека нивното прифаќање автоматски значи дека му признавате на оној што ви командува дека е во надредена, а вие во подредена позиција. Ако некој на улица ви искомандува „Оди и смени си ја личната карта“, сигурно нема да отрчате во МВР, туку ќе помислите дека се мрднал од умот. Помисли ли некој од нашите високописмени политичари така во најкритичните моменти за опстанокот на Македонија? Намерно реков улица: светската политика тоа и е, денес. Улица. Ја водат високоучени уличари, по принцип на улични банди. Бараат поданички менталитет. Ако го добијат, те приклучуваат кон бандата. Ако не, стануваш непријател и контрабандит. Ќе се бијат со тебе по улици. Но има секогаш и трето решение: НЕЗАВИСНОСТ, слобода. Да ги одминеш уличните банди и да не реагираш, како да ги нема, без разлика кој што ти дофрла и какви непристојни предлози ти нудат. Не беше Јосип Броз будала што го измисли движењето на неврзаните. Тоа копче во политиката се вика IGNORE. Кај нас, за жал, никој не го притисна. Бугарите го притискаат почесто од нас, дури и се чаталат пред газдата. Тој им командува, ама ретко го слушаат. Ние сме, пак, поданици. Послушни сме.
Така што, не страдаме ние од буквална неписменост: напротив, имаме сѐ повеќе писмени со дипломи. Ние страдаме од бесловесност. Не знаеме да читаме контексти, идеологии, чувства, намери: словесноста е моќ за мислење и чувствување, не само за читање и изговарање слова. Словото, логос, подразбира мисла, не само фонетски изговорен поток, ниту верига од испишани (или прочитани) графеми. Може да се каже дека страдаме од фигуративна дислексија. Вистинската дислексија е нарушување при кое наместо левата, со читање на буквите се занимава десната мозочна хемисфера, која не е наменета за тоа. Нашата интелектуална дислексија, за жал, се сведува на тоа дека некој ни ставил картонска преграда меѓу левата и десната хемисфера. Нема контакт меѓу нив, никаков допир. Толку.