Како мора да се промени ЕУ

Повеќе децении по завршувањето на Втората светска војна, европскиот поредок се засноваше на убедувањето дека заедничките институции, заедничките пазари и другите форми на интеграција ќе обезбедат мир на европскиот континент. Но сега кога Русија еднострано ја урна таа визија, Европската Унија ќе мора да го преиспита начинот на кој функционира

ЈОШКА ФИШЕР: Проџект синдикејт

Иако сè уште не знаеме кога и, уште поважно, како ќе заврши агресивната војна на Владимир Путин во Украина, веќе е јасно дека конфликтот драматично ќе ја трансформира Европската Унија.
ЕУ беше одговорот даден од Западна Европа на огромното насилство предизвикано од двете светски војни, кои самите беа производ на индустријализацијата и национализмот во периодот од деветнаесеттиот век, па наваму. Овие историски процеси доведоа до целосно уништување на традиционалниот европски поредок. По Втората светска војна, на европскиот континент имаше доминација на две сили што не се од Европа: Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз. Бидејќи беше невозможно да се помират материјалните и идеолошките интереси на овие две сили, она што следуваше беа повеќедецениска трка за нуклеарно вооружување и Студената војна.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, економијата на Западна Европа беше уништена и целосно воено беспомошна против советска инвазија. Без американскиот Маршалов план и американската гаранција за воена заштита, Западна Европа тешко дека ќе можеше да опстане.

Формирањето на НАТО во 1949 година гарантираше дека западниот дел на европскиот континент ќе биде безбеден од евентуалното советско навлегување и од повторното појавување на Германија, иако сега таа веќе беше поделена. Ваквата поставеност потоа ја поттикна идејата дека стабилен западноевропски поредок може да се постигне преку економска интеграција во рамките на единствен пазар, колективни институции и заеднички правен систем – што на крајот подразбираше целосна интеграција на засегнатите држави.

Целта не беше само да се надминат социоекономските и политичките причини за деструктивниот национализам туку и да се обезбеди дека палавото дете на историјата и истовремено најсилна економија во Европа, Германија, целосно и трајно ќе биде ставена во јатото. Во децениите што следуваа, НАТО и ЕУ (првично Европската заедница за јаглен и челик, а потоа и Европска економска заедница) прераснаа во воени и економски столбови на европската безбедност и просперитет, а со тоа и на западноевропскиот поредок.

Но со крајот на Студената војна се појавија и нови прашања за тоа како би требало да изгледа европскиот поредок. Одговорот на тие прашања беше дека двата столба на Западна Европа, НАТО и ЕУ, ќе се прошират за да ги опфатат земјите од Централна и од Источна Европа што ги исполнија условите за членство. Од своја страна, поголем број од поранешните советски републики и членки на Варшавскиот пакт сакаа да имаат обврзувачка гаранција дека европскиот поредок нема да биде ревидиран од Русија.

Членството во НАТО и во ЕУ го донесе ветувањето за колективна безбедност и за заеднички пазар. Надежта беше дека ќе се елиминираат последните остатоци од старата конфронтација што постоеше помеѓу Истокот и Западот и ќе се обезбеди постојан мир преку економска размена и меѓусебна зависност.
Сепак, сега под водство на Путин, Русија води една поинаква политика. Таа се обиде повторно да го воспостави својот статус на глобална сила преку имање претензии за уште повеќе „руска земја“, што ќе подразбира пресврт во однос на постсоветскиот поредок. Ако се осврнеме на минатото, Путин сака повторно да ја воспостави старата руска империја.

Во време кога Украинците сè повеќе ја изразуваа својата желба да се интегрираат со Западот, Путин презеде чекори да ги негира слободата и суверенитетот на Украина. Во 2014 година, тој го анектира Крим и предизвика војна во украинскиот регион на Донбас. Сега, пак, Путин започна сеопфатна војна на агресија, уништувајќи ја секоја шанса за мирен соживот меѓу Русија и ЕУ, барем додека тој е на власт. Географската поделба, наметната со дополнителна нуклеарна уцена, повторно ќе надвладее врз економската размена и соработка.

ЕУ сега ќе мора да се фокусира многу повеќе на безбедносните и геополитичките прашања, и тоа многу повеќе отколку порано. Сега, кога Шведска и Финска ќе се приклучат на НАТО, Австрија, Ирска, Малта и Кипар ќе бидат единствените членки на ЕУ што истовремено не се членки на Алијансата. Така ќе се промени и односот меѓу двата главни столба на европскиот поредок. Членките на ЕУ ќе мора значително да ги зголемат трошоците за одбрана, како и итно да го зајакнат својот придонес во НАТО.
ЕУ, исто така, ќе се соочува со сè поголеми геополитички предизвици, како што веќе се покажуваат апликациите за членство во ЕУ на Украина, Грузија и Молдавија. Досега единствениот геополитички инструмент што ЕУ го имаше на располагање беше ветувањето за полноправно членство (а со тоа и економски раст и просперитет). Но тоа ветување се покажа како илузија за Турција и за Западен Балкан.

Според својата сегашна институционална и правна рамка, ЕУ може мошне ограничено да ги следи своите геополитички интереси, ако воопшто и може да ги следи. Затоа, на ЕУ во иднина ќе ѝ биде потребна пофлексибилна структура, со квазиконфедеративен аранжман што е поставен околу федеративно јадро. Наместо да се бара или полноправно членство или ништо, ЕУ би можела да понуди поблизок пристап до заедничкиот пазар, заедничката безбедност, правната заедница на ЕУ, заедничката валута итн.

ЕУ не може бескрајно да расте. Но таа треба да прифати дека нејзините геополитички интереси се протегаат многу подалеку од инструментот што се нарекува полноправно членство. Сè додека авторитарните режими претставуваат реална закана, ЕУ (која ја претставува економската и општествена алтернатива) ќе станува сè позначајна сила не само на европскиот континент туку и во поголемата сива зона на Истокот, каде што нема јасна граница со Азија.

Што и да се случи во Украина, ситуацијата бара нова структурна флексибилност, а не ригидно придржување кон старите, пренапрегнати аранжмани или ветувања што не можат да се исполнат.

(Авторот е поранешен германски министер за надворешни работи
и заменик-канцелар од 1998 до 2005 година)