Хиперстварност – „Битлси“ во хроматскиот универзум

Проектот „Отспротива хроматскиот универзум“ е обид да се продре во длабочините под совршенството на музичките форми на неповторливите песни на „Битлси“, за да ги открие внатрешниот интензитет и емоционалност што се „заробени“ во лавиринтите на хармонската прогресија и да ги претстави во вид на пијанистичка натструктура, движејќи ги низ непрегледните простори на хроматскиот универзум

Во времиња кога во фокусот на вниманието на јавноста се политички жешки теми, шпекулации, конфронтации, озборувања, турбуленции, постојат теми за потсетувања на кои секогаш можеме да се навратиме, особен вид мали духовни енклави, деконтаминирани и исчистени од дневнополитички кичерај, лажни револуционери, гнасен јазик – либертинаж, говор на омраза, простотилак. Тоа се мали духовни островчиња на кои можеме да се засолниме и одново да се вратиме на врвиците на нормалноста. Еден таков волшебен остров се вонвременските песни на легендарните „Битлси“, трајна инспирација и секогаш благороден поттик за еден вид ничеовско вечно враќање. „Отспротива хроматскиот универзум“ – концерт за крупен план и пијано е наслов на проектот на кој ќе се навратиме и потсетиме.
На коверот на албумот „Free Jazz“ (1960 год.) на Орнет Колмен, што се смета за едно од најважните случувања во музичката авангарда на минатиот век, е репродукцијата на сликата „Бела светлина“, дело на прочуениот американски апстрактен експресионист Џексон Полок, и уште тогаш во теоретските назнаки се посочува паралелата меѓу џезот и апстрактното сликарство.
Историјата на џез-музиката, делот на т.н. интуитивна почетна фаза, кореспондира со појавата на ликовната апстракција на почетокот на минатиот век. Кандински во својот прочуен трактат „За духовното во уметноста“ ќе го промовира методот на дефигурација, како основа за продор во суштината на објектите, предмет на ликовната сензација.

„Пред себе имам објект – дрво, но се обидувам да не сликам по диктат на она што го гледам“, навидум ексцентрично ќе постулира Кандински. „Се ослободувам од лисјата, гранките, стеблото и продирам во суштината“. Резултат, „Првиот апстрактен акварел“ (1907), мигот важен, достоинствен. Првата ликовна апстракција, вовед во една нова епоха, на неограничените со форма визии и артистички ресурси, каде што формата се третира како глагол, а не како именка, во извесна смисла е и обид да се открие еден неверојатен емотивен слој на модерниот сензибилитет под површината. Временски и методолошки овој тренд на ликовна експресија кореспондира со појавата на новите музички бранувања. Интуитивниот џез, што најпрвин се појавува како музика на бекстејџ (пред официјалните настапи, обично како загревање на талентираните музичари) на американската сцена, како тренд со артистички потенцијал, најпрвин третиран како ентертејнмент жанр, бргу е забележан од софистицираните интелектуално-естетски кругови, кои во овој вид музика ќе ја насетат силата со артистичка предиспозиција и естетска сугестија, при што ќе ја подигнат на пиедесталот на модерна уметност што ќе го одбележи минатото столетие.
Иако ликовната апстракција се создава како резултат на дефигурацијата, што во извесна смисла претставува методолошка одредница на овие и слични трендови, современиот џез ја детронизира хармонската прогресија и се насочува кон внатрешниот скриен интензитет на мелодиската експресија, при што отвора широк, буквално непрегледен, простор на музичката имагинација, интеракција и израз на современиот сензибилитет.
„Отспротива хроматскиот универзум“, концерт за пијано и крупен план, е проект на 21 век, но не во банално реторичка смисла, туку како еден вид резиме хибрид и потреба на континуитетот на човечкиот дух креатор и катализатор на цивилизацискиот од.
Совршените песни на „Битлси“ ја обележија втората половина на минатиот век и во услови на глобалниот медиумски бим со право го заслужија епитетот културно историско наследство на светот. Прочуените рефрени Michelle, Across the Universe, Strawberes Fields Forever, When I’m 64, Yesterday… доживуваат стотици нови изведби и модификации.

Проектот „Отспротива хроматскиот универзум“ е обид да се продре во длабочините под совршенството на музичките форми на неповторливите песни на „Битлси“, за да ги открие внатрешниот интензитет и емоционалност што се „заробени“ во лавиринтите на хармонската прогресија и да ги претстави во вид на пијанистичка натструктура, движејќи ги низ непрегледните простори на хроматскиот универзум.
Директен пренос на крупен план на истакнат македонски ликовен уметник, мултискрин проекција-инсталација е вториот елемент на овој динамичен хепенинг. Крупен план – затоа што е една од најважните структурни одредници на кинематографскиот израз, што, исто така, се појавува и вградува во филмот (подоцна и во масмедиумскиот амбиент) некаде во ист временски период како ликовната и музичката апстракција.
И како што Пабло Пикасо, Жорж Брак… декомпонираат во ликовната постапка при портретирањето, во проектот „Отспротива хроматскиот универзум“ крупниот план (портретот) на уметникот сликар е предмет на ликовна медиумска декомпозиција и елемент од кој е создадена сценографија инсталација. Елементите на трансмисија од екстериерот и вклучување во глобалниот броткаст (директно вклучување во топ 10 – ентертејнмент програма на националниот канал) и телевизиската реализација на проектот, ја создаваат онаа димензија на временска и просторна истодобност, што се можни единствено како функција на глобалната масмедиумска инфраструктура, сублимирајќи ги и пресоздавајќи ги реалните содржини во т.н. хиперстварност. Првото издание на овој проект се случи на 20 мај 2002 год., во Музејот на градот Скопје. Пијано марка „бесендорф империјал“. Музичка изведба – /јас/Аљоша Симјановски, објект на директниот пренос Мирослав Масин. Се надеваме дека ќе уживате во иднината на овој проект на возбудливиот и непрегледен простор на хроматскиот универзум. Тоа денес ни го овозможува семоќниот интернет – за оние што имаат желба и трпение, еве го линкот со неколку продолженија –https://www.youtube.com/watch?v=-4fUo3-wCI4

Автор: Аљоша Симјановски