Ламбе Алабаковски – раѓањето на нов национален мит

Зошто чинот на Ламбе Алабаковски ја возбуди македонската јавност до усвитување? Од каде дојде оваа еуфорија кај Македонците и воодушевување од еден незаконски акт? Кој потфрли за воопшто да се дозволи нештата да отидат олку далеку? Да појдеме од почеток… Јас не можам да оправдам обид за палеж на каков било објект, како и кој било друг насилен акт, независно од побудите што го предизвикале тој чин. Постојат установи што треба да се грижат за јавниот ред и мир, институции што се должни да ги штитат националниот и државниот интерес, па нивна е задачата, со употреба да законските овластувања да реагираат кога се загрозени заедницата и нејзиниот опстанок.
За жал, токму тука е потфрлувањето и најдлабоките причини зошто еден обид за палеж на врата добива ореол на нов национален мит. Секоја нација, секоја заедница почива на верба во заедничка приказна, заеднички национален мит што ги обединува сите нејзини членови. Буквално сето друго, поврзано за една нација и за една држава е рационално, логично и предвидливо, освен соголеното чувство, емоцијата поврзана со припадноста на една поширока заедница, онаа мистика што обединува луѓе од различно потекло, класна припадност, степен на образование, животен стил, луѓе што никогаш не се запознале и веројатно никогаш и нема ни да се запознаат, но сепак веруваат дека нив ги поврзува нешто заедничко, нешто многу поголемо од сите нив.

Прашање е колку современици на Кирил Пејчиновиќ, браќата Миладиновци, Глигор Прличев, Рајко Жинзифов или Ѓорѓија Пулевски воопшто слушнале дека постојат овие денешни македонски великани, а уште помал бил бројот на Македонците што тогаш ги читале нивните дела и ги следеле нивните полемики. „За македонцките работи“, експлозивното книжуле што го овоплотува македонскиот национален идентитет, било заборавено во рафтовите на библиотеките пред да биде оживеано во современа Македонија, по 2 август 1944 година. Исто така, и илинденците од 1903 година биле само една мала група интелектуалци што самите си го зеле бремето да ги разбудат широките народни маси. Партизаните во 1941 година беа само еден грст левичарски младинци, со сништа да го променат светот и очаен крик во едно невреме кога фашистичките орди ја прегазија цела Европа. Но и ден-денес за Македонците преродбениците, илинденците и партизаните се национални великани, нераскинлив дел од националниот мит што ги поврзува нивните херојски генерации, со денешницата и аманет за идните генерации што еден ден ќе продолжат да ја кројат приказната за Македонија.
Митот е помоќен од секое оружје, од секоја сила и од секој насилник. Тоа не го разбраа Зоран Заев и неговата дружина кога се обидоа да ги разнесат темелите на македонската нација, преку договорот со Бугарија, Преспанскиот договор, тиранската платформа, како и општата релативизација на сето она што им е свето на Македонците. Пред нашите очи се разградуваше земјата, се кршеа законите, се газеше Уставот, се менуваа имињата на институции и се наметнуваше омразената „Северна…“, се брусеа шахти и се демонтираа споменици на македонските херои. Низ историјата тоа секогаш го правеле туѓинци, кога овој народ го газела туѓинска чизма и кога со него управувале туѓински војски и полиции.
Македонците очајно бараат заштита, гласно си ги бараат своите правдини и копнеат да си ја обноват Македонија, нагрдена со срамна фасада наречена „Северна…“. Мнозинскиот народ во државата, народот што ѝ го дал името на Македонија беше омаловажен, понижен, изгазен, осрамотен и толчен. Македонците не сакаа и не сакаат промена на името. Преспанскиот договор не беше никаков компромис, туку целосна капитулација и стравотна победа за Грција, за жал, со меѓународен благослов и со кршење на сите норми на пристојност и на цивилизирано однесување на кои почива современиот свет. За Македонија и за Македонците не важеа ни меѓународното право, ни слободата, ни демократијата, ни борбата против сите форми на дискриминација. Македонија беше скршена како земја заради нечии геополитички равенки и заради ситни трговски интереси на наши домашни малограѓани (како вели познатата патриотски песна „…бев предаден од проклети шпиони, од проклетите шпиони, неразбрани трговци“).

Отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ беше непријателски чин, копање во жива рана на Македонците. Јавноста беше одамна сензибилизирана поради неразумните барања на Софија, поради ултиматумите од бугарскиот дел на мешаната комисија за историјата, поради налудничавото интервју на Зоран Заев на БГНЕС. За само неколку месеци се срушија сите мостови за соработка помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, сето она што беше постигнато во претходните триесет години заедничка историја на демократска Македонија и на демократска Бугарија. Јас лично отсекогаш се трудев да разберам што бара Софија од нас, низ која призма нè гледаат и кој им е проблемот што не сме најпријателски нации на Балканот. За жал, нивната отворена агресија кон Македонија и кон сè што е македонско, од декларацијата на нивното Собрание од 10 октомври 2019 година, не ми остави никаков поинаков избор, освен да застанам јасно со мојот народ и под неговото знаме. Бугарските барање од декларацијата не се ништо друго, освен порив за поништување на македонската нација и за бугаризација на Македонците. Тоа е непријателски чин, а секој организам се бори кога е нападнат. По вторпат, за само триесет години, сеопштиот напад кон Македонија е покриен со европска обланда и европската интеграција повторно се инструментализира од најгрозни шовинистички побуди.
Да бидат нештата уште погнасни, македонските власти немо го проследија отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“, а премиерот дури се повика и на Рамковната конвенција за човекови права на Советот на Европа за да го оправда овој беспризорен непријателски чин. Ванчо Михајлов не е контроверзна личност за македонската историја. Ванчо Михајлов е мрачен лик во македонската историја, човек што им бил сојузник на Адолф Хитлер, Бенито Мусолини и на Анте Павелиќ, поддржувач на фашизмот и неуспешен татко на независна држава Македонија, обид за создавање квислиншка држава на територијата на етничка Македонија. Клубот е отворена провокација, отворањето на клубот беше своевиден бугарски национален триумфализам и бележење територија. Македонската држава ја немаше никаде тие кобни два дена кога се случуваше бугарскиот националистички пир во Битола и во Охрид. Ниту еден носител на државна функција не смогна сили да го осуди тоа што се случуваше насред Македонија.

Јас одамна зборувам дека Македонија е пренапрегната, дека трпението на Македонците е на самиот раб и дека владината стратегија да го замолчи сиот отпор против ненародните и немакедонските политики може да експлодира на непосакуван начин и со несакани последици. Дај боже, незадоволството да се излее низ институциите и преку организираните демократски политички партии! Дај боже, револтот да се канализира низ македонските медиуми и да биде предмет на отворена политичка и општествена дебата! Затоа што кога државниот терор и државното насилство ќе ги запрат сите демократски канали за изразување, тогаш незадоволството и отпорот ќе израснат спонтано и стихијно, надвор од сите општествени текови, а тогаш е веќе предоцна.
Односот на институциите кон Ламбе Алабаковски и кон бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ е тест за македонската демократија. Ламбе Алабаковски мора да излезе на слобода, а неговото судење мора да биде отворено, јавно и целосно прозрачно. Без разлика кој ќе биде епилогот на неговиот случај, тој не смее веќе да помине ниту еден ден во притвор, во затвор или под некои посебни мерки. Се разбира, тој мора да извлече и поука дека не смее да си ја зема правдата во свои раце туку дека треба да ги остави институциите да ја завршат нивната работа. Но институциите мора да реагираат и да стават крај на оваа отворена провокација, па да ѝ се стави јасно до знаење на бугарската држава дека постојат некои граници во меѓусоседските односи, а со самото постоење на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ се поминати сите точки на трпението. Време е македонските институции да ги симнат оковите и да започнат да си ја вршат работата заради што постојат – заштита на македонскиот национален и државен интерес, заштита на македонскиот идентитет и самобитност, заштита на секој граѓанин на Македонија и на сите културни посебности на секоја заедница во Македонија, но и одлучна борба против фашизмот и сите форми на екстремизам, како и заштита на македонската демократија од секој што за загрозува. На клуб со име „Ванчо Михајлов“ му нема место во слободна и во демократска Македонија!