Македонскиот ѓавол сака евроамериканско државјанство

Венко Андоновски: сигнали до потомството (3)

(Според „Тиквешкиот зборник“, Цепенков и Папрадишки)

Постои крупна разлика во традиционалното, најчесто фолклорно сфаќање на злото кај Македонецот и кај Американецот или Европеецот (западниот човек). Не ги сакам генерализациите од типот „кај Македонците“ или „кај Американците“ (зашто ги испуштаат посебностите), но нужни се кога треба нешто да се заклучи, макар и во форма на консензуална вистина. А таа вистина гласи: за Македонецот злото е секогаш прво во него самиот. За западниот човек, злото – тоа се некои други, кои се по дефиниција НЕПРИЈАТЕЛИ. Првото гледање е православно-христијанско (дури и во својата апокрифна, еретичка варијанта), второто е ПОЛИТИЧКО. И еминентниот современ филозоф Ларс Свендсен, во „Филозофија на злото“, повикувајќи се на филозофот Карл Шмит, покажува дека политичкото зло е она зло што дели на „ние и тие“: „Секоја верска, морална, етничка и друга спротивност се претвора во политичка кога ќе стане доволно силна да ги групира луѓето како пријатели и непријатели“. Токму тоа го прави западниот човек денес: го дели светот на пријатели и непријатели, како да е во состојба на перманентна војна. Македонецот, пак, се држи до својата фолклорно-православна филозофија за злото, па во секој човек гледа пријател, а ако овој му стори нешто лошо, му го простува тоа, затоа што верува дека злото е ПРИРОДНО во СЕКОЈ ЧОВЕК (но не и во цели колективитети). Така се однесувавме ние Македонците и во политиката, сите овие години на губење идентитет.
Каде се чисто народните корени на тој „македонски ѓавол“, на таа алтруистичка македонска антропологија на злото, која вели дека Сатана е во секој човек, како што и Бог е во секој човек, и дека само од тој човек зависи кој ќе победи во него? Во „Тиквешкиот зборник“, дијамантот на македонската стара книжевност, во кој се поместени текстови со верска (но и со апокрифна содржина), во текстот „Разумник за сите прашања“, читаме:
„Прашање: Како го создаде Бог ѓаволот? Одговор: Кога ги создаде Бог небото и земјата, ја виде својата сенка во водата и рече: ’Брате, излези и биди со мене!’ Излезе човек и му нарече име нему Сатанаил.“ Тоа значи: за народот Сатана бил и е – човек, а тој човек е истовремено е и Божја сенка!

Кога ќе имате време, отидете до манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Пред да влезете, застанете под десната надворешна купола. Ќе видите вистинска сензација од куполна фреска, речиси единствена во христијанскиот свет. Нејзин автор е Димитар Андонов Папрадишки (1859 – 1954), последниот македонски фрескописец и првиот наш реалист во профаното сликарство. Тој прв започна со разбивање на црковните канони и внесување реалистични мотиви во светото сликарство: на неговата фреска „Проповед на Апостол Павле“, сосема лево, крај светците е насликана – обична селанка во носија од кривопаланечкиот крај. А ако внимателно ја погледнете куполната фреска, ќе забележите уште поголем куриозитет: во десниот агол е претставено владеењето на Сатана, во композиција живописна колку и една реалистичка слика. Доминантен лик тука е ѓаволот: со трозабец в рака, во анимално-човекова форма, со рогови, вистинско чудовиште, но со целосно реалистична, човечка насмевка. И самото претставување на ѓаволот во живопис, за црквата е отстапка и „дисидентски“ чин на фрескосликарот. Дали и тука, како и во „Тиквешкиот зборник“ станува збор за човек под образот на Сатана? Дали е тоа она македонско, алтруистичко, космополитско „Злото е прво во мене“, наспроти западниот прагматизам на фрлање вина врз другиот – „Тие се виновни за сѐ“?
Од каде поривот Сатана да стане доминантна реалистична фигура во целата композиција? Речиси два до трипати е поголем од сите други насликани фигури, дури и од Седржителот! На тој фрагмент каде што тој доминира се гледа како народите ползат на колена да му се поклонат пред апокалипсата; неговата доминација е апсолутна. Дојде ли тоа време кога сите народи треба да му се поклонат на политичкиот човек-ѓавол? Фреската е речиси богомилски апокрифна, дуалистичка, манихејска: со светот владее Седржителот, но „свои прсти“, и тоа најмалку РАМНОПРАВНИ, има замешано и Сатана!

Оваа куполна фреска крие и еден оптички трик на мајсторот Папрадишки: станува збор за позицијата на која е насликан ѓаволот со неговите посебно импресивни очи (сите други ликови имаат далеку помали, поситни очи). Неговата местоположба, за разлика од онаа на другите фигури, вклучувајќи го и Седржителот, е повластена: тој се наоѓа на местото каде што лакот на сферата е најголем. Зошто? Затоа што така се добива чудесен ефект. Каде и да застанете под куполата, ви се чини дека ѓаволот постојано гледа во вас: отсекаде ве гледа, како да е Бог! Не можете да се ослободите од него. Кога ќе го повторите експериментот со другите ликови од композицијата, ќе видите дека таквото чувство на „надзор“ слабее, дури и не постои. Тие гледаат едни во други, освен Седржителот, кој гледа во вас, но неговиот поглед не ве „лови“ во сите агли под куполата. Како љубопитен малограѓанин, ситен шпион.
Според тоа, македонскиот ѓавол е длабоко очовечен. Западниот е тератолошки ИСФАБРИКУВАН монструм (западната политика така произведува и воени непријатели). Тој наш, антропоморфен македонски ѓавол постои за да ми каже дека човекот може да биде поголем ѓавол и од ѓаволот. Во приказната на Цепенков, „Ѓаолот што се стори маска на владиката“, Сатана му помага на еден сиромав селанец да си ги врати парите што со измама му биле одземени од владиката. Ѓаволот е тука позитивен лик, за да се „протне“ пораката дека владиците се полоши и од ѓаволот! Кој американски или европски фолклор би удрил вака по сопствениот „владика“: папа, претседател?

Но денес во целиот свет доминира политичкото сфаќање на злото: зли се другите. Најчесто оние од Балканот и од Ориентот. И затоа оваа наша планета, во предвечерие на светска војна, личи на еден трагикомичен нестабилен сплав, чија рамнотежа зависи од сите нас: ако ја загубиме, сите ќе се исподавиме. Лево (на западниот дел од сплавот) се полничките Американци, кои неумерено јадат хамбургери и пијат „кока-кола“, а на своите таблети со мрсни прсти играат геополитички видеоигрички со кои освојуваат нови колонии. Од нивната тежина сплавот опасно се навалува налево. Десно се (јуро)дивите Руси, кои пијат руска вотка, веќе преплашени што сплавот опасно се навалил налево. Нивните буриња вотка, поради дисбалансот се стркалуваат кон Американците, а овие тоа го сфаќаат како воен напад врз нив, па вината ја фрлаат врз Русите, а не врз сопствената тежина. И никој не гледа дека сплавот сѐ уште не се превртел токму поради нас, во средината, и нашето длабоко човечко сфаќање на злото: „За сѐ сме си самите виновни“.
И сме. А најмногу што дозволивме нашиот ѓавол, оној од фреската на Папрадишки, од човек да стане монструм, па преку покондУрениот хомо политикус, да бара евроамерикански пасош. Ако веќе и не го добил, зашто сѐ почесто на својот народ му вели: „Јас сум невин, вие сте виновни за сѐ!“