НЕ!

1968

И иако не спаѓам во ниедна категорија на анти-ЕУ, „рубља-патриоти“ и квазипатриоти со бугарски или туѓи пасоши, јас сум за НЕ за францускиот предлог

НЕ за францускиот предлог за решение на ветото на Бугарија, затоа што тоа не е решение за ќор-сокакот за македонската интеграција во ЕУ и безизлезноста во која се наоѓаат бугарско-македонските односи. Таа безизлезност ќе постои и доколку Бугарија се откаже од ветото за започнување на ЕУ-преговорите со Македонија. Расправата за бугарско-македонските односи се сведува на расправа за „ужасен крај“ или „ужас без крај“. Ќе аргументирам зошто!
Прво, да декларирам можни судири на интереси, покрај тоа што сум член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и учествувам на протестите против францускиот предлог. Целиот мој живот сум посветен на евроатлантските интеграции на Македонија, не само на зборови туку и на дела. И сметам дека Македонија има општествен договор за Запад како наша стратегиска определба. Во ниедна смисла не сум „рубља-патриот“ и, на пример, од 2014 година сум јавен поддржувач на Украина и поради сопствени македонски национални интереси. Немам бугарски пасош, ниту пасош на која било друга земја, имам само еден пасош – македонски! И никој во моето семејство нема каков било пасош освен македонски. И иако не спаѓам во ниедна категорија на анти-ЕУ, „рубља-патриоти“ и квазипатриоти со бугарски или туѓи пасоши, јас сум за НЕ за францускиот предлог.
Второ, да декларирам дека сум ги прочитал предлог-заклучоците на Советот, Заедничкиот став на ЕУ од политичкиот состанок, Општиот став на ЕУ од министерскиот состанок, како и непотпишаната бугарска верзија на записникот (фамозниот протокол) од втората средба од заедничката бугарско-македонска меѓувладина комисија, формирана според членот 12 од Договорот за добрососедство. Ќе ја прочитам и потпишаната конечна верзија, ако мојата влада ме удостои да ја објави. Покрај тоа, сум прочитал анализи, ставови за и против францускиот предлог од повеќе стручњаци. Оттука мојот став е информиран став.
Македонскиот јазик, кој со Преспа беше гарантиран, повторно е на ветрометина. ЕУ ќе го преведе правото на македонски јазик, но ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија (Општ став, воведна изјава, членот 3). Македонскиот јазик не станува службен, тоа ќе се случи кога ќе станеме членка. Од друга страна, формулацијата „ЕУ ги зема предвид“ остава ризик за повторно отворање на прашањето.

Македонскиот идентитет ќе биде атакуван. Со воведувањето на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија како категорично наведени во Општиот став, преговарачка рамка, членот 5, меѓу другото, со „годишни прегледи“ за спроведување на членот 12 (заедничка македонско-бугарска владина комисија), што е замена „протоколите“, како и со акциски план за заштита на правата на малцинствата (Општ став, членот 35), кој вклучува мерки против говор на омраза – читај бришење на бугарскиот фашистички окупатор од спомениците и образованието – читај промена на учебниците за историја, ќе се создаде основа за атакување на македонскиот идентитет. И со Општиот став, членот 47, е наведено дека следењето на напредокот е и низ призмата на членот 5. Засилено со членот 14 од заедничкиот став, во кој се поздравува фамозниот и непотпишан записник (протокол) од втората средба на заедничката меѓувладина комисија и се вели дека е „суштински елемент“. Јас не се плашам за кого сум и што сум, за мојот идентитет, ама поради атаците, преговорите ќе завршат пред да почнат.
И сето ова за уште еднаш да добиеме датум за преговори, без преговори. Лага е дека ќе започне скрининг веднаш по одобрувањето на предлогот. Во заедничкиот став, во членот 1, се говори за „прва фаза“, што укажува дека преговорите ќе почнат по промена на Уставот. Според заедничкиот став, членот 13, во првата фаза ќе се спроведува процес само на „аналитичко испитување“, што се прави и сега со годишните извештаи на комисијата, а скринингот ќе започне по уставните измени (Општ став, членот 30).

Кога сме веќе кај уставните промени, тие се широко дефинирани, а не само како промена на преамбулата, и се услов за суштинско започнување на преговорите. Менувањето на Уставот пред отворањето на преговорите ја прави Македонија екстремно ранлива за натамошни блокади и уцени и го зголемува ризикот по македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Да спомнам дека вклучувањето на малцинските права, и преку акциски план, не е само преседан туку и срамота за земјата што целосно го исполнила Охридскиот рамковен договор и е сигурно меѓу шампионите за малцински права во Европа, а за Бугарија и Франција може да биде одличен пример.
На крајот, за единственоста на приликата. Да потсетам дека во 1992 година, да ја прифатевме Лисабонската декларација на ЕУ во името да го нема зборот „Македонија“, досега ќе бевме членка на ЕУ. Да, моравме да го промениме името, но го има зборот Македонија. Дали вредеше децении чекање? Да! Без Македонија, Македонци и македонски јазик нема потреба да постои оваа држава. Тука да потсетам на манипулацијата дека, еве, Мишел зборувал за Македонци и македонски јазик. Та и Бугарија сега признава дека има Македонци и македонски јазик, само нели пред 1944 година сме биле Бугари со бугарски дијалект.
Затоа расправата за бугарско-македонските односи се сведува на расправа за „ужасен крај“ или „ужас без крај“. Аргументот дека можеби е ова „најдобриот предлог“ што ќе го добиеме, бидејќи нема да има премиер како Кирил Петков, не е аргумент за туку против. За сите овие обврски што сега ќе станат ЕУ-обврски ќе мора да разговараме со полоша бугарска влада од оваа. Без промена на антимакедонските ставови на делови од бугарската политика, сосема е сеедно дали ќе остане бугарското вето сега, или ќе влеземе во сценарио на бескрајни уцени. Дека нема да има „нелегитимни барања“, никој не е подготвен да гарантира. И да го прифати Владата предлогот, тој нема да води кон отворање на ЕУ-преговорите. Затоа сум за НЕ за францускиот предлог. Како што се за НЕ и водечки тинк тенкови и граѓански организации Институт за демократија (ИДСЦС), Институт за европска политика (ЕПИ), МЦМС и други. Како што се за НЕ и докажани евроатлантисти и пријатели на Македонија како Ерван Фуере, поранешен ЕУ амбасадор, Едвард Џозеф, предавач на Џон Хопкинс школа и поранешен претставник на Меѓународната кризна група во Македонија, Флоријан Бибер, австриски универзитетски професор и многу други.

Како посветен евроатлантист, кој е планот Б. Да се стремиме кон подобар договор. Каков би бил тој? На пример, откажување на Бугарија од едностраните декларации за македонскиот јазик, а Македонија да поведе иницијатива за промена на Уставот, кој ќе се промени кога Ма­­кедонија ќе стане членка на ЕУ. Акциски план за малцинства може да се донесе и без негово вклучување во преговарачка рамка. Комиси­јата за историја не смее да биде под притисок, вклучувајќи и рокови.
За процесот, за протестите, во следна пригода, сега само една порака до Владата: Не туркајте нѐ во конфликт!

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #НЕ