Кога ќе дојде Дедо Маркс?

Зборот пес не лае (Жерар Женет)

Излажани деца. Како оние што прашуваат на плоштадот, збунети од поплавата на дедомразовци: „Тато, кој е вистинскиот?“. Тоа сме ние, луѓето од мојата генерација, кои слушавме предмет Марксизам и ни беа нудени партиски книшки од Сојузот на комунистите уште во гимназиските денови. Дедо Мраз си постои за секое дете, додека не созрее. И Дедо Маркс постоеше за секое дете родено во социјализмот, додека тие деца не созреаја. Некои и не созреаја и уште го чекаат. Би можело да се каже дека Дедо Мраз е наменет за јуниори, а Дедо Маркс за сениори.
Она што највидливо ги обединува Дедо Мраз и Дедо Маркс е што ветуваат ПРАВДА. Односно, ветуваат дека секој ќе го добие она што го заслужил. Дедо Мраз не им дава подароци на деца што не заслужиле. И Дедо Маркс не им дава бескласно општество и царство небеско на земјата на оние што не работеле: кај него со труд се заслужува подарокот, зашто само со труд ќе изумрат класите и државата. Може да се каже дека Дедо Мраз е етички расположен и суди според критериумот „добро“ и „зло“ (добри деца – лоши деца), а Дедо Маркс е повеќе економист, па суди според критериумот „богат“ и „сиромав“ (буржоазија и работничка класа). Но премолчено, како да му е некој брат на Дедо Мраз, сепак во таа опозиција вградува етички вредности: така, буржоазијата е лоша (затоа што експлоатира), а работничката класа е добра (зашто иако ѝ се цица крвта, упорно работи). Сепак, иако има многу сличности, највидливата разлика меѓу нив е што Дедо Мраз, дури и да не постои, остава подароци под елката (нека е во прашање и имперсонација, односно нека неговата улога ја играат мама и тато), а Дедо Маркс – не. Тој не остави ништо. Сакам да кажам – Дедо Мраз си држи до зборот, а Дедо Маркс – не. Ништо од неговиот рај уште на земјата, од укинувањето на тиранијата на парите и од ветувањето дека во тоа бескласно општество секој ќе зема колку што му треба, а ќе работи колку што ќе може.
И иако марксизмот не е учење на Дедо Маркс, туку на неколку арамии што решија да го злоупотребат неговото енциклопедиско дело (тој е можеби еден од најобразованите луѓе што некогаш чекореле по Земјава), Дедо Маркс мора да биде обвинет за неисполнување на ветеното. Тој мора, кажано со речникот на денешниве наши политичари, „да понесе одговорност“. Како можеше да нѐ лаже дека буржоазијата е лоша, а работничката класа добра, кога сега излезе дека капиталистите се добри, а работниците – небањат народ? Тоа не се мали лаги. И како можеше да нѐ лаже дека работниците ќе стануваат сѐ повеќебројни во екуменава, кога тие денес веќе се израмнија со ендемски вид, во изумирање, како нашиот македонски рис? Наспроти тоа, се множат капиталистите: ги има мали, средни, во развој, а има и мегакапиталисти, на кои нулите на банкнотите веќе навистина им се само метафори што ѝ припаѓаат на поезијата, не на математиката.

Но бидејќи јас сум дете што уште верува во Дедо Мраз (во некој паралелен, подобар свет што го заслужува неговото постоење), јас верувам и во Дедо Маркс (исто така во некој паралелен свет што го заслужува него). Не е возможно да не дошол: можеби дошол, ама не сме го виделе. Па видел нешто што не му се допаѓа и си заминал. Можеби видел дека работите се измешале целосно и дека сме направиле турлитава од неговите структуралистички поими за општеството, за неговото устројство и функцијата на секој дел. Па така, си мислам: и денес има „богати“ и „сиромашни“, што можеби значи дека Дедо Маркс не ни почнал со исполнување на своето ветување. Ама не можам (а и не смеам) да кажам дека „богатите“ по дефиниција се лоши, а „сиромашните“ добри, како што тој лесно пресече. Прво, добар дел од моите уметнички дела ги помагаат „богатите“, мои пријатели, а на „бескласната држава“ ѝ е баш гајле за уметниците. Ни дава како во логорска менза – на сите по една лажица, за да не дрдориме многу. Не дава според заслугите, како што велеше Дедо Маркс. Од друга страна, не можам да кажам дека и сиромашните се по дефиниција добри: па јас лично знам како од својот патриотизам некои крајно сиромашни луѓе направија професија (таа професија се вика ПАРТИОТ и за тоа ќе пишувам другпат), влегоа во партии и за миг, од вчерашни заколнати марксистички копуци се сторија капиталисти „по европејски и никак инако“ (е, Жинзифов мој, колку си актуелен и по век и пол!). Така што, можеби Дедо Маркс не нѐ излажал целосно.
Понекогаш пак си велам: ма ние сме виновни, не сме го разбрале Дедо Маркс, зашто говорел шифрирано, како Нострадамус и другите пророци, како во онаа Јованова апокалипса. Можеби тоа што предвиде дека работниците ќе се намножат на планетава („Пролетери од сите земји, обединете се“), веќе и се оствари? Можеби нема работници, ама бизнисмени и работодавачи – колку сакаш. Сега и не им требаат работници, сѐ е на копче, компјутерите и роботите се работници.

Така што, со светот навистина владеат оние што произведуваат – тоа денес се бизнисмените и компјутерите, не небањатите работници. Ама пак ме збунува нешто: ако бизнисмените се работници – кој би бил денес „лошата буржоазија“? Онаа што не работи ништо, само денгуби, изигрува денди и пуши пури загледана во Запад, па се однесува според она староно македонско „месено-обесено“? Тогаш би требало да кажам (а не сакам, зашто и не смеам) дека такви дебелогазовци се – (боже прости ми) политичарите! Не дека сакам по секоја цена да го оправдам Маркс, кој целосно ја утна работата со прогнозите, ама мене тие навистина ми личат на некогашната буржоазија. На лошата буржоазија. Ама и тука имам проблем: ако власта и политичарите ги прогласам за лошата буржоазија, како тогаш тие велат за себе дека се „најнапредните сили во општеството“, кога кај Дедо Маркс стои дека се тоа најретроградните и декадентни сили во општеството онака како што тој го сфаќал во својата политичка економија?
Што е вистина? Не знам. Можеби сепак Дедо Маркс дошол без да го сетиме, зашто она „Едно општество за сите“, според утопијата, личи на она „бескласно општество“, а европскиот и американски космополитизам (каква раскошна контрадикција – „национален космполитизам“) личи на она „Пролетери од сите земји обединете се“. И можеби навистина ќе станеме бескласно општество кога сите ќе станеме исти – политичари. Тоа ќе биде ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ ПОЛИТИЧАРИ. А каде ќе одат сиромашните што не можат да бидат политичари? Ќе исчезнат. Најлесно е да умрат.
За да биде и теоријата на Дедо Маркс, како и сите други теории – точна. Не е тоа висока цена за народот, ако е во прашање вистинитоста на некоја политичка теорија. Плаќана е многупати досега, зошто не и сега?