Мојсеј и Десетте Божји заповеди

Библиска приказна за човек од земја со душа (1)

Време на наобразба – завршив гимназија и завршив Правен факултет. Во професијата станав делител на правдата судија, државен обвинител и адвокат. Мисла од мојот гимназиски професор – тој што тргнал на патот со книга, секогаш ќе биде нејзин слуга. Слуга да научи нешто повеќе, да се просвети, просветли, а книгата со време ќе му стане најверен пријател.
Кај мене така се случи. Се прашувам дали сум само Човек од земја/прашина или сум Човек од земја со душа. Прашањата и одговорите ги барам во теолошката литература. Здраворазумен човек постојано се прашува, што е ум, разум, молитва, вера? Ракописот го почнувам и така треба, со Светото писмо – Библијата. Како постанал светот и Човекот запишано во Битието – Прва книга Мојсеева. Битието нѐ запознава со божјите дела, со создавањето на Човекот.
Дословно ќе ги пренесам зборовите од битието: Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата…
Потоа, бог рече: „Да создадеме човек според нашиот образ (и) според нашето подобие како сме ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небесните птици, (над sверовите) и над добитокот и над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!“
И бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде: машко и женско ги создаде. И господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа. И господ Бог рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ Затоа Господ му прати на човекот длабок сон; па кога заспа му извади едно ребро, и местото го наполни со месо. Од реброто, што го зеде од човекот, господ Бог создаде жена и ја доведе кај човекот. А човекот рече: „Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојот плот. Нека и биде името жена, зошто е земена од мажот (свој)!“ Адам ја нарече својата жена Ева, бидејќи таа стана мајка на сите жени. Потоа, Адам легна со жената своја Ева, која зачна и го роди Каин и рече: „Придобив човек од Господ!“ Го роди уште и братот негов Авел.

Името на човекот Адам доаѓа од еврејскиот збор адама-земја. Во вториот говор Мојсеј ќе кажува како Господ ги напишал – „десетте Божји заповеди“. Имено, Мојсеј го свика сиот израилски народ и му рече: Лице в лице ви говореше Господ ваш на планината од огнот, Јас, пак, стоев меѓу Господ и меѓу вас во тоа време, за да ви ги пренесувам зборовите Господови, бидејќи вие се плашите од огнот и не излеговте на планината. Тој тогаш рече: Јас сум господ, твојот Бог, Кој те изведов од египетската земја, од домот на ропството. Не убивај! Не врши прељуба! Не кради! Не сведочи лажно против ближниот свој!… Тие зборови ги изрече господ и ги впиша на две камени плочи и ми ги предаде.
Архиепископот охридски и македонски Михаил го преведе житието на св. свеш. мч. Доротеј Тирски. Отец Ава Доротеј живее кон крајот на шестиот и почетокот на седмиот век. Од списите на духовниот отец Доротеј во наследство се неговите поученија чие учење се раширило во манастирите, кај монасите и меѓу христијаните во светот. Тој се слави на 18 жетвар/јуни. Првата поука – Одрекување – тој зборува за симболите на монасите, за своите заповеди и друго.
Монашката облека се состои од подрасник со кратки ракави, кожен ремен, параман и капа. Подрасник со кратки ракави се носи – кога ќе нѐ нападне помисла да направиме што било што е поврзано со „стариот“ човек – на пример, да украдеме или да удриме некого – тоа навистина е грев што го извршуваат нашите раце. Знак на подрасникот е пурпурната боја. Монахот треба да носи пурпурен знак на подрасникот за да покаже дека се бори за Христос, нашиот Цар и дека е подготвен да трпи страдање како што и Тој претрпе за нас. Ременот што го носи монахот значи дека е подготвен за работа. Ременот се носи на половината, од каде што како што се вели, произлегуваат развратните страсти.

И тоа е она за кое апостолот говори: „Умртвете ги органите од земна природа во вас, односно блудот, нечистотијата, итн.“. Монахот носи параман, се става крстовидно на рамењата, означува крст како што Христос рекол: „Земи го својот крст и врви по Мене“. На главата носи капа. Капата е симбол на Божјиот благодат на нашиот Спасител, која го покрива она што владее со нас; и го штити детското во нас, во Христос, за сметка на ѓаволските постојани напади и повреди. Отец Доротеј ќе каже поука за духовниот живот на Монахот. Не познаваш некој монах што не паднал, поради тоа што имал доверба во себе и во своите чувства. Ништо не е толку жално, ништо не е покатастрофално отколку да бидеш самиот на себе духовен водач.
Светиот старец отец Ава Доротеј во врска со Десетте Божји заповеди објаснува:
„Бог, заради нас постана човек, ослободувајќи го човекот од непријателско мачење. Тој му ја зел моќта на гревот, му ја срушил неговата сила и не избавил од потчинетоста; не ослободил од робувањето – освен што ние самите не посакавме да грешиме по своја волја. Господ ни дал власт, како што рече да газиме по змии и скорпии, и на сета непријателска сила, очистувајќи нѐ со Крштението од секаков грев. Со светото Крштение се прочистуваат и мијат сите гревови. Затоа, познавајќи ја нашата слабост и предвидивајќи дека ќе грешиме и по Крштението – како што е напишано: „Зошто помислите на срцето човечко се зли уште од младини“.
Бог по својата добрина ни ги дал светите заповеди и ние можеме повторно да се очистиме не само од нашите гревови туку од вродените склоности што нѐ водат да грешиме. Едно е гревот, а друго е инстинктивната реакција на страст. Ова се нашите страсти: гордоста, гневот, сексуалните задоволства, мразењето, алчноста итн. Конкретните гревови се задоволување на овие страсти; тоа се случува кога човек ги извршува на дело страстите, односно кога со телото го извршува она на што страстите го наведуваат. Навистина можно е човекот да има страсти, ама е невозможно да не ги извршува.

Затоа, Тој ни дава правила, како што рекол, кои не очистуваат од нашите страсти и оние зли склоности, кои доаѓаат од нашиот внатрешен човек. Тој му дава сила на внатрешниот човек да разликува добро од зло, го отрезнува, ни покажува причини од каде доаѓа гревот и нѐ поучува: „законот вели -‘Не прави прељуба‘, но Јас ви велам ‘немој ни да посакаш‘, законот вели – ‘Не убивај‘, Но Јас ви велам немој ни да се гневиш “. Бидејќи, ако имаш страсна желба, па дури и ако не ја извршиш прељубата денес, похотта нема да престане да ти смета одвнатре, сѐ додека не те втурне да го извршиш делото. Ако се гневиш и се раздразнуваш против својот брат, ако го удриш или зборуваш лошо за него, малку по малку, ќе дојдеш до убиство. Повторно законот вели: „Око за око, заб за заб“ итн. Но нашиот бог нѐ советува не само трпеливо да го поднесуваме ударот туку смирено да го свртиме и другиот образ. Така намерата на законот е да не им го правиме на другите она од што не би сакале да страдаме; и затоа нѐ попречувал од правење зло од кое и ние самите би пострадале. Тоа што сега се бара е, како што реков, да ги отфрлиме мразењето, сластољубието и другите страсти. Повторувам дека целта на Христос, нашиот Владика, е да нѐ научи зошто сме паднале во сите гревови,односно како сме паднале во зло“.
Во современото законодавство, Божјите заповеди се преточени во казнен Кривичен закон.

Заповедта – Не убивај – утврдена во главата на кривични дела против животот и телото: убиство, убиство на миг… Заповедта – Не врши обљуба – утврдена во главата на кривични дела против бракот. Заповедта – Не кради – утврдена во главата на кривични дела против имотот: кражба, тешка кражба, разбојништво… Заповедта – Не сведочи лажно против ближниот свој – утврдена во главата на кривични дела против правосудството, давање лажен исказ.
Во Библијата е опишана средба меѓу Јотор, мадијамски свештеник, и Мојсеј. Што го посоветувал свештеникот на Мојсеј? – „Ти застапувај го народот пред Бога, поучувај го за законите и одредбите, покажувај им го патот по кој треба да одат, упатувај ги во дела што треба да ги вршат. Тогаш, избери од целиот народ способни луѓе, што се бојат од бога и праведни, кои го мразат поткупот. Нека му судат на народот во секое време“.
Книгата „Бог е жив“ се појави во Франција, 1979 година. Автори се група свештеници православни Французи со руско, грчко и француско потекло што живеат во православни парохии во Париз и во Марсеј. Со благослов на митрополитот Петар од Преспанско-битолска епархија, кај нас книгата се објави со превод од француски на протоѓаконот Јован Таковски, проф. 1983 година. Книгата е вероучение (катихизис) за вистинско закрепнување во верата и нејзиното учење. Во неа има сведоштво што доаѓа во вистински час, во моментот кога тајната на црквата толку често е отфрлена од Запад. Во врска со Десетте (декалогот) Божји заповеди православните свештеници ќе ни дадат јасно и едноставно објаснување и опис на прасликата на храмот/црквата каде што бог го склучува својот завет со Израил. Дословно го пренесувам нивното видување, објаснување:
„Еве како бог го даде Законот на Мојсеја и со народот Израилски го запечати Стариот завет. Кога по многу страдања, Мојсеј успеа да ги извади Евреите од Египет, тој ги одведе во пустињата. Три месеци подоцна тие пристигнаа до гората Синај, истата онаа планина каде Мојсеј беше ја видел несогорливата Капина. Тие се улогорија во подножјето на планината. Бог го опомена Мојсеја дека сака, со негово посредништво да направи завет со целиот народ. Заради овој завет Бог му заповеда на Мојсеја и на народот: речи му „нека ја опере својата облека и да биде готов за задутре… Постави меѓа наоколу планината. Секој што ќе ја допре планината ќе биде убиен“.
„Уште рано, ќе се искачиш до врвот. Јас ќе ти пријдам во облакот и народот ќе биде сведок за она што ти го кажав и така во тебе ќе има постојана верба. Мојсеј направи како што Бог му заповеда. Евреите ја опраа својата облека и се држеа чисти. Чистотата за која станува збор овде е слична на ритуалната чистота која се изразува најнапред со надворешната чистота (миење на облеката и телото) и на едно подлабоко ниво воздржувањето.

Понекогаш оваа ритуална чистота е спротивставувана на „внатрешното очистување“ кое е сметано како единствено важно за постигнување на светоста. Исус, сакајќи да ги подвлече крајностите на ритуализмот рекол „Ништо од она влегува во човекот однадвор не може да го оскверни, туку она што излегува од него, тоа го осквернува човекот“.
Сметајќи дека човекот е една целина, тело и душа, барањето чистота ги покрива сите аспекти на внатрешното и надворешното очистување, а тоа е причината за постоењето на постот, на воздржувањето и на очистувањето на срцето, помогната преку исповедта, што ние го правиме подготвувајќи се за причестување. И како што Мојсеј бараше подготвување на народот за да се доближи до светата планина, така и од нас се бара подготвување да се доближиме до светите Дарови. Меѓата околу планината ја означија со прегради, и планината стана света. Кога дојде моментот, односно третиот ден в зори, почна да грми, се јавија молњи и густ облак, и се чу силен звук на труба. Народот кој трепереше, Мојсеј го изведе надвор од логорот, крај оградата, и му рече да остане таму. Додека тој, ја мина оградата, влезе во светото место и се искачи на планината. Таква е величествената слика што Библијата ни ја дава за начинот на кој Бог благоизволи да го склучи Својот завет со Израил. Во овој опис ние гледаме праслика на Храмот кој станал образец. Всушност, во распоредот даден од бога, може да се најде сличност со трите делови од Храмот:
Логорот одговара на Уламот од Храмот, претсобјето или надворешниот двор на нашите цркви; тоа е местото на собирање на народот.
Делот сместен крај гората Синај, од оваа страна на преградата и каде што народот требаше да го чуе громот, тоа е Хекал или Светињата на Храмот. Тоа е местото каде што е чуена речта Божја, бродот на нашите цркви,
Најпосле, планината, свето место каде што Мојсеј може да сам да влезе за да Го сретне Бога, тоа е Дебир или Свјатаја свјатих (Светињата над светињите); во тоа ние го препознаваме светилиштето (олтарот) на нашите цркви, местото за пречистување.
Едно јулско утро во 2020 г., отидов во архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски“ на молитва. Запалив свеќи за здравје на семејството, пријателите и непријателите и за спомен на моите претци. Потоа влегов во зградата на архиепископијата и имав кратка средба со нашиот поглавар г. г. Стефан. Во просториите на книжарницата се запознав со Александар Божиноски, „Чтет“ свештеник од прв ред свештенство. Тој ми рече, иако првпат се гледаме, дека знае за моите книги посветени на отец Прохор Пчински. Божиноски, дипломиран теолог, го стекнал образованието во православниот институт „Св. Герман Аљаски“, Кодиак, Алјаска, САД. Во Македонија дошол во 2009 година. За спомен ми подари две книги, кои се печатени кај нас со благослов на архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан. Тие се во издание на Скопската православна епархија, библиотеката Современо богословие. Едната е од авторот отец Ава Доротеј од Газа со наслов: „Изреки и поуки“, 1977 година. Другата е од протопрезвитер Јован Романидис, Грк, со наслов: „Светоотечко богословие“ (Патерики теологија), 2004 година.

Романидис е професор на Богословскиот факултет во Солун. Во предговорот протопрезвитер Георгис Металинос, професор на Атинскиот универзитет, ќе напише: „За првпат универзитетското богословие во неговата личност (Романидис) ја запозна својата поврзаност со историјата и со богослужењето на Православната црква, како израз на опит за црквата тело и сведоштво на животот на Христос, а не како автоматизирано научно знаење, без непосредност со борбата на верникот за спасение“. Првиот дел од книгата – Елементи на православната антропологија и теологија, содржи 60 наслови. Вториот дел – за учењето на еретиците и за тоа како отците се соочиле со нив, содржи седум наслови. За да ги разберам книгата и пораките на професорот Романидис неколкупати ја исчитував книгата. Од првиот дел на книгата ќе ѝ ги предочам на јавноста првите наслови, првите четири текста.

(Продолжува)