„Македониумот“ е жив, но ја дели судбината на македонската држава

Очигледен е впечатокот дека како општество, држава и нација го изгубивме компасот и не знаме во кој правец да се движиме, па затоа институциите се руинирани, слично како и „Македониумот“. Не случајно, Крсте Перков Мисирков уште во 1925 година посочи: „Ние, македонската интелигенција без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата на нашата татковина“

Доколку ја споредиме денешната генерација со нашите предци, неизбежен е заклучокот дека тие неизмерно ја љубеа Македонија и во националната колективна меморија остануваат запаметени како државотворители и заштитници на македонската нација. Пред вистината и боговите молчат, а таа вели дека нашите дедовци, без разлика на нивната идеолошка матрица, водеа мудра политика што ги оствари македонските вековни идеали за сопствена држава и создадоа институции што ја негуваа и заштитуваа македонската национална свест.
Можеби некој ќе се навреди од напишаното, но вистината е сурова. Во далечната 1974 година на 2 август, Денот на одбележувањето 30 години од Првото заседание на АСНОМ и 71 година од Илинденското востание, свечено беше откриен „Македониумот“. Овој монументален објект започнува со раскинатите пранги, продолжува преку криптата и мозаичната сцена и завршува со куполата од каде што се гледа градот Крушево. Во внатрешноста на куполата се наоѓаат импозантни релјефи, витражи со вечниот пламен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја“, како и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Токму оваа величествена градба на македонштината е најголемата потврда за љубовта на нашите предци кон Македонија и македонската нација. Не случајно, „Македониумот“ беше замислен како симбол на непокорноста, борбата и вечниот стремеж на Македонците за сопствена држава и слобода.
Изминативе денови имавме можност да го посетиме „Македониумот“ и глетката беше поразителна бидејќи комплексот се наоѓа во незавидна состојба. Општиот впечаток е дека се потребни итни реставраторски зафати за возобновување на неговите уметнички убавини. Денешната состојба на „Македониумот“, суштински ја доловува разликата помеѓу нас и нашите предци. Величествениот објект е жив сведок за државотворноста на нашите предци, но и за нашата несериозност во негувањето на македонската држава и институции.
Во изминативе триесет години, како општество се соочуваме со голем број проблеми, но тие не можат да бидат оправдување за нашата негрижа. Очигледен е впечатокот дека како општество, држава и нација го изгубивме компасот и не знаме во кој правец да се движиме, па затоа институциите се руинирани, слично како и „Македониумот“. Многумина велат дека не ги решаваме општествените проблеми, чекаме некој друг да дојде и да ни ги реши. Затоа како мантра постојано слушаме Европска Унија, Европска Унија, Европска Унија и сѐ така до бесконечност. Многумина веруваат дека доколку започнеме преговори со Брисел, Европејците ќе ни ги решат проблемите, но, за жал, се лажат.
Во овој момент, како општество немаме капацитет да ги спроведеме реформите што Европската Унија ќе ги побара доколку ги започнеме преговорите. Затоа прифаќањето на бугарските уцени маскирани во францускиот предлог нема да ја подобрат општествената реалност.
Од нас зависи дали Македонија ќе ја биде или не, да не се лажеме. Верувам дека конечно дојде времето кога ние како општество треба да покажеме државничко однесување како нашите предци. Можеби проблемите со кои се соочуваме изгледаат како сложени и нерешливи, но нештата се многу поедноставни. Поради нашата негрижа во изминативе децении, институциите го изгубија својот авторитет и квалитет, затоа во овој момент како суштествено се налага осмислување стратегија што ќе ги видоизмени институциите.
Сите ние, без разлика на етничката, идеолошката и верската припадност, треба да ја оставиме настрана суетата и да се стреми кон унапредување на институциите бидејќи тие се носители на државата. Слабите институции неизбежно водат кон слаба држава и затоа се наоѓаме во денешната општествена и економска состојба.
Не случајно, Крсте Перков Мисирков уште во 1925 година посочи: „Ние, македонската интелигенција без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата на нашата татковина“.