Најголемите замки за Македонија во „францускиот предлог“

Каде лежат најголемите замки за Македонија доколку се прифати предлогот Ковачевски – Петков, неправедно наречен „француски предлог“? Сметам дека веќе нема никаква потреба да пишувам за суштинските политички проблеми поврзани со воведувањето на барањата од Декларацијата на бугарското собрание во преговарачката рамка за влез на Македонија во Европската Унија. Стремежот на Софија за „бугаризација преку европеизација“ си добива поддршка од Европската Унија и од сите 27 земји-членки на ЕУ. Паѓаат во вода сите тврдења дека „Софија е изолирана“, дека „никој во Европа нема разбирање за бугарските барања кон Македонија“, а особено небулозите дека „Западот ќе ја притисне Бугарија, па таа ќе мора да попушти“. Сега пред очи го следиме тоа што требаше да се случува минатиот четврток, на 23 јуни 2022 година, а тоа е невидено медиумско бомбардирање на јавноста со лаги и невистини дека Македонија ги почнува преговорите и дека македонскиот национални позиции се зачувани. Македонија, за само пет години, е пред вториот најголем дипломатски и национален пораз во својата историја. Комунистите ни ја оставија Македонија како национална држава на македонскиот народ, со сите нишани и со сите национални институции. Требаше само да ја демократизираме и да ја претвориме во „пристојно место за живеење“. Наместо тоа, денес веќе не постои Македонија, туку некое чудовиште наречено „Северна…“, а влезот во Европската Унија треба да биде платен со поништување на сè што е македонско и со бришење на Македонците од кругот на нациите и од друштвото на етникумите. За само пет години сведочиме на целосен национален пораз, кој започна со Преспанскиот договор, а завршува со договорот Ковачевски – Петков, дипломатска катастрофа кога Македонија од национална држава на македонскиот народ стана безимена територија на делови од народи, а сега е на пат да стане втора бугарска држава на Балканот. Процесот на разградување на државата го започна Зоран Заев, а го продолжува Димитар Ковачевски.
Нормално, не треба воопшто да повторувам дека јас сметам дека овој предлог треба да се уништи како воопшто да не постоел, а дека Македонија треба повторно да ги започне разговорите со Европската Унија и со Бугарија претставувана од нова влада, со полн демократски капацитет, и од преговарачи што исклучиво се водат од македонските национални и државни интереси, а притоа никому не му ги должат своите функции и позиции. Заврши времето на марионетите!

Сепак, ајде да се фокусираме на момент на најладнокрвната дипломатска анализа на предлогот Ковачевски – Петков. Постојат три сериозни проблеми со предлогот, од кои еден е огромен и не зависи од Македонија, додека две прашања се во исклучива надлежност на македонската надворешна политика и на македонската дипломатија.
Огромниот проблем произлегува од општото расположение на Европската Унија, особено во стожерните земји-членки. Резултатот на францускиот референдум од 2005 година сигнализираше дека граѓанството во земјите-основачи веќе не го споделува ентузијазмот на политичките елити за натамошната интеграција на Европската Унија. Прва и најголема жртва на разбеснетото европско граѓанство беше политиката на проширувањето на Европската Унија. Јасно е како бел ден дека, на ниво на Европската Унија, веќе нема политички консензус, а нема ни одлука за прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ како полноправни земји-членки. Уште пред воведувањето на новата методологија и групирањето на поглавјата во кластери, целиот процес на европската интеграција ја изгуби својата предвидливост, ја изгуби и својата јасност, а што е најважно ја изгуби и својата конечност. Црна Гора преговара од 2012 година, a Србија од 2013 година, но нема никаква назнака дека нивниот преговарачки процес би можел да се затвори во скоро време со нивно полноправно членство во Европската Унија. Дополнителна забуна внесува и новата методологија, која овозможува прогресот во преговорите да биде ставен под знак прашалник во секој момент, како од органите на ЕУ, така и од која било земја членка, сите постигнати резултати да бидат поништени, па целиот процес да се врати на почетната точка. Исто така, францускиот претседател најави и француски референдум за проширување на Европската Унија со секоја идна земја-членка, а во моментов е незамисливо граѓаните на Франција позитивно да се изјаснат за која било од земјите-кандидати.

Тоа е големиот проблем што ги поништува сите празни приказни и „грандиозни“ говори што во следниот период ќе се повикуваат на европските вредности, историјата, „иднината на нашите деца“, прогресот и така натаму. Не постои ниту една политичка сила во Македонија што ја спори европската интеграција на земјата, но само одговорните политичари, со државнички светоглед, умеат да согледаат дека нашиот влез во ЕУ е единствено можен со зачувано национално достоинство и со елементарна пристојност. Предлогот Ковачевски – Петков не го нуди тоа, ЕУ нема донесено конечна одлука за извесен прием на земјите од Западен Балкан како полноправни членки во скоро време, па, оттука, неразбирливо е ова брзање да се протне лош предлог за Македонија по секоја цена.
Другите две точки зависат исклучиво од македонската надворешна политика и од нејзината дипломатска умешност. Првото прашање се гаранциите… Дали каде било во предлогот Ковачевски – Петков постојат цврсти политички гаранции дека Бугарите нема да ја држат Македонија во заложништво за време на преговарачкиот процес и дека европската интеграција на Македонија нема да се претвори во „бугаризација преку европеизација“? Дали европската служба за надворешна акција, француската дипломатија, германската дипломатија и италијанската дипломатија се подготвени да излезат со конкретен документ или макар со објавена политичка декларација каде што тие ќе се обврзат, во име на европските вредности, во согласност со сите меѓународни и европски документи за човековите права и слободи, дека македонскиот идентитет, култура и национална посебност нема да бидат предмет на преговори и на бугарско вето? Дали американската и британската дипломатија, како страни што се изјаснија дека ја поддржуваат македонската европска интеграција, се подготвени, исто така, да застанат зад вакви гаранции за Македонија и да ги поддржат? Не се сомневам само дека такво нешто воопшто не е побарано од наша страна, затоа што СДСМ покажа дека не умее да ги брани македонските национални интереси во надворешната политика и дека се способни само да влезат во некои луди авантури за да си купат уште еден ден власт повеќе, налудничави проекти што потоа со години ја обременуваат македонската надворешна политика.

За жал, засега имаме само „Гаранция-Франция“, како што милуваат да кажат нашите источни соседи, односно празна гаранција, усно даден збор што никој нема намера да го исполни.
Вториот проблем е уште подлабок и тој е суштината на целиот процес. Како Бугарија ја толкува преговарачката рамка за влез на Македонија во Европската Унија? Токму бугарското толкување на Договорот за добрососедство, безглаво потпишан од Заев, без никаква консултација со јавноста, ја внесе Македонија во новиот кошмар и нè доведе до оваа непосакувана состојба. Сите водечки бугарски политичари јасно ставија до знаење дека за нив преговарачката рамка што произлегува од предлогот Ковачевски – Петков ги содржи целосно сите бугарски барања од Декларацијата на бугарското собрание и од рамковната позиција на бугарската влада, министерски совет како што тие ја нарекуваат. Исто така, тие изброиле и седум точки каде што може да стават вето на македонската европска интеграција, покрај преостанатите седумдесет и две точно дефинирани места каде што која било земја-членка на ЕУ може да го запре процесот. За Бугарија, преговарачката рамка за влез на Македонија во ЕУ е критичниот документ за бугаризација на Македонија при нејзината европеизација и тоа е срцето на целиот проблем.
Ете, на тие три точки треба да обрне внимание македонската политика при анализа на „видоизменетиот“ предлог Ковачевски – Петков, според толкувањето од Скопје, од СДСМ и ДУИ, од Заев, Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и Османи. Остатокот од светот не гледа дека што било е изменето (приказнава ми личи на еден мој другар од средно училиште, кој за себе мислеше дека е голем љубовџија, но никој друг на Земјината топка не мислеше така).

Не сум од оние што влегуваат во малодушност дури ни во вакви моменти. Македонскиот народ скапо и крваво ги плати својата национална слобода и својата држава, па ќе ги брани од петни жили. Помина времето на оружени судири, па битките за слобода на Македонија ќе се бијат исклучиво преку правото и преку културата, а Македонија ќе победи. Не може никој против еден цел народ и против неговата волја за сопствена држава. За несреќа, домашната глупост и домашното предавство нѐ вратија назад во борбата за национална слобода, но не се сомневам дека ќе ја истрпиме и оваа несреќа, ќе си ги вратиме изгубените позиции, па ќе тргнеме повторно да си ја прикажеме и нашата приказна во „културниот натпревар помеѓу народите“. Македонија ни е сè што имаме и вреди да се посвети цел еден живот во борба за Македонија, за нејзината слобода и за нејзината иднина.

Автор: Ивица Боцевски