Kафенце за Али Ахмети

Што ќе се промени со „зелената платформа“? Дали тоа значи дека ќе престанеме да го гледаме Али Ахмети како ужива во патриотски вечеринки, со инспирирани мандолински оркестри што ги воспеваат неговите подвизи од 2001 година (баш би сакал да го видам како клучен танчар во перформанс каде што се изведува „YMCA“ од „Вилиџ пипл“)? Или, пак, во кореографијата на настаните на ДУИ ќе се веат знамињата на виножитото, знакот на мировното движење и други хипи-симболи? Можеби Али Ахмети ќе стане веган, а ДУИ ќе продолжи постепено укинување на месната индустрија за да се заштитат правата на животните?

Додека пламтеа најновите балкански војни од 1990-тите години, тогашната чаршија излезе со вицот за златната рипка. Во политички коректна верзија вицот започнуваше со заедничкото рибарење на тројца балкански националистички лидери на народите X, Y и Z, кои фатиле една златна рипка. Таа нервозно им рекла дека ќе им исполни само по една желба на сите тројца. Лидерот на народот X, како водач на најголемиот народ, имал чудовишна желба целосно да исчезне народот Y, а веднаш потоа избезумениот лидер на народот Y се одмаздил посакувајќи да ги снема сите од народот X. Кога видел лидерот на народот Z дека нема веќе ниту еден припадник на нему соседните народи X и Y ѝ рекол на златната рипка: „Ех, златна рипке, сега кога ми ги исполни сите желби, јас би сакал едно кафенце“.
Ретко грозен политички виц, но, како и секој производ на постјугословенската чаршија, оваа куса приказна најпрецизно го опишува балканскиот шовинистички мозок, каде што се сонува за големи држави, етнички очистени од „непријателот“, каде што среќно, весело и идилично си живеат „нашите“.
Во саботата, на 5 јуни, Али Ахмети си порача кафенце од златната рипка затоа што веќе одамна му се исполнија сите националистички желби. Дури и за мерилата на балканската политика, која изобилува со циничен надреализам, најавената „зелена агенда“ на Али Ахмети е категорија за себе.

„Зеленото“ во политиката влезе некаде во почетокот на 1980-тите години, кога политички осозреа европската генерација што се калеше на студентските протести од 1968 година. По долго политичко талкање во дивината, каде што некои од нив дури завршија во урбаниот левичарски тероризам, изникна зелената платформа како политички израз на постмодерната, посткапиталистичката, постнационалната, постхристијанската и постматеријалната јавност. Нивниот „долг марш низ институциите“ целеше кон целосна преобразба на западните општества и нивната филозофска, културна и политичка матрица. Притоа, еколошката компонента е само еден мал сегмент од оваа нова и сеопфатна политичка програма, која гледаме како бавно, но сигурно се реализира. Во моментов, се чини дека културните војни од крајот на 20 век завршија и победија зелените.
Не постои личност на македонската политичка сцена чија политичка активност е толку спротивна од „зеленото“ во европската политика, како што е тоа Али Ахмети. Неговата целокупната политичка врвица е длабоко вкопана во најисконскиот и најтрадиционалистичкиот балкански национализам. Политичката харизма на Али Ахмети се темели исклучиво на ореолот на победник во етничката војна против Македонците, а неговата политичка програма сите овие години имаше една цел – изградбата на албанската нација во Македонија и на албанските етнички институции во Македонија.
Охридскиот рамковен договор можеше да биде основа за граѓанска интеграција на државата, но ДУИ сите овие години беше корифеј на федералистичкото толкување на договорот, поточно преустројување на Македонија во функционална двонационална федерација. Последниот политички договор за создавање на функцијата „прв заменик-премиер со право на вето“ само го заокружи овој проект. Притоа, спротивно на секое можно уставно начело лазечки се спроведуваа овие концепти на Али Ахмети што ја уништуваа секоја можност Македонија да се гради како граѓанска држава.

Мора да му се оддаде почит на Али Ахмети за неговиот стратегиски наум и тактичка лукавост, како и за внимателното наслушнување на одот на големите сили на Балканот. Во изминативе дваесет години се променија седум премиери во Македонија, но тој остана константа во политиката, како неформален копремиер сиве овие години, без притоа да преземе каква било одговорност со влез во владините структури. Впрочем, тој грижливо ја негуваше оваа претстава за себе, како национален лидер, а тие се занимаваат со крупните политички визии, наместо со ситните дневни потреби на граѓаните.
Оваа круна на победник од 2001 година и на национален лидер, нему му ја донесе и победата во сите изборни циклуси во изминативе 20 години во етничкиот албански блок. За жал, етничкиот национализам се исплати и носи демократски легитимитет на Балканот. Доказ за тоа е Али Ахмети. Нема ништо граѓански во целиот негов досегашен политички активизам (за воениот не треба ни да се коментира), поточно нема ниту „г“ од граѓански. Но, нормално… политиката е умешност на можното, па неговиот демократски легитимитет го ставаше и го става на масата како клучен коалициски партнер во сите политички влади сиве овие години.
Што ќе се промени со „зелената платформа“? Дали тоа значи дека ќе престанеме да го гледаме Али Ахмети како ужива во патриотски вечеринки, со инспирирани мандолински оркестри што ги воспеваат неговите подвизи од 2001 година (баш би сакал да го видам како клучен танчар во перформанс каде што се изведува „YMCA“ од „Вилиџ пипл“)? Или, пак, во кореографијата на настаните на ДУИ ќе се веат знамињата на виножитото, знакот на мировното движење и други хипи-симболи? Можеби Али Ахмети ќе стане веган, а ДУИ ќе продолжи постепено укинување на месната индустрија за да се заштитат правата на животните?
Ништо од тоа нема да се случи…
На Али Ахмети му е јасно дека со Преспанскиот договор Македонија е смртно ранета како земја, а Македонците се сведени на безимена етничка група. Тој умее да согледа и дека актуелната влада ќе влезе во авантура со Бугарија, која дополнително ќе ги поткопа темелите на современата македонска нација. Во стратегиската политичка логика на Али Ахмети колку што македонската држава е послаба и порелативна, толку е поблиска реализацијата на сништата за историското обединување на албанската нација. Тој смета дека тоа можеби нема да се случи веднаш, можеби не и во животниот век на оваа генерација, но механизмите на историјата се придвижени и ќе биде ѓаволски тешко тие да се сопрат и насочат во друга насока. Да, да не заборавам… Али Ахмети е и доволно мудар да не ги искажува своите стратегиски визии (барем не сега, додека не дојде вистинското време и најпогодниот историски момент). Ова е сосема спротивно од тоа како јас гледам на политиката и како јас сметам дека треба да се развива Македонија, а е и светлосни години оддалечено од која било зелена политичка филозофија, но така изгледа балканскиот националистички резон, кој го дефинира светогледот на Али Ахмети.
Токму затоа во саботата Али Ахмети си го доби кафенцето што ѝ го порача на златната рипка уште со четвртото коминике на ОНА од 2001 година.