Историјата се повторува, еднаш како трагедија, другпат како фарса

3025

Еве сме и денес, речиси пак под истите историски околности! Грција „нè реши“ со Преспанскиот, на ред се Бугарите, а бидете без грижа, ќе се јави и „Печката патријаршија“, т.е. Србија со прашањето за МПЦ. Видовме дека фактот што македонската нација узреала последна во големиот балкански казан лежи во историските околности, кои не ја ферментирале навреме македонската свест и кај широките народни маси и кај интелектуалците

Долгото историско ферментирање на свеста за посебностите на нациите ја издвоило македонската како последна во балканскиот лонец. Тоа е несомнено. Едноставно, историските околности не ни биле наклонети. А историското е почвата на која се развива и актуализира самосвеста за посебноста на еден народ. Историското е само актуализација на саморазвојот на духот на една национална свест. Но ако таа историска почва е јалова, може да помине долг период, а може и никогаш да не се збидне, духот на народот да згусне до историска, реална манифестација.
Историјата на „Балканот“ ретко кога била блага со нас. Дури и во решавачките мигови, помеѓу првите шанси за тоа, било кога „болниот од Босфорот“ бил речиси и на смртна постела и Балканот требало конечно да се ослободи, ние сме немале касмет. Дури и во тие околности на болна Отоманска Империја, на крилјата на тогаш доминантната руска моќ, Македонија не успеала да ја создаде својата држава. Тогашниот „светски полицаец“ Русија одлучил дека повеќе му е потребна „голема Бугарија“ отколку Македонија. Тоа и се случило со „Санстефанскиот договор“, кој, сепак, бил ревидиран само за неколку месеци на Берлинскиот конгрес (од 13 јуни -13 јули 1878).
Никогаш не било поинаку, ниту тогаш ниту сега: Русија не смеела да влезе со целосна доминација на Балканот, особено не смеела да го контролира Константинопол/Цариград. Берлинскиот конгрес, и покрај победата на Русија, во Руско-турската војна (1877-1878), за главна цел го имал токму тоа „маргинализирање“ на доминацијата на Русија, а, оттука, и на намерата да се „подели“ Балканот помеѓу тогашните светски сили: Русија, Британија, Франција, Австро-Унгарија, Италија и Германија. Лидерот на конгресот, Ото фон Бизмарк, имал јасна цел: 1. да се истисне Турција од Балканот, но 2. да се балансира моќта на големите сили на Балканот, наместо тогашната доминацијата на Русија преку Санстефанска Бугарија, и особено 3. Константинопол да остане во рацете на Отоманската Империја, за да не стане случајно центар на панславизмот, кој тогаш и тоа како бил жива културна парадигма!

Тука некаде треба да ги бараме и почетоците на денешните историски перипетии што повторно ги преживуваме. Бугарија по Берлинскиот конгрес ја изгубила територијата од Сан Стефано (за што останува да жали веројатно до ден-денес), Србија и Црна Гора добиле независност, а Македонија единствено што добила е враќање на делови од нејзината територија повторно во рамките на Отоманската Империја, со ветување за широка автономија. Во ваквите околности на „Македончето“ не му се посреќило. Никој ниту го прашал ниту му понудил државичка.
А тоа не се случило токму поради она што го фрливме како теза во воведот на оваа колумна – затоа што историската почва била јалова за да го узрее македонското семе. А била јалова затоа што други ја „обработувале“! Ја обработувале грчки, бугарски и српски пропаганди! Имено, до пред овие настани од Сан Стефано и Берлинскиот конгрес, на овие историски почви „орале“ сите, освен Македонците. Или, најмалку Македонците. Едноставно, почвата била „обезмакедончена“! Имено, долго пред овие настани, во 1767-та, со специјално султанско ираде, Отоманската Империја ја укинала Охридската архиепископија. Од полза на Отоманската Империја ѝ било и признавање и на Бугарската егзархија, со која се направила религиозна разлика на Бугарите од Грците, а политичка од Србите… почвата на македонската територија била „институционално“ третирана од туѓите пропаганди.
Па, така, на ова историско тло „ровареле“ како Грчката патријаршија, така и Бугарската егзархија со своите пропаганди. Ретките обиди за возобновување на независна македонска црква (како оној на Теодосиј Гологанов), а со тоа и на зајакнување на македонското национално чувство, само ги зближувале напорите на грчките и бугарските пропаганди, кои со помош на османлиските власти ги осуетувале тие обиди и ги прогонувале македонските дејци. Во такви околности на силни пропаганди живееле тогаш Македонците на овие простори. Овој не толку краток историски „шлагворт“ треба да ни покаже не само дека „историјата се повторува“ туку да го приближи речиси и идентичниот историски контекст, речиси идентичниот дух што лебди над македонската судба!

Еве сме и денес, речиси пак под истите историски околности! Грција „нè реши“ со Преспанскиот, на ред се Бугарите, а бидете без грижа, ќе се јави и „Печката патријаршија“, т.е. Србија со прашањето за МПЦ. Видовме дека фактот што македонската нација узреала последна во големиот балкански казан лежи во историските околности, кои не ја ферментирале навреме македонската свест и кај широките народни маси и кај интелектуалците.
Замислете си ја за миг тогашната состојба што ја опишавме како да е денес!? Пренесете го тој дух и денес, и ќе ви стане јасно! Замислете ја таа состојба како да е денес! Зарем не е исто и денес: сè уште со актуелно и силно оспорување на нашето историското право за втемелување на сопствениот национален мит, со веќе склучени договори (или на повидок нивно склучување), кои јасно ја ослабуваат нашата национална позиција, внатрешно разединети, со никакво национално чувство, обезвреднети, обессилени, без автентична, внатрешна силна идеолошка рамка и пропаганда, оттука и без трошка патриотизам, со слаби или никакви национални институции, со „осовременето“ образование без историја за нашата младина, со момци и девојки паднати во духот, дури и со „срам“ дека се Македонци, со работници, интелектуалци, творци на кои окото, духот и умот им се вперени на „Запад“, со „бедници“ за парче леб пишани „Б`лгари“, со најдобрите синови и ќерки македонски одамна иселени, без сувереност во одлуките, без „мажи“ во политиката… Не треба да сте „баба Ванѓа“, за да видите дека нема да помине долго време, кога при повторно прекројување на судбината на Балканот, ние повторно ќе сме „паричката за поткусурување“! Навистина, историјата се повторува, првиот пат како трагедија, вториот како фарса!

Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија