Империја на лагите

Денешната западна цивилизација е империја на лагите. Шон Пен ќе ги стопи сите свои статуетки ако Зеленски не се обрати на „Оскарите“. Крис Рок ѝ фрли црн хумор в лице на Џада Пинкет Смит. Стана Вил, нејзиниот сопруг, и му ја влепи една. Не знам со што му го переле мозокот на Шон Пен, ама добра работа завршиле. Но јас не сум прогресивен хистерик, па веднаш да го намразам зашто не се согласувам со неговата политичка агенда. За мене Шон Пен секогаш ќе биде генијален актер и маестрален режисер. Ако сака, нека си истетовира стилизиран СС-симбол на челото, како оној на полкот „Азов“. Јас од мали нозе сум соочен со исмевање на мојот физички недостаток (албинизам), но и сам уживам да се смеам на сопствена сметка. Затоа можам со сигурност да ви кажам дека гебелсовската политичка коректност ќе го убие хуморот. Дензел Вашингтон убаво му кажа на Вил. Ѓаволот секогаш доаѓа во твоите најсреќни моменти. Би можел да го потсети и Шон на една своја дамнешна мудрост. Порано, вели Дензел, кога немаше интернет, бевме неинформирани, а со него сме дезинформирани. Империјата на магијата стана империја на лагите.
Попис… Ме заболе соработникот за пописните бројки во Нордистан. Не ми е јасно зошто се нервирате, расправате меѓу себе, обвинувате. Нордистан и бројки, како смешно звучи тоа. Приказната за Нордистан започна со 59 кренати раце што беа претставени како 61. Без записник, надвор од процедура. Така избраа спикер. Сè понатаму им се лаги претставени со бројки. Невини луѓе ќе скапуваат во затвори по 10-15 години поради лажен удбашки судски процес среде нордистанскиот гулаг. Триесет проценти излезени на референдум ги прогласија за мнозинство. Падот на економијата и растот на корупцијата докажана со бројки ги претставија како наша перцепција, а не нивна реалност. Суд, СЈО, ОЈО, во нивни раце станаа математички операции, пресметување на кој обвинет колку милиони да му се земат. Секаде лаги и манипулации преку бројки. И вие ми се пенавите за бројки од пописот. Кога со нив манипулираат господарите на лаги изразени во бројки. Ако си слуга на империјата на лаги, и самиот си лага.

Единствена вистина преточена во бројки е бројката на луѓе што бегаат од зомбито наречено Нордистан. Без разлика на етничка, верска или сексуална определба. Но империјата на лаги на која припаѓа и Нордистан не може да блесне со сета своја светлина ако не се споменат Русите. До пред некој ден, Русија беше таа што преку Бугарија го попречува влезот на Нордистан во ЕУ. Сега, кога бројот на Бугари во протекторатов излезе приближно како бројот на Јеховини сведоци, Бугарите рипнаа да кажат дека руски агенти го штелувале пописот. Заклучок: Русија е во конфликт со руските агенти. Затоа сега очекувам да го протераат рускиот амбасадор.
Ах, амбасадори… Имаме партија што не сака да ги налути. Читај, западни амбасадори, оти во Нордистан меѓународна заедница е една петтина од светот, оној западниот, каде што изгрева сонцето, ако ги слушате медиумските перјаници во империјата на лагите и нивната европска провинција, како и балканското буниште на провинцијата на империјата. Во нордистанскава травестија очигледно е дека партиите си го црпат политичкиот легитимитет од западните амбасадори. Затоа сите се политички црпки. И немојте да ме плашите со федерализација, оти стварно ми е гајле што ќе биде со Нордистан. Кога требаше да ја спречите катастрофата во Преспа, со која почна укинувањето на Македонија, сите вие, и едни и други, славевте дека сте станале членка на НАТО. Е па, нели НАТО и амбасадорите ви ги гарантираат безбедноста и неделивоста на Нордистан? Зошто една блескава членка на моќното НАТО да се плаши за својата територија? Или НАТО е моќно само во пропагандата на империјата на лаги? Ајде, ајде, наскоро амбасадорите ќе ве фатат за уши и ќе ви кажат дека сега само уште треба Бугари да станете и ете кај е ЕУ да ве храни и да ви набавува енергенти.
Фудбал… „Македонија, само Македонија! Без северна! Една, единствена, голема и прекрасна!“, рече српскиот водител во отвореното студио на Спорт клуб. Благодарам, господине! За мене вие сте единствениот амбасадор на вистината. Значи Македонија! Изгубивме од Португалија. Сеедно. Јас сум восхитен од репрезентацијата. Восхитен сум од сето она што го приредија. Момци, вие веќе изигравте светско првенство. Да играш со Германија, Италија и Португалија, два од овие гиганти да победиш, за мене е исто како да сте донеле титула.

ФИФА казнува земји каде што политиката се мешала во фудбалот. ФИФА ма, дај малку намали со лицемерство! Ако е тоа проблемот, ти самата треба да се камшикуваш. Нормални сте? Па, кој ако не ФИФА и УЕФА се изживува врз руската репрезентација и руските клубови од политички причини? Изгледа сите светски организации очигледно се водени од изопачени глобалистички марионети на новокомпонираниот прогресивен нацизам среде западната империја на лаги.
Империја на лаги… Сензационална вест: од извори блиски на земните длабочини дознаваме дека рускиот гас ќе смени пол. Северен тек ќе стане западен крек. Русија веќе нема гас, затоа што гасот одлучи да стане американски. Сега Кремљ ја моли Белата куќа. Индија ја отпиша Русија, отсега ќе се реинкарнираат само западните слободољубиви граѓани. Борис Џонсон активира смртоносно оружје и сега Путин трепери во Кремљ. Трепетот се слушна до Владивосток? Дали наскоро ќе има референдум за влез на Владивосток, Камчатка и Калининград во ЕУ? Руските војници немаат муниција, пукаат со балони од гуми за џвакање, откако Кина наместо куршуми почна да им испорачува чунга-лунга. Кинезите им забија нож во грб на Русите, Шојгу се самоуби, па сега Москва го шета неговиот двојник на пресови. Проговори двојникот на Шојгу, Путин на коленици го молел Зеленски да не презема инвазија на Русија. Володомир му покажа среден прст на Владимир, му ја ќари женската и сега со неговата јахта крстосува по Днепар. Руските војници немаат вода, си го пијат антифризот од тенковите. Тенковите ‘рѓосуваат, Русите бегаат, па полкот „Азов“ во нив отвора хуманитарни камови. Русите гладуваат. Пискотници се слушаат пред затворените врати на „Мекдоналдс“. Верници тргаат икони од цркви и на нивно место ставаат фотографии од Бајден, Џонсон и Зеленски. Бајден пукна со прсти, дали тоа значи дека ќе пукне како балон лажната сила на руската мечка? Бајден е ревенант, мечката ќе го јаде. И така натаму. Вака известуваат медиумите во империјата на лаги. Од Алјаска до Нордистан. На човек не му останува ништо друго освен да им фрла в лице цинизам и црн хумор за да не полуди. И покрај фактот што навредената суета на империјата на лаги може да ти удри тупаница, оти во светот на западната пропагандна инквизиција, слобода на говор е само правото на нивно мислење.