Кај и да е, Бајден ќе го заборави и Путин веќе нема да постои

2463

Прекрасно време за љубов, бакнежи, предлози. Какви сега предлози? Па, француски предлози. Мора да е, тогаш, тоа љубовен предлог. Онака, секси предлог. Непристоен предлог? Сигурно започнува со бакнеж. Француски бакнеж. Бакнеж од некоја фем фатал? Или смртоносен бакнеж. Од Дијаболик. Од Фантомас. Од Арсен Лупен. А потоа оргија

Се преправи Америка во Русија, па излезе на улица за да ја сретне и плаши Европската Унија. Не очекуваше дека ќе налета токму на Македонија преправена во Нордистан, која исто така тргна да ја најде ЕУ, ама за да ја моли да ја земе кај себе. Нордистан толку се исплаши од Америка преправена во Русија, што му падна фотошопот и така обезличен панично влета во првата куќа што се најде на патот. А таму Албанија само што се преправи во Западна Бугарија, со намера да го зеза истиот тој Нордистан. Во меѓувреме, Бугарија се преоблече во Источна Албанија со истата намера, да го плаши Нордистан, ама налета на Србија преправена во Европската Унија, која не ја сфати шегата на Бугарија, па гадно се степаа, токму во мигот кога тука поминуваше Русија преправена во Америка со намера да тера подбив со ЕУ. Сето тоа од прозорец го гледаше Европската Унија преправена во нацистичка Германија и ништо не ѝ беше јасно. Во тој миг на другиот прозорец се појави Данил Хармс преправен во Путин, ја здогледа ЕУ преправена во нацистичка Германија и ја праша: „Старице, ќе паѓаш ли ти од прозорецот за јас да напишам расказ?“ Од страв, ЕУ ја изгуби рамнотежата и падна од прозорецот право врз главата на Нордистан, кој бегаше од Албанија преправена во Западна Бугарија. Го виде сето тоа Америка преправена во Русија, па му подаде рака на Нордистан за да стане, ама овој крикна: „Не, не, не!“
И така Нордистан се разбуди од кошмарот.
А надвор повторно сонцето изгреа на запад. Прекрасно време. Ем евроатлантски сончево, ем врне мед и млеко. Одвреме-навреме грми Таче. Ама тоа се милозвучни грмежи, не како злобни руски грмежи. Прекрасно време за љубов, бакнежи, предлози. Какви сега предлози? Па, француски предлози. Мора да е, тогаш, тоа љубовен предлог. Онака, секси предлог. Непристоен предлог? Сигурно започнува со бакнеж. Француски бакнеж. Бакнеж од некоја фем фатал? Или смртоносен бакнеж. Од Дијаболик. Од Фантомас. Од Арсен Лупен. А потоа оргија. Секс а ла Маркиз де Сад. Или ова е некој нов маркиз. Маркиз де САД?
Со тоа блесаво прашање се разбуди Макрон, погледна низ прозорецот и виде како губи мнозинство во парламентот. Панично му се јави на Петков, мислејќи дека изгуби мнозинство заради Бугарија оти ја поддржа со француски бак… предлог, ама од другата страна на линијата, бугарскиот премиер горко плачеше. Него му паднале владата и небото врз глава. По краток разговор, низ солзи, двајцата заклучија дека Путин е виновен.

Нормално дека Путин е виновен. Така кажа и Едвард Џозеф. Лошиот чичко Путин не сака Нордистан да влезе во ЕУ. Затоа и ја хушка Бугарија. Е, ама во исто време проамерикански наострениот аналитичар крикна, гледате како Америка ја казни Бугарија поради ветото за Нордистан? Видовте како Америте му ја срушија владата на Петков? Чекај сега, Русија или Америка? А ха, бателфилд Нордистан. Ма каква Украина, каков Севернодоњецк, тавариш Путин има само една опсесија, а тоа е Нордистан да не влезе во ЕУ. А ха, на Русите не им е никаков проблем Украина во ЕУ, како што се противат на нејзиното членство во НАТО, ама за Нордистан обратни им се аршините. За НАТО не им чуе, ама не сакаат бе нордистанците да добијат датум. А знаете зошто? Затоа што Русите се принципиелни. Нордистан двапати досега доби датум. Еднаш Зоки ни кажа од авион, а вторпат Кастриот поради тој ист датум донираше срце во Брисел и Вашингтон. Да, тој има две срца како што Нордистан има два датума. Е, ама, трет датум Путин не дава. Што е многу, многу е. Затоа тој и мести свои влади во Бугарија. Прво онаа на Борисов. Па, Американците го срушија, ама Вова им го подметна Петков, Трамп како што го подметна. И сето тоа со помош на Бетмен и жената мачка, како што си призна портпаролката на руското МНР. Да, да, Русија контролира, мести влади и тајно управува со многу НАТО-членки. Се сеќавате кога Франција, Данска и Холандија ни бапнаа вето? Е па, Путин ги контролираше.
Еве и францускиот предлог. Онака склопен како Макрон да го препишал од бугарските администратори на Македонија во Втората светска војна. Некои непрокопсани ги нарекуваат фашисти, а гадови како мене ги именуваат како нацисти, оти не му слугувале на Мусолини, туку на Хитлер, ама сите ние заедно сме руски „рубља-патриоти“, бедници што измислуваат некакви „втори светски војни, нацисти, фашисти, холокаусти и геноциди“. Значи, францускиот предлог. Врвни светски аналитичари, како Ордановски, Бучковски, Малески, Колозова, Забрчанец, ни кажаа дека тоа е одличен предлог. А кога е одличен, тогаш гарант е проевропски, цивилизиран, поддржан од САД. Е, ама загрме Таче, го отфрли предлогот како лош, што значи дека тој проклет француски предлог е руски, напишан лично од Путин и подметнат кај Макрон од страна на другарот на Маркиз де Сад, Распутин. За оние што не знаат, Распутин е рефрен во една песна на „Бони М“ што го подметнаа тројца Владимири. Висоцки, Сорокин и, се разбира, неговиот правнук Путин.

Важно, го најдовме виновникот за сите светски проблеми. Путин го предизвика глобалното затоплување. Ал Гор нè спаси. Веднаш потоа Путин ни приреди климатски промени. Во моментов Грета Тунберг војува со него и, како што ни кажуваат извори блиски до фронтот, ќе го победи како што азовсталците ја завршија мисијата и се повлекоа во руски затвори. Ни се заканува глад. Нормално, Вова е крив. Ние сега чекаме Мадона и Боно мајка да му расплачат правејќи концерт со кој ќе нè нахранат. Ама и зима доаѓа, па се најавува дека ќе измрзнеме. Русите се виновни, а кој друг? Тие го ишмркаа цел гас, ја испија сета планетарна нафта и ги пресадија на своја територија. Ама гадно се заебале. Нашата љубов кон европските вредности грее повеќе од секое парно. Во САД даноци растат, цени се креваат, сиромаштија се зголемува, ене и Тексас најавува отцепување. Е па, Путин е виновен. Тој уште од Трамп наваму владее со САД, ама кај и да е, Бајден ќе го заборави и Путин веќе нема да постои.
Или кај нас. Зошто Нордистан е во катастрофична економска состојба? Зошто затворите се полни политички затвореници, а судот и обвинителството се без рејтинг кај граѓаните? Зошто нема доволно храна и енергенти, цените се ненормални, а платите мизерни? Затоа што Путин е виновен, нормално.
Русјаков, не сери! Нордистан е моќна НАТО-членка, со норвешка економија, американска демократија и француска еротичност. Новото име ни ги плаќа сметките, се лекуваме бесплатно во ЕУ, а веќе сме и дел од вселенската програма на НАСА. Само уште САД да го спречат оној Путин да се преправа во ЕУ пред секој самит кога треба да ни дадат датум, за да не ни става вето и ете нè во клубот на елитните и убавите. Ама ние секогаш сме подготвени да му кажеме НЕ на Путин колку и да се преправа во ЕУ, Бугарија, Франција, Данска, за да нè збуни и исплаши.