Ѓорѓи од Лихнидос, Драган од Охрид, Јована крај Вардар

Во Конгресот на САД е поведена резолуција за прогласување на септември 2022 за „Месец на македонското американско наследство“ и за славење на македонскиот јазик, историја и култура на македонските Американци и нивниот „неверојатен придонес“ за Соединетите Американски Држави.
Она што е интересно е дека во образложението на резолуцијата е дадена цела историографија на придонесот на македонската заедница за САД и печатот што таа го оставила во оваа држава, поради што треба да се слават нивниот јазик, култура и постигнувања. Притоа има многу факти што ја прават појасна за нас сликата за нашите иселеници во САД, вклучувајќи го и тоа дека тие се околу 500.000 и дека првиот Македонец таму стапнал околу 1492 година.
Од каде и како Ѓорѓи во Шпанија. Според американски истражувања, постојат две толкувања. Според едното, Ѓорѓи бил религиозен еретик од Македонија што прогонет бега во Шпанија. Таму е пронајден и осуден на смрт. Од клада го спасува Колумбо и подоцна го регрутира на својот брод. Стандарден филмски стереотип. Според втората можна варијанта, уште како мал, откако Охрид паднал во рацете на Турците, неговото семејство се сели во Шпанија. Таму тој изградил брилијантна кариера во армијата и станал омилен и во шпанската круна. Така стигнал и во посадата на Колумбо.
По повод иницијативата на Конгресот на САД и на темата, еве уште малку од приказната за топчијата од Лихнида, искрен и симпатичен дел од преписката, коментар на пријател охриѓанец од Чикаго. Во американската енциклопедија постои податок и доказ дека првиот Македонец што емигрирал бил Драган од Охрид. За неговата преселба во Шпанија постојат две приказни. Но без оглед која од нив е точна, факт е дека Драган од Охрид е првиот Македонец. Откриени се три документи од 15 век во кои е споменато дека во првата експедиција на Колумбо имало и ваш сограѓанин охриѓанец. Документите се всушност преписка, приватни писма од француската грофица Мари – Мадлен Сан Жозеф де Поасан. Таа била сопруга на чешкиот кастелан Витаслав Галас, со кого во периодот од 1491 до 1509 година престојувала на дворот на шпанските владетели Фердинанд и Изабела, кои финансиски ги покривале и овозможиле патувањата на Кристофер Колумбо за Америка. Во три свои писма упатени до својата братучетка во Париз, војвотката О’Конел пишува за некој морнар „Драхан од Лихнида“, кој бил член на екипажот на Колумбовиот брод „Пинта“.

Првпат го споменува во писмото од 25 април 1493. За време на приемот на Кристобал Колон (шпанска варијанта на името на Колумбо) кај шпанскиот крал, по 224-дневна смела пловидба, му се укажуваат големи почести и бил удостоен со титулата адмирал и вицекрал на ла Испањола (Америка). Во истото писмо грофицата пишува и дека за време на нејзината средба со Колумбо и со дел од екипажот, еден од присутните го обвинил морепловецот поради тоа што оставил четириесетина свои морнари во туѓа земја, во логорот (утврдување) што го нарекол Ла Навидад, практично прва организирана европска населба во Америка. Во неа бил утврден и Драган топчијата од Охрид, прв човек на вооружените сили на првата европска енклава.
На обвинувањата на загрижениот дворјанин, Колумбо одговорил: „За Индијанците, белите луѓе што ги оставивме претставуваат синови на небото, кои умеат и знаат да владеат со громот и огнот“. Во своето писмо од 20 август 1496, грофицата Мари-Мадлен, пишува и за нападот на Индијанците врз Навидад, кога двајца морнари преживеале, и дека еден од нив бил Драган од Лихнида. Тоа го дознала од опатот Лос Касос, кој ѝ напишал на грофицата дека лично разговарал со Индијанецот Каонабо, предводник на нападот, кој бил заробен и доведен во Шпанија по втората експедиција на Колумбо, според кого двајцата преживеани се лекарот Диего и морнарот со „златна брада“ Големиот Аран – господар на громот и молњата, кој според описот бил Драган од Охрид.
Што се случило со Драган и лекарот Диего по нападот на Индијанците и нивното бегство од уништениот логор? Едно подоцнежно писмо на грофицата испратено од Кастилја ја пренесува изјавата на капетан Хуан Мартис, кој се вратил по престој во Америка. Пред судот во Шпанија се заколнал дека сретнал двајца белци со свои жени и деца, од кои едниот се викал Диего, а другиот го викале Големиот Аран. Ги видел во близината на денешна Богота, Колумбија. Средбата на капетанот Мартис, кој престојувал во Америка со третата експедиција на Колумбо, во 1498 година, и средбата со двајцата преживеани од Навидад укажува на фактот дека Драган од Охрид не само што бил жив цели шест години од пристигнувањето туку и дека и веќе оформил свое семејство. Ете, толку за оваа „прошетка низ историјата“ – (Роберт Каплан) и од депото на колекцијата „информации за историјата и културата на Македонија“ (Џејмс Николоф) и „Јужнословенската имиграција во Америка“ (Џорџ Прпик).

Поздрав до почитуваниот читател од Чикаго и благодарност за респектот. И само уште неколку збора на крајот. Наивно долго веруваме дека нема ништо страшно во нашиот интерес кон нашето милениумско подалечно и поблиско минато. Во последниве дваесетина години, откако се подотворија дверите и од историските скриени депоа последниве плурални лета, некако срамежливо, скромно и тивко почнува да извира една малку поинаква и тивка „приказна“ за „долгата и неверојатна историја на Македонија“ и нејзината честа бездушна употреба за најразлични цели и интереси. Според дискусиите, немирот, дебатите, коментарите, по повод нашиот скромен интерес, по сѐ изгледа нешто силно ги загрижува чуварите на монолитот на балканското историско паметење.
И сега, еве сме на почетокот – кој и чиј е Ѓорѓи. Повторно во зоната на пресметка со фактите, митологемите, стварноста, фактите како став. Дали е Ѓорѓи навистина тој самиот или е Драган од некогашен нечиј Охрид? За Јована крај Вардар во некоја наредна колумна.

И еве уште еднаш предлог-иницијатива до Обединетата македонска дијаспора и до добронамерните родољуби во татковината. Со вредниот уметник, скулптор виртуоз Владо Костов предлагаме проект за изградба на споменик на Ѓорѓи во родниот Охрид, за да не ризикуваме во Европа и од светот да биде окарактеризирано како проширување на антиквизацијата и посегнување по туѓи истории, а од домашната јавност како непродуктивно трошење средства за споменици. Крај брегот со топ под рака во Охридско Езеро, покрај светите Климент и Наум, нека никне и споменик на храбриот морепловец, на кого предците и потомците на македонските Американци и освестени Македонци би биле горди и што ќе означува мост меѓу старата и новата татковина. А ние овде на Балканот ќе се поклонуваме и ќе го водиме, славиме и претставуваме како човек на светот. Ѓорѓи од Лихнидос го заслужува тоа.

Автор: Аљоша Симјановски