Како да создадеш стандард што ќе ја зголеми корупцијата

Меѓународната организација за стандардизација во 2016 год. го издаде стандардот ISO 37001 – Anti bribery management systems (Систем за управување против поткуп). Тој е составен од сет од мерки и контроли, врз основа на најдобрите меѓународни практики. Дизајниран е да всади култура против поткуп во рамките на една организација каде што ќе се имплементираат соодветни контроли, врз чија основа ќе се зголеми можноста за откривање поткуп и ќе се намали нејзината појава. Полето на дејствување е применливо за сите организации (или делови од организација), без оглед на видот, големината и природата на активноста, дали се јавни, приватни или непрофитни сектори. Ова ги вклучува државните претпријатија, големи организации, мали и средни претпријатија и невладини организации. Изработен е од ISO/TC 309/WG 2 – управување со организации / Систем за управување против поткуп (тоа е еден вид работна група) и во неговата изработка и одржување учествуваат 53 земји како активни учесници и 24 земји како набљудувачи, каде што Македонија нема свој претставник. Другата работна група ISO/TC 309/WG 8 – управување со организации / Контрола на измама се занимава со Контрола на измами и се очекува во најскоро време да се појави стандард од таа област.
Чекори што треба да се преземат за правилно да се имплементира ISO 37001:
спроведување јасна политика против поткуп;
воспоставување менаџмент-лидерство, посветеност и одговорност;
развивање контроли и обука на персоналот;
спроведување процена на ризик и преземања разумни чекори за да се избегне извршување прекршок;
вршење финансиски, комерцијални и договорни контроли;
воспоставување процес за известување, следење, истражување и преиспитување;
преземање корективни мерки и фокусирање на континуирано подобрување на процесот.
Според последните податоци, со правилна примена и контрола на примената на употреба на овој стандард, во земјите и претпријатијата што успешно го имплементирале стандардот има значително намалување на корупцијата.
Е, сега, бидејќи имаме пример како успешно да создадеме стандард што ќе се бори против корупцијата, врз основа на истата методологија можеме да направиме стандард за зголемување на корупцијата со назнака МК 300К:2022 – (Систем за управување за зголемување на корупцијата). Тоа значи дека барањата од одредени делови од стандардот ќе ги свртиме наопаку. На пример: доколку меѓу ризиците се непотизам, проценти, врски ним ќе им дадеме најмногу поени и ќе ги рангираме највисоко. Или, пак, доколку доставувачот треба да ја добие јавната набавка, тогаш можеме како еден од условите да ставиме неговото куче да се вика, на пример, Флок. И ќе го внесеме тоа при самата имплементација на овој корупциски стандард.
Севкупното светско наследство му е достапно секому, но и секој треба да даде дел од себе во него (дали како поединец, група, држава…). Така што ова е фантастична можност Македонија да влезе како главен играч во тие што создаваат стандарди (не само македонски што ќе важат само во Македонија, туку македонски што ќе важат меѓународно) и со тоа да влезе во редот на оние земји што го збогатуваат светското наследство. Ете, не треба да бараме експерти по светот, си имаме тука наши, преполни со искуство и знаење, кои дополнително ќе го збогатат светот со процесите што ќе ги воспостават во овој корупциски стандард. Ако ISO 37001 претставува некаков тип најпродаван стандард, тогаш овој МК 300К:2022 би требало да претставува светски бестселер.

Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство