Како негативното да го пренасочиме кон позитивно

Во современиот живот сме сведоци на една посебна состојба на умот. Сите како да сме напнати, анксиозни, како да доживуваме враќање во свеста на доживеани лоши искуства. Мислам дека особено кај нашето население ситуацијата полна со предизвици и непознаници, а заедно со економската и здравствената криза прави луѓето да станат незадоволни, непријателски расположени, па дури и агресивни, како да се топат емпатијата и сочувството, крајно се стеснуваат пријателството и убавината на животот. Во наредните редови ќе покажам некои најнови невронаучни истражувања што можеби ќе ни помогнат да ги надминеме овие непријатни ментални состојби.
Во јули 2022 година во реномираното списание „Нејчр“ излезе публикација посветена на едно важно откритие од страна на научниците во институтот „Салк“. Имено, најдено е објаснување за фундаменталните биолошки процеси за начинот на кој луѓето подобро ги запомнуваат негативните емоции одошто позитивните и зошто токму тие се јавуваат заедно со анксиозноста, депресијата или посттрауматичното стресно растројство (ПТСД). Во основата на нашето животно искуство е идејата дека сето тоа може да се сведе на една молекула.
Поточно, за човек или животно да научи дали да избегнува или повторно во иднина да бара одредено искуство, мозокот мора да ги поврзе позитивното или негативното чувство, или „валентноста“ токму со некој одреден стимул. Способноста на мозокот да ги поврзе овие чувства со меморијата се нарекува „валентно доделување“. Уште во 2016 година, во експерименти на животни во мозокот, се откриени делови познати како базолатерална амигдала (БЛА), кои помагаат да се открие валенцијата во процесот на учење или искуства во нови ситуации. Поточно, едни делови на овој регион се активираат кога се доживуваат убави или пријатни состојби, а сосема други делови кога постои негативна валенција (непријатни искуства). Овие делови на амигдалата се како некои железнички шини што водат до позитивни или негативни валенции, но досега не беше познато кои сигнали ги активираат токму едните или другите од нив?

Во најновата студија за која зборувам е утврдено дека за оваа активност е битна сигналната молекула наречена неуротензин, која претставува неуропептид што го продуцираат токму оние нервни ќелии што се асоцирани со процесирање на валенцијата. Во ситуации кога се доживува, на пример, страв (негативна валенција) тогаш се ослободува неуротензин и тоа ги закочува оние неурони што се асоцирани со позитивни доживувања. Токму ваквата способност на мозокот била многу битна за време на еволутивниот процес помагајќи им на луѓето да ги избегнуваат потенцијалните опасности. Паралелно со ова откритие се јави уште еден друг предизвик за невронауката: како да се модулира нивото токму на неуротензинот за да се спречат состојби на силна анксиозност или ПТСД кај луѓето? Така, идните истражувања ќе бидат насочени да се најдат патишта или можеби нови молекули во мозокот што се одговорни за активирање на ослободувањето неуротензин.
Од друга страна, уште едно ново истражување во универзитетот „Ватерло“ открива дека посветеноста на несебични вредности (или како што поинаку ја нарекуваме – доблест) може да им помогне на луѓето да се чувствуваат посигурни и помалку непријателски настроени во стресни околности. Во два експеримента, учесниците се фокусирале на сопствени несебични вредности што биле поврзани со обезбедување полза за другите луѓе. Оваа акција предизвикала мозочна активност и чувства поврзани со лична моќ, што ги направила учесниците помалку непријателски настроени кон луѓето што не им се допаѓаат заедно со нивните светогледи. Несебичните вредности можат да бидат како „елеци за спасување“ што поттикнуваат еден вид повисока моќ и издржливост, ослободувајќи нè од грижи и одбранбен став. Имено, кога се посветуваме на поголема благосостојба за другите отколку на нас самите, настанува еден парадоксален ефект што токму ваквите состојби ги чини луѓето психолошки посилни и порационални. Познато е дека разни стресни ситуации (поврзани со меѓучовечки односи или морални закани) ги прават луѓето дефанзивни, загрижени и дури непријателски настроени и агресивни. Ако на испитаниците им се оставале само неколку минути за да ги опишат своите животни цели поврзани со високи вредности, нивните ЕЕГ-параметри ги покажувале активностите поврзани со сопствената моќ и ентузијазам, со што веднаш се намалувале острите судови и критики.

Ваквите наоди помагаат да се разјасни зошто и како насоченоста кон несебични вредности може да ги одржи цврстите решителни одлуки, дури и тогаш кога се наоѓаме во безнадежни ситуации. Или поинаку кажано, посветеноста на доблеста предвидува мудро расудување и почитување на перспективите на другите дури и при конфликтни ситуации. Омразата меѓу групите може да го активира истиот мотивациски систем за да ги зајакне чувствата на лична моќ и смисла во животот.
Сето тоа заедно, сегашното и претходното истражување, сугерира дека посветеноста на доблеста може да биде недоволно ценет противотров за непријателството и омразата во реалниот свет. Доблеста и омразата се алтернативни лостови за активирање на личната моќ и смисла во животот. Ако го имате едното, чувствувате помала потреба за другото. Ова можеби е патоказ како и во нашава средина да ги пренасочиме непријателствата и поделбите што ги предизвика моменталната состојба во земјата?!
Во иста насока е и обидот да престанете да размислувате за несакани повторливи мисли, што е доста познато искуство за повеќето луѓе. Честопати, одредена ситуација може постојано да предизвикува несакани мисли или спомени. Ете, во моменталната ситуација ни навираат мисли за неправдите и траумите што нашиот народ ги доживувал во минатото.
Проактивното избегнување асоцијација што предизвикува несакана мисла или меморија е поефективно од реактивната контрола. Значи, луѓето можат делумно да го спречат овој процес на надоаѓање на лоши мисли ако за тоа имаат волја.
Иако луѓето не можат сосема да ги избегнат несаканите мисли, тие би можеле да се погрижат размислувањето околу некоја неубава мисла да не ја зголеми веројатноста таа повторно да дојде на ум.
Овој тип реактивна контрола може да биде особено проблематична, бидејќи, како што сугерираат наодите од студијата на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, Израел, мислите се самозајакнуваат: размислувањето околу една мисла ја зголемува нејзината сила во меморијата, но и веројатноста таа да се повтори. Со други зборови, секојпат кога треба реактивно да одбиеме несакана асоцијација, таа има потенцијал да стане уште посилна.

Затоа, препорачливо е, кога во умот надоаѓа таква лоша мисла, активно да се трудиме да ја отстраниме и да се насочиме на нешто убаво, доблесно, што ќе има позитивен ефект на другите околу нас, но и на нас самите. Со тоа, истовремено ќе помогнеме во излачување на неуротензинот, новооткриената молекула во мозокот што ќе го пренасочува изборот кон позитивни валенции.
Со сите овие научни откритија само укажувам на можноста свесно да управуваме со нашите мисли, активности, мемории, а сѐ со цел обезбедување позитивно дејствување и благосостојба за луѓето околу нас. Инаку, ќе преовладуваат негативни меморирани искуства, кои, всушност, ги намалуваат нашата сопствена моќ и наоѓањето смисла на живот. Ако свесно работиме на овие процеси, тогаш ќе се намали можноста за анксиозност, посттрауматични растројства и депресија, состојби што доминираат во современото општество.