Лесна колумна: ефектот на пеперугата

Накратко ќе зборуваме за метафората што се користи во теоријата на хаосот за да ја опише каузалната поврзаност на нештата во која, наједноставно кажано, малите промени предизвикуваат тектонски поместувања во еден динамичен систем. Онака од страна гледано, без „паламудење“ туку „релакс“, во целосен хедонистички амбиент од статусот ни што го уживаме, наоколу нас „почињаат“ некои нови пермутации што прават вителчиња што може да имаат ефект на пеперутка

По сите перипетии и откако „сѐ си решивме“, најверојатно полесно се дише. Се надевам, ја паметите онаа тешка колумна од пред некоја недела. По брзите преплети и тешки мигови, ние навистина сме библиски народ како што милуваат да кажат некои кај нас, па од тешко работите бргу се променија на лесно. Господ нѐ сака.
Денес, драги мои, е време за лесна колумна. Кога сѐ ќе ви е решено, најлесно се пишува колумна. Не знам дали ја паметите онаа теза што му се припишува на Рамбо Амадеус на овие простори, ама состојбата ми алудира на тоа. Приказната околу тезата некако оди вака. Национализмот е тема за до 300 евра месечен приход. На тие лица им се сервира таа приказна. Кога платата ќе надмине 500 евра, тогаш почнува да се зборува за гардероба и кафулиња. Кога ќе надмине илјада, топ-тема се здравата храна, летувањата и зимувањата, а кога ќе се искачи на повеќе од три илјади, тогаш запира секое паламудење. Луѓето тогаш зборуваат за временската прогноза и за љубовта. Ние, како оние во последната фаза (не толку од платите ама од генералното чувство на среќа и просветление) западнати во хедонизам во цут, би рекол ќе зборуваме за возвишени работи, на пример за ефектот на пеперугата.

Накратко ќе зборуваме за метафората што се користи во теоријата на хаосот за да ја опише каузалната поврзаност на нештата во која, наједноставно кажано, малите промени предизвикуваат тектонски поместувања во еден динамичен систем. Онака од страна гледано, без „паламудење“ туку „релакс“, во целосен хедонистички амбиент од статусот ни што го уживаме, наоколу нас „почињаат“ некои нови пермутации што прават вителчиња што може да имаат ефект на пеперутка. Пред да почнеме дебата за и околу планетарниот систем и универзумот, академски коректно би било да ја потврдиме тезата што ја загатнавме за нашиот статус во рамката на Амадеус. Деновиве, на пример, во Германија главна грижа е препораката што стига до граѓаните на оваа земја дека ќе мора да го редуцираат искористувањето на енергијата. Паниката оди дотаму што главната компанија за одржување на топлината во домовите, наводно, во некои градови, издала насоки дека температурата во зимскиот период во домовите ќе биде 19 степени. Дополнително, некои шпекулираат дека тие ќе мора да внимаваат кога и колку пати ќе се капат во текот на денот од несреќата што ги снајде. Жалбите и поплаките наидоа на силен одек кај нивните побратими Украинците, кои веднаш се понудија да организираат кампања за соборање ќебиња. Колку само хумано? Во исто време, Столтенберг ги искара Европејците (западните, де),, на дискусијата по повод мадридскиот самит, да престанат да се жалат за помошта што треба да ѝ ја дадат на Украина оти тоа ќе мора да трае. За разлика од цената на помошта, како што нагласи тој, (сакајќи да ги отрезни оние во групата на Амадеус што зборуваат за кафулиња и убави нешта), цената на животот е многу поголема. Уште повеќе, тој подвлече дека моралната дилема е таа што условно треба да ги разбуди Европејците за тоа како соседите на Украина не се однесуваат цивилизациски. Бидејќи сите други се однесуваат цивилизациски – (додадено од авторот), падот на Украина е опасен за Европејците и им оди во прилог на Русите.

Уште повеќе, тоа претставува милитаризација на архаичната идеја за сфера на влијание кога големите сили ќе одлучуваат за тоа што ќе прават малите нации. Столтенберг понатаму поентираше дека дури Европејците и да не се грижат за моралните аспекти на проблемот (најверојатно оти не му се вклопуваат во матрицата на Амадеус), тие треба да се грижат за безбедносните аспекти и интереси. Затоа, наместо да кукаат Европејците, мора да платат за високите цени на животот бидејќи алтернативата има поголема цена подоцна. И на крајот, за да го „забетонира“ ставот, тој направи споредба, цената што Европејците треба да ја дадат и платат е во пари – мислел на евра најверојатно, а цената што Украинците ќе треба да ја платат е во животи.
За да останеме докрај коректни, нели, на оваа изјава некои се обидоа да реплицираат со некои атипични споредби. Замислете си, споредбите се дека во услови кога цената на суровата нафта е 100 долари за барел, цените за гас да бидат атипични како што тие викаат високи. Наводно, споредбата е со цената на нафтата и гасот во изминатите години кога цената на нафтата била иста. Работите во овие аргументации атипично пак ќе кажам, „забегаа“ дотаму што почнаа и теории на заговор, дека цените всушност се диктирани од магнатите – корпорациите и дека немаат врска со Украина, Путин и Бајден. „Свашта“, би рекол прав Македонец од оваа перспектива.
Тоа ти е исто како македонската новинарката што праша како во услови кога се зборува за возвишени права на групите (од меѓународноправен аспект, драги мои – трета генерација на права во развој на човековите права, значи тука ви се „џендер – мендер“, ЛГБТ и така натаму…) вие да се враќате на забрането прво на самоопределување (само да покажам колку ретроградно „бога ти“, чисто за да знаеме кај сме, прва генерација на права, право на самоопределување наводно апсолвирана во седумдесеттите години од минатиот век, во екот на деколонизацијата). Нејсе, најверојатно она е со плата од 300 евра, според Амадеус. Него за Европејците ни беше муабетот.

Сепак, да останеме на нашиот курс, Столтенберг е во право за скриената цена. Од аспект на теоријата на пеперугата, цената за Европејците допрва доаѓа. Путин, кој меле во Украина, се соочува со сериозни предизвици од мобилните далекуцелни ракетни системи со кои Украина му пркоси на патот. Украинците имаат длабок маневар (преку оган) што руската артилерија не може да го допре. Тактиката на казнување и уништување преку доминацијата на артилеријата е прочитана од западните експерти, па советите за Украинците се да прекинат контакт и да имаат дејства од дистанца (некаде над 70 км) со голема прецизност. Руската тактика во последните месеци, по амбициозното фијаско на почетокот, генерално се потпираше на искористување на артилериската надмоќ, пуштање на „Вагнерци“ и доброволците од Донетск, да го „исчистат“ тоа што останало. Ако има отпор, тоа се „омекшава со следен бран гранатирање“ и така понатаму. Тоа, драги мои, е и причината зашто луѓето – Русите напредуваат бавно, ама сигурно.
Е, сега брановите на крилјата од пеперугата велат дека Путин е тој на кој и покрај ова му се потребни преговори и примирје поради две причини. Прво, со новите системи Украинците нанесуваат загуби кај Русите, кои имаат стратегиски не само оперативни ефекти (мали бранови предизвикани од пеперугата што имаат голем ефект). Примирјето ќе му даде време на Путин да најде одговор за заканата. Истовремено да ги одмори силите, бидејќи има внатрешен проблем со регрутацијата (освен ако нема). Имено, бидејќи, нели, е специјална воена операција, Русија, внимавајте, нема извршено мобилизација (барем не официјално). Од друга страна, прекинот на огнот ќе значи демаркација. Тука е втората причина поради која бранот од пеперугата ќе направи хаос. Статус кво, за Путин е најпосакувана опција оти тој ги познава либералните европски лидери подобро од што самите тие се познаваат. Тој мајсторски знае дека Ахилова петица на западната демократија е квазилиберализмот втемелен во пиарот и популизмот за следниот мандат. Со други зборови, гласачите се целта со која тој си има работа.

Така, драги мои, идејата за примирје на Путин ќе се претвори во добар „гејн“ за западноевропските лидери. Примирјето ќе значи запирање на бегалци, намалување или стабилизирање на цените на горивата и енергентите, за „најпопалените“, пак, тоа преку мејнстрим ќе се толкува како срамен пораз врз Путин, кој е запрен од малата и кревка Украина со помош на Западот. Индикатор за ова е обидот на лидерите (од стара Европа) при последната посета на Киев да го убедат Зеленски во тоа.
На крајот, во превод, тоа значи глас за следните избори. Е, сега има еден проблем „у целата приказна“, која во целата теорија на хаосот стрчи. Путин ќе биде тука независно кој ќе победи на Запад. Малку популистички кажано, „Путин бејби“ е тука „форевар“, засекогаш. Бранот на пеперугата е проблематичен оти времето за Путин е релативно. За Западот тоа е на циклуси од две или четири години, што на локално, што на централно рамниште, значи во светот на Путин тоа е системска аномалија. Оттука, Условот на Путин е или прифатете ги моите понуди или соочете се со тоа да изгубите од опозицијата, која е десноориентирана и која ми одговара бидејќи ќе ве затвори во малите енклави. Конечно, алтернативата е секогаш нуклеарна. За на крајот малку да зачиниме, најверојатно, затоа Кина и ита кон доминација на Месечината и напредок во вселенската програма. За ова и универзумот во некој од идните хедонистички муабети со повеќе лесни колумни.

Методи Хаџи-Јанев

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.)