Наука за државата

Денес, Македонија има многу мудри глави што напишаа стотици научни и истражувачки трудови, закони, анализи, предлог-решенија за многу проекти итн. Но и малите деца знаат дека еден од главните проблеми со кои се соочува македонското општество е спроведувањето на нештата

Старите римски државници не обмислувале нови нешта. Затоа великиот државник и филозоф Марко Тулиј Цицерон вели дека следбениците на старата академија, основана од Платон, напишале многу дела за законите, храброста, пријателството, за тоа како да се живее, за филозофијата, за тоа како да се управува со државата и сѐ така до бесконечност. Нивните дела, всушност, биле опомени и совети за државниците.
Проучувајќи ги делата на мудрите луѓе, Старите Римјани ја создадоа првата држава, држава во вистинска смисла на зборот, држава со сите атрибути. Имајќи го ова предвид, не треба да се зачудуваме што Старите Римјани со својата оставина се едни од градителите на модерна Европа. Денес, сите западни и модерни држави се повикуваат на римското наследство, затоа еден сенатор со часови, денови и недели во американскиот Сенат држеше говори за Римската Република, обидувајќи се на овој начин да ги поучи младите американски политичари како се гради и заштитува државата.

Но суштината не се состои само од изучувањето на опомените и советите на мудрите луѓе, туку во реализацијата на нивните насоки и внимателно согледување на нивните приговори и критики, а старите римски државници многу умешно го правеле тоа.
Каде сме ние како општество во оваа приказна? Денес, Македонија има многу мудри глави што напишаа стотици научни и истражувачки трудови, закони, анализи, предлог-решенија за многу проекти итн. Но и малите деца знаат дека еден од главните проблеми со кои се соочува македонското општество е спроведувањето на нештата. Нашата општествана и интелектуална елита може да создаде уште илјадници трудови, меѓутоа останува прашањето дали ги реализираме нивните насоки и согледувања.
Да се навратиме на Цицерон. Овој римски мислител вели дека ги напуштил судските и државнички работи исполнети со залагања и опасности, и започнал да се занимава со филозофијата за неговите сограѓани да станат поучени и да не се борат толку со оние што повеќе сакаат да читаат книги. Марко Тулиј Цицерон исто така вели дека две душевни движења му се својствени на размислувањето, а другите на желбата. Размислувањето најмногу има цел да ја следи вистината, додека, пак, желбата не поттикнува кон дејствување. Затоа, човекот треба да се погрижи размислувањето да го применува за што повозвишени цели, а желбата да му се покорува на разумот.

Да се навратиме сосема на почеток. Не треба да обмислуваме нови нешта. Веќе стотици години мудрите луѓе пишуваат за тоа како треба да се управува со државата. Треба само да ги послушаме нивните совети и да ги примениме за повозвишени цели.
Еден мој пријател вели дека пред неколку години заедно со странски експерти, врз основа на истражување и анализа, поднел предлог-решение за одреден општествен проблем. Насоките биле прифатени во целост, но целиот проект-предлог и понатаму останува само мртво слово на хартија. И тука е нашиот проблем, мораме да имаме конкретни активности за општествените тешкотии. Доколку сакаме да напредуваме и да се развиваме како општество, време е да почнеме да се однесуваме како римските државници, да ги слушаме советите на мудрите луѓе и да ги реализираме нивните укажувања.