И јас сум Челзи

Јас половина живот навивам за Ливерпул. Сакам кога Челзи страда на „Енфилд“ или на „Стенфорд бриџ“. Но денес и јас сум Челзи. Лудаците не го протераа само Абрамович, тие му забранија на Челзи да продава билети, да купува нови играчи

Откако прогласи крај на историјата, Фукујама најави крај на Русија. Путин нема да го преживее рускиот пораз, па ќе умре од мака како цар Самуил кога ги видел ослепените војници. Ама Самуил е историја, а таа нели, заврши. Си го замислив Фукујама на телевизија, чека јавување на гледач за да му предвиди дека наскоро ќе запознае висока светла жена со зелени очи, ама ќе биде од другата страна на улицата и нема да има пешачки премин, но таа улица означува пат што треба да се изоди за да се стигне до мол каде што ќе сретне руски териер, така вели Фуки, а тоа значи вознемиреност, оти господине Русјаков, вас нешто многу ве измачува, зарем не?
Ме измачува една фотографија. На неа обична просторија. Околу маса седнати четворица мажи. Пред нив мапа. Витезите на тркалезната маса. Артур, Мерлин, Ланселот и… и Гвиневер, бидејќи еден од тие мажи може да се чувствува како Гвиневер. Модерно е тоа. И тие гледаат во мапата. Ќе го бараат светиот грал. Уф, не требаше да го читам насловот. Премиерите на Чешка, Полска и на Словачка се сретнаа во Киев со Зеленски! Колку сум глуп! Нормално дека е Киев, а не Камелот. Тоа веднаш се гледа од фотографијата. Таква просторија не може да има никаде на светот освен во Киев. Како знам? Па Зеленски е во неа. А тој вели дека е во Киев. Штом така вели, тогаш е вистина. Оти и западните медиуми го кажаа истото. Добро сега, западните медиуми кажуваат дека Киев е немилосрдно бомбардиран од Русите. Дека се водат жестоки герилски борби. И како тројцава стигнаа кај Зеленски? Па нели еден од нив е Мерлин? Не, Мерлин Монро, туку Мерлин, волшебникот на Артур, иако секој волшебник има право да се чувствува како Мерлин Монро. Тројцата премиери, со помош на Мерлин, долетаа среде бомбардираниот Киев, незабележани како советски дрон што игра казачок низ небото на НАТО, за да се сретнат со дечкото чиј пенис е Рахмани… не, тој е Русин… чиј пенис свири пијано како Рахманинов, ако не беше Русин. И што дознавме од оваа травестија? Она што го знаевме. Дека Зеленски не е во Киев, веројатно не е ниту во Украина, а ЕУ и лидерите на нејзините членки се обична петпарачка гротеска. Затоа дајте спорт!

Редииии фор рааамбл!!! Илон Маск го кани Путин на тепачка. Русите, преку Пушкин, му одговорија дека е мало дете. Маск врати дека ќе го тепа Путин со лева рака. За жал, до тепачка не дојде. А ќе беше смешно да се види расплаканиот Илончо како објаснува: „Не е ферски, тој дедото… ме мавна со џудо по вакцина… и по бустер… “
А можеше само да го покани на партија шах. Или не. Младиот шахист Алиреза Фируџа, побегна од Иран во Франција зашто иранските власти не му дозволија да игра шах против Евреин. Сега Франција му забрани да игра против руски шахист. Путине, активирај тоа нуклеарките, по што и Бајден ќе мора да го стори истото, нека оди планетава бестрага, оти сме бедна и лицемерна приказна што мора да заврши за да не ја потруеме вселената.
Остануваме со спортски вести! Британија побара од Данил Медведев да се откаже од Путин ако сака да игра на Вимблдон. Британските власти држат до својот континуитет. На Олимписките игри во 1938 година, англиските фудбалери го поздравија фирерот на трибините. Десет години подоцна фрлаа напалм врз Македонците за да ја спасат монархофашистичка Грција. Еве сега, го протераа Роман Абрамович од Англија. Крајно глуп потег. Абрамович своите милијарди ги врти во Англија, не во Русија, па не е јасно кому стварно му наштетуваат. Јас половина живот навивам за Ливерпул. Сакам кога Челзи страда на „Енфилд“ или на „Стенфорд бриџ“. Но денес и јас сум Челзи. Лудаците не го протераа само Абрамович, тие му забранија на Челзи да продава билети, да купува нови играчи. Тимот нема веќе буџет да патува, па Тухел ќе мора да ги вози играчите во својот автомобил. Еј, ќе уништат тим постар од семејното стебло на Борис Џонсон. Ќе го уништат само затоа што имал руски сопственик. Каква гебелсовско-ждановска перверзија. Да живее Челзи!
Вести за вестите! Западните мејнстрим-медиуми и клон-политичари одлепија по руската новинарка што упадна среде емисија протестирајќи против војната. Лигавење се растече низ ТВ-екрани, портали и гримаси на политичари. Западот западна во транс. Прекуноќ таа стана хероина, нова руска царица, жртва и маченичка. Новинарката е осудена на 300 долари парична казна. А Џулијан Асанж? А лицемери? Сте слушнале за него? Ќе добие 170 години затвор или смртна казна затоа што ги обелодени злосторствата на вашата посрана западна цивилизација. Дволичноста нема срам, инаку не би постоела. Да живее Џулијан Асанж!

Фала на Бога, на Запад сѐ повеќе гледам политичари и новинари, но и воени лица, кои креваат глас против хитлеровско-сталинистичката зомби-пропаганда на своите власти и мејнстрим-медиуми, па зборуваат и пишуваат за вистината, за нацизмот во Украина, за американските биолаборатории, за односот на Русите кон цивилното население. Ако во меѓувреме глобалистиве не отворат концлогори за неистомисленици, а на чекор се до тоа, вистината ќе победи.
Вистината… за волја на вистината… како глупо звучи тоа. Вистината гласи, тие имаат волја. Од уши им тече волја, која ни кажува колку многу сакаат да нè земат кај нив. Е, ама не можат. Едноставно не можат да прифатат во своја банда да примат некои таму Македонци од Македонија што инсистираат да имаат своја историја. Па уште мајчин, македонски јазик. Ха, мајчин јазик. А што ако јазикот се чувствува како татко? Можеби е трансјазик. Патем, Македонија им припаѓа на Грците.

Македонците, пак, се Бугари. Значи ако Македонија е грчка, а Македонците се Бугари, ако секој Грк има право да се чувствува како Македонка, тогаш станува јасно дека Грците се Бугари, па јазикот, кој не смее да биде обременет со онаа полова дискриминација, не може да биде мајчин македонски јазик. Ама треба да се има волја за да се разбере овој комплициран процес за евроинтеграција.
Патем што ќе ни се јазик и историја? Плаќаат сметки? Ете, станавме Нордистан и веднаш почнаа да течат мед и млеко, ЕУ ни даде датум… неколку датуми… ни ги отвори болниците за бесплатно да се лекуваме, но што е најважно, ни отвори трето око што ќе си го носиме гордо меѓу рогови. Но откако ЕУ ни даде датуми, богатство, моќ, убавина, ум и сексапилност, како мудра вавилонска курв… дама со курвоазије во раката, сфати дека ни недостига уште нешто за да бидеме целосно оформени како крете… како креативни битија, а тоа е волја. Затоа ЕУ има волја за давање, која ние лакомо ќе ја голтаме како што досега пиевме нафта, ама таа поскапе поради лошите Руси.