Како до пазар од две милијарди потрошувачи

Она што е мошне значајно е што и мали економии како нашата можат да извезуваат во големите земји одредено количество халал-производи, ако ги следат правилата, ако најдат експерти подготвени да дадат правилна експертиза за разни пазари и за различни производи и, нормално, со соодветна помош на државата

Во 2022 г. на планетата Земја има околу две милијарди жители со муслиманска вероисповед. Храната што ја консумираат поголем дел од муслиманите се произведува по халал-стандарди и се нарекува халал-храна. Пазарната вредност на халал-храната во светот за 2022 г. се проценува на околу 2,4 трилиони долари. Самиот збор „халал“ значи нешто „дозволено“ или „законски“ и е арапски термин. Додека пред извесно време терминот халал се однесуваше само на храна и пијалаци, со текот на времето, со растењето на светските трендови, халал-стандардите го шират своето влијание и на индустријата на млечни производи, печива, грицки, кондиторски производи, готови оброци и други производи, како што се козметика и производи за лична нега и здравје, со што влијае на бизнисите во малопродажбата, рестораните и услуги за храна што ги опслужуваат секторите за патување и угостителство.
Муслиманите можат да консумираат секаков тип пијалаци и храна, освен:
lПроизводи од забранети животни, како кучиња, мрши, свињи и предатори;
lЖивотни заклани на коректен начин;
lПијалаци и храна што содржат алкохол или други штетни или забранети состојки.
Постојат четири главни легални школи на Исламската јурисдикција (Figh), кои се однесуваат на нивната усогласеност за халал-стандардите и нивната разлика е многу мала, околу 3-5 отсто. Разликата се однесува претежно на следново:
lПотеклото на потенцијално сомнителните состојки, како што се желатин, траги од алкохол, животински масти и одредени адитиви;
lРачно колење наспроти машинско колење;
lЗашеметување пред колење, посебно за живината.
Ова практично значи дека на ист пазар може да се најдат халал-производи од месо направени според принципите на едната школа, кои еден дел од муслиманите нема да ги користат, затоа што е во спротивност со нивните правила. Или практично, доколку во Индонезија се пушти халал-месо, но е машински колено, еден дел од муслиманите од таа земја ќе го јаде тоа месо бидејќи нивната школа го дозволува, но друг дел од населението нема да го јаде затоа што нивната школа дозволува само рачно колено месо.

Ова практично значи дека различните школи не се усогласени меѓу себе и тоа претставува пречка во трговијата. Меѓународната заедница пробуваше да го усогласи сето ова преку ИСО – Меѓународната организација за стандардизација, но не успеа. Истото се случи и во Македонија. Кога се појави потреба да се направи македонски официјален халал-стандард, не се успеа затоа што Македонија е полноправна членка на европските тела за стандардизација и мораше да се усогласиме со нивните правила. На европско ниво се воспостави Технички комитет (работна група составена од околу триесет експерти од таа област) под ознака CEN/TC 425 „Project Committee – Halal Food“, под техничко раководство на турскиот Институт за стандардизација со помош на Австрискиот институт за стандардизација. Беа составени неколку подгрупи во кои членуваа експерти во таа област од поголем дел од европските земји и одржаа поголем број состаноци во период од 2013 до 2016 година. Некои главни прашања се однесуваа на религиозниот карактер на стандардот и на неговата техничка природа. Од една страна, експертите со муслиманска религиозна припадност велеа дека халал-стандардите мора да се следат, надгледуваат, администрираат и авторските права на неговиот стандард да бидат во сопственост на надлежен муслимански орган со муслимански експерти, кои можат јасно да разберат и да ги применуваат техничките процедури додека се придржуваат до исламските принципи, како што е наведено во Светиот Куран и Суна, од друга страна, експертите немуслимани го гледаа повеќе од бизнис-техничка природа. Сето ова доведе и покрај сите состаноци CEN/TC 425 „Project Committee – Halal Food“ да се распушти во 2016 год. и да не се донесе европски халал-стандард и со тоа ова поле останува нерегулирано заеднички, туку секоја земја си носи свои правила.

  • Халал-секторот е потсектор во главната индустрија за храна и тој мора да подлегне на правилата за сигурност, безбедност и квалитет поставени во врска со различни ИСО-стандарди, GMP – Good Manufacturing Practice, GHP – Good Handling Practices, ХАССП (Анализата на опасност и критични контролни точки е систем заснован на наука, кој систематски ги идентификува, проценува и контролира опасностите што се значајни за безбедноста на храната. Ова се прави со анализа и контролирање на биолошките, хемиските и физичките опасности од производството, набавката и ракувањето со суровини, заедно со производството, дистрибуцијата и потрошувачката на готовиот производ. Фокусот е на превенцијата наместо на тестирањето на крајниот производ).
    Најинтересно е што околу 85 проценти од производителите на халал-храната се земји каде што муслиманското население е малцинство и е извезено во земји каде што муслиманското население е мнозинство.
    Она што е мошне значајно е што и мали економии како нашата можат да извезуваат во големите земји одредено количество халал-производи, ако ги следат правилата, ако најдат експерти подготвени да дадат правилна експертиза за разни пазари и за различни производи и, нормално, со соодветна помош на државата.
    Она на што треба да се обрне посебно внимание за влез на халал-пазарот се однесува на:
  • Избор на сертификациско тело што е признаено и познато на пазарот каде што ќе се извезува;
  • Големо темелно истражување, посебно за разликите засновани на различните толкувања на користење на халал-стандардите, како на пример: рачно или машинско сечење на месото, зашеметување…;
  • Религиското верување е коренот на халал-стандардите и затоа се зема многу сериозно во многу земји и демонстрирањето темелно разбирање и длабока посветеност на муслиманските потрошувачи ќе придонесе во одредувањето на успехот на извозот на тој пазар.

Љупчо Давчев

(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетско машинство
и поранешен директор на Институтот за стандардизација.)