Матурските вечери на мојата генерација

Родени во година на славното Информбиро, кога Тито му рекол НЕ на Сталин, растени со колективизација, низ општествени бури, стопански и општествени реформи, економски кризи и трансформации, меѓу динари и денари, меѓу долари, марки, евра и други валути, остарени и уморни од реформи и транзиции

Пред извесно време ми се јави другар ми Бојан Ивановски од Ресен да ми соопшти дека нашата школска генерација ќе одбележува 55 години од матурирањето, од завршувањето средно училиште. Тој е главниот организатор на сите средби. Има цел тефтер со телефони и адреси, се јавува по три-четири пати. Лесно му е сега со мобилниве. Тие разговори ги будат спомените, а некои филозофи велат дека човек без спомени е како бел лист хартија.
Кога се делевме од школските клупи имавме 19, сега се брчкаме меѓу 74 и 75 години. Родени во држава во создавање, заминуваме од овој свет со чувство на држава пред можно распаѓање. Тоа би било второ распаѓање по животот во заедницата со другите југословенски народи. Живот поминат во две држави, Југославија и Македонија, со неочекувани промени на устави и закони, во три општествено-политички системи – комунистички, социјалистички и капиталистички. Малку за државата, многу за еден човечки живот.
Годините ни формираа нов изглед на лицата и создадоа нови промени и проблеми: побелени коси, ќелави глави, старечки болести, виење во колената, празнини во паметењето, проблеми со видот, болки во желудникот, стенчена простата. За она другото, збор не станува. Мнозина што беа меѓу нас се простија од овој земен свет, некои се загубија по европски земји, многумина патот си го најдоа по Америка, Канада и Австралија. Таму имаат нови семејства, за нивните деца или внуци, родниот крај на родителите е само место од бајките.

Ако се прави некоја статистика, нема занимање со кое не се занимавале тие од мојата генерација. Во град, во село, секој(а) имал некоја професија, занает, работа, плата. Вака или така, сме придонесувале за развој на општеството, сме воспитувале деца, сме создавале или граделе институции. Сега му тежиме на Фондот за пензиско, а, богами, и се крстиме во него. Ние сега сме неговите деца, иако сме дедовци, кои најдобро друштво наоѓаат во своите внуци.
Ги викаме матурски вечери, а во овие години најчесто ги одбележуваме дење. Нема веќе музика, пиење и пеење, се нижат само усни спомени, сведоштва дека некогаш сме биле млади, бодри, разиграни, полни надеж за подобро утре. И кобајаги во чудо се прашуваме како поминаа толку години. Не видовме кога остаревме во независна држава, во која имаше и војна и пресврти што беа незамисливи. Ако е за утеха, да кажеме дека некој рекол: „Да не беа броевите, не ќе знаевме колку години имаме!“
Родени во година на славното Информбиро, кога Тито му рекол НЕ на Сталин, растени со колективизација, низ општествени бури, стопански и општествени реформи, економски кризи и трансформации, меѓу динари и денари, меѓу долари, марки, евра и други валути, остарени и уморни од реформи и транзиции.
Остануваат сеќавањата. Имаше тогаш, во ученичките денови, другарство, чесност и скромност. Не се делевме по социјален, национален, семеен или селско-градски статус, кој бил петкаш, кој врвел со кецови, кој бил богат, кој сиромав. Подоцна секој си избра место на живеење, изгради свое семејство, свој дом, си имаше своја приказна. Секој си стана ковач на својата среќа, избирајќи професија, занимање или брачен другар. Но остана чувството на некаква меѓусебна припадност до денешен ден.
Низ текот на годините политички ги одживеавме (и преживеавме) Тито и Лазо, Киро и Борис, Бранко и Ѓорге, Грујо и Заев.

И сите други што ја водеа Македонија во изминатите 80 години. Долг е тој список, поголемиот дел од нив е избришан од меморијата, не со намера туку по сила на мајката природа. Сега дискутираме кога и со кого било подобро или полошо. Општо земено, си го губиме времето, чукаме празна слама, тупиме без потреба. Ниту нешто може да направиме, ниту може нешто да смениме. Сега други се млади, нивна е одговорноста, кај нив се стапот и камшикот.
Сепак, виси одговорот на прашањето што направи мојата генерација генерално во државата Македонија. Кој е нејзиниот придонес во општеството, во политиката, во економијата, во науката, во уметностите, во спортот? Како може да се оцени – како успешна, неуспешна или промашена? Не велам изгубена, зашто убеден сум дека не беше таква. Што можеше да стори, а не направи? Што направи, а не требаше да го стори тоа? Дали со доаѓањето на независноста беше прегазена, маргинализирана и елиминирана од помладите? Имаат ли истите тие млади некаква почит кон повозрасните, кон придонесот во многу сфери? Дали и за луѓето, како што е за предметите, важи природната постапка според која „сѐ што е старо се фрла на отпад“?
Треба да се верува дека секој си го има својот одговор.

Во матурските вечери сите бевме среќни на ист, а тажни на свој начин. Ја делевме среќата со сите, ја криевме тагата од другите. Првата матурска вечер во многу нешта и за многу нешта беше навистина прва. На првото танго. На првите слободно испушени цигари без криење. На првите додворувања, бакнежи или сексуални откритија. Ноќ за првото пијанство и утринската тешка глава. Прва можност професорот да не те гледа од високо, класниот да го чувствуваш како другар. Бевме колективно блиски, уживавме во еднаквоста.
Матурските вечери на мојата генерација сѐ уште не беа натпревар на гардероби, фризури, шминки и штикли, на семејни докажувања за политичкиот, социјалниот и материјалниот статус на родителите. Немаше купување гардероба во Рим, Лондон, Виена или Дубаи, далечни предели беа и Белград и Солун. Цело богатство беше да носиш фармерки шверцувани од Трст, како што беше непријатно девојките да се напрскани со бугарски парфем.
Времето на мојата средношколска генерација беше друго време. Помирно, порелаксирано, посигурно, побезбедно. Без искушенија што носат тешки последици. Но кога е човек млад не помислува на староста, кога е остарен живее со сеќавањата од младоста. Каква и да била, ама била младост – лудост.
Сегашните матурски средби, матурски годишнини, минуваат низ желби за здравје и можеби за уште едно среќавање, што е пожелно, но не е сигурно. Порано ги славевме, сега само ги обележуваме, со спомени и за оние што не се меѓу нас. Средбите ги немаат некогашната страст и сласт, но ја задржале меѓусебната блискост, чувството на генерациска припадност, чувството дека некогаш, во некое време, си делел заеднички живот со некого, си имал заедничка историја. Во ист клас, во иста училница, училиште и град. Тие мигови, денови и години не се забораваат.

П.С. Текстов ѝ го посветувам на мојата генерација од гимназијата „Гоце Делчев“ од Ресен. Убеден сум дека преку горенапишаното може да се препознае цела генерација на средношколци во Македонија што матурираа во 1967 година од минатиот век.

[email protected]