Кој ќе победи: Русите или Американците?

Некои од тогашните американски геостратези започнаа да го гледаат конфликтот меѓу Вашингтон и Москва низ призмата на Пелопонеските војни. Американците напишаа и објавија можеби стотици книги и анализи за војната помеѓу Спарта и Атина, надевајќи се дека на тој начин ќе извлечат поуки во полза на американските интереси. Но тоа не се случи!

Во својата прва книга за Пелопонеската војна, хеленскиот историчар Тукидид запишал: „Растот на моќта на Атина и вознемиреноста што ја инспирираше Спарта, направија војната да биде неизбежна“. Но која е суштината на овие зборови? По завршувањето на Грчко-персиските војни, Хелените предводени од Атина и Спарта ја поразија моќната Персиска Империја. Набргу Атина создаде моќен одбранбен сојуз, кој постепено се преобрази во империја, една од најмоќните и најбогати во источниот дел на Средоземно Море.
Во очите на гордите Спартанци, издигнувањето на Атина била егзистенцијална закана, која постепено се доближувала до нивните граници. Но Спартанците никогаш не биле неми набљудувачи и го прифатиле предизвикот. Започнал повеќедецениски воен судир, во кој двете страни имале и подеми и падови. Всушност, Атина и Спарта војувале за превласт во Хелада, а индиректно се вклучила и Персиската Империја, која започнала да ја поткрепува Спарта. Во очите на Персијците, Спартанците биле помало зло, изолационисти и незаинтересирани за нештата надвор од Хелада. Со овој потег, Персија настојувала да ја ограничи атинската експанзија во Средоземно Море. На крајот, Спартанците успеале да ја победат моќната Атина, да го соборат нејзиното демократско уредување и да воспостават хегемонија во Хелада. Но радоста на Спартанците била краткотрајна!
Да ја оставиме накратко Пелопонеската војна за да разгледаме друг конфликт. По поразот на „илјадагодишниот“ Трет рајх и империјата на „сонцето“ започна Студената војна, кога Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз се натпреваруваа за светска доминација. Некои од тогашните американски геостратези започнаа да го гледаат конфликтот меѓу Вашингтон и Москва низ призмата на Пелопонеските војни. Американците напишаа и објавија можеби стотици книги и анализи за војната помеѓу Спарта и Атина, надевајќи се дека на тој начин ќе извлечат поуки во полза на американските интереси. Но тоа не се случи!

По падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Советскиот Сојуз, „умните“ американски глави го прогласија крајот на историјата, проповедајќи дека демократијата нема алтернатива. Но, всушност, Вашингтон победи благодарение на американскиот економски пазарен систем. Во екот на Студената војна, Соединетите Американски Држави немаа конкурент на светскиот пазар бидејќи Советскиот Сојуз и Кина беа затворени економии, можеби Јапонија беше исклучок, но за тоа во друга пригода.
Распадот на Советскиот Сојуз предизвика екстаза во Вашингтон. Во очите на американската политичка елита, падот на Берлинскиот ѕид означуваше дека победникот може да прави сѐ. Можноста за глобална демилитаризација беше пропуштена со неколкуте војни на Вашингтон низ светот, постојаната експанзија на НАТО во Европа и проповедите за униполарност во глобалната политичка сцена, без да се земат предвид интересите на другите светски играчи.
И сега пристигнуваме до воениот конфликт во Украина. И малите деца знаат дека единствената причина за војната во Украина е хегемонистичкото однесување на Вашингтон и проширувањето на НАТО до границите на Русија. Денешниот украински конфликт многу лесно можеше да биде избегнат доколку Вашингтон ја послушаше Москва, односно дека Русија не сака да се граничи со НАТО. Американската политичка елита во изминативе триесет години испушти историска шанса. Денес, можеби Русија не е суперсила како што беше Советскиот Сојуз, но Русија е сепак крупен играч на меѓународната политичка сцена. Москва можеше да биде сојузник и пријател со Соединетите Американски Држави, но тоа беше прокоцкано со непромислените американски потези.

На крајот да одговориме на прашањето кој ќе победи: Русите или Американците. За да го добиеме одговорот, накратко мора да согледаме зошто радоста на Спартанците била краткотрајна по Пелопонеската војна. Вистина е дека Спартанците ја поразиле Атина, но повеќедеценискиот конфликт ја изнемоштил и самата Спарта. Додека Спартанците и атињаните војувале за превласт над хеленските градови, на политичката сцена се појавил нов играч што досега не го споменавме. На север, хеленските држави се граничеле со кралството Македонија, кое дотогаш само се обидувало да преживее. Во екот на војната помеѓу Спарта и Атина, Македонците биле прагматични и лесно ја менувала страната во војната, нивната цел била да не се најдат на губитничката страна. Македонските кралеви во текот на две генерации по завршувањето на Пелопонеската војна, преку внатрешни економски и воени реформи го трансформирале македонското кралство во моќна сила. На крајот, великиот македонски крал Филип Втори ја покорил Хелада. Причините за македонската хегемонија во Хелада може да ги пронајдеме во способностите на македонските кралеви, но и во фактот дека Пелопонеската војна ги изнемошти хеленските држави, кои станаа лесен плен за Македонија.
Да завршиме! Војната во Украина е само еден прелудиум на повеќегодишниот судир помеѓу Вашингтон и Москва што ќе следува. Доколку нештата продолжат да се одвиваат како и досега, Русите и Американците нема да бидат победници во новата студена војна. Нарушувањето на глобалната економија и санкциите долгорочно ќе ги ослабат Москва и Вашингтон, а единствен добитник ќе биде Пекинг, кој ја искористи во своја полза новонастанатата состојба.