Извинете, не сум Србин, јас сум Македонец, или обратно беше!

Македонската државност е поставена врз принципите на слободата и еднаквоста. Не случајно во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија се вели: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи ги нивната народност, пол, раса и вероисповед. На секој граѓанин му се гарантирани слободата на вероисповед и слободата на совест. На сите граѓани им се гарантираат слободата на говор, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружување“

Централната разузнавачка агенција, позната и како ЦИА, е одговорна за заштита на американската државна безбедност, но и спроводник на американските стратегиски интереси низ светот. Во Студената војна, кога Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз се натпреваруваа за глобална доминација, ЦИА не избираше методи и се водеше од максимата „целта ги оправдува средствата“. Во светот на тајните и заткулисни игри постои една анегдота што ја илустрира стратегијата на ЦИА.
Во 60-тите години на 20 век, ЦИА организира средба со еден од водачите на американската мафија. На средбата, претставникот на ЦИА јасно и недвосмислено побарал одредени услуги во замена за отстранување на екстрадицијата во Италија. Американскиот мафијаш не ја одбил понудата, но ја посочил апсурдноста за неговата екстрадиција, укажувајќи дека е Американец, а не Италијанец, бидејќи целиот живот го минал во Соединетите Американски Држави, Италија не е неговата татковина. Како и сите моќни луѓе, кои не се навикнати други да им наредуваат, мафијашот се обидел да го навреди претставникот на ЦИА со следните зборови: „Да ве прашам нешто. Ние Италијанците ги имаме семејствата и црквата. Ирците ја имаат татковината. Евреите ја имаат традицијата. Дури и Афроамериканците ја имаат музиката. А што е со вашите луѓе? Што имате вие?“ Одговорот на претставникот на ЦИА гласел: „Соединетите Американски Држави. Сите вие сте само посетители.“
Одговорот е совршен пример за затвореноста на американското општество, општество што беше поставено врз темелите на англосаксонската традиција. Затоа не треба да се зачудуваме што Афроамериканците со децении немаа право на глас, ниту право да се кандидираат за државни или јавни функции. Јавна тајна беше дека високите позиции во американското општество секогаш беа резервирани за потомците на првите американски колонисти.

Каде сме ние во оваа приказна? Македонската државност е поставена врз принципите на слободата и еднаквоста. Не случајно во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија се вели: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи ги нивната народност, пол, раса и вероисповед. На секој граѓанин му се гарантирани слободата на вероисповед и слободата на совест. На сите граѓани им се гарантираат слободата на говор, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружување.“
Македонија секогаш била слободарска творба. Тоа е евидентно во искажувањето на Лазар Колишевски, кој вели: „Гледав во новата влада да бидат застапени сите малцинства и како што гледам се застапени. Втор потпретседател на владата е Турчин, Абдурахман Ахмедов, како министер за социјална политика, Неджат Аголи, Албанец, како претставник на албанското малцинство. Во Владата влезе и д-р Попадиќ. Тој не само што е Србин туку е и активен борец во нашите партизански одреди и веќе десет години живее во Македонија, така што е наполно запознаен со битот и животот на нашиот народ.“

Со други зборови, македонската држава никогаш не се однесувала кон Албанците, Турците, Србите и сите други како да се посетители. Македонија била и ќе биде држава на сите граѓани, без разлика на нивната народност, пол, раса или вероисповед.
Доколку Македонија како држава искажува почит, тогаш и Македонија како татковина на македонскиот народ заслужува да биде почитувани од сите други. Секое однесување што е спротивно од почитувањето на татковината, води кон тоа да се однесуваме како да сме само посетители и ништо друго. Доколку си ја сакаме и почитуваме татковината, во секоја можно пригода јасно ќе велиме: Извинете, не сум Србин, јас сум Македонец, или обратно беше!