Гетоизирано мнозинство: дали живееме во дистопија?

Во светот на „северните“ креиран од власта, ние сме нација без име, без историја, без колективна меморија, држава без достоинство и држава на која секој полага право. Во нивниот свет, обезличувањето на нацијата е висок државнички чин, историјата е заедничка, шахтите се иредентистички, патриотизмот не ни прилега, вистината е дезинформација, слободата на говор е цензура. Во ваквиот свет поразите се успеси, а сервилноста доблест. Во светот на власта, државата со години ги отпочнува преговорите со Европската Унија, за конечно повторно „безусловно“ да ги отпочне откако ќе вметне уште еден државотворен народ (од многуте од едното општество за сите) во Уставот

Научната фантастика ја сака идејата за паралелен универзум и мислата дека можеби живееме само еден од бесконечен број можни животи. Тие алтернативни универзуми се целосно одвоени и не можат да се вкрстат, па иако може да има безброј верзии за тоа дека живеете живот што е малку различен од вашиот живот, во оваа Македонија никогаш не би го знаеле тоа.
Но ние си знаеме со сигурност дека во Македонија се живее во паралелни универзуми. Во паралелни светови поточно. Оној креиран од власта со придавката „северна“ и оној на обичниот граѓанин. Во светот на „северните“ Македонци креиран од власта наметната ви е амнезија на вашето потекло, вашата историја, култура, јазик и вашата држава, во обид да се блокира вашето сеќавање за тоа што сте биле претходно во вашиот свет на потекло. Во тој нов свет бесцелно ги бркате илузиите на постоењето, она што сте го познавале во другиот свет. Во Македонија власта се обидува да ве фрли од свет во кој сте настанале и сте се откриле во свет во кој ве дезинтегрирале национално, културно и јазично. Ви наметнува да живеете во свет во кој тешко се вклопувате и во кој искрено не сакате да се вклопите. Во тој свет на власта толку мало влијание имаат идеалите, традициите и начинот на живот на вашите предци за да бидат примени од нивните наследници.

Мора да е фрустрирачко за власта да гледа како повеќето Македонци живеат со верувања, кои суштински противречат на нејзиното разбирање за светот што се обидува да го изгради. Зашто знаат дека темелите на тој нов свет се положени на лаги, глупост, неправда, малограѓанштина, неспособност и ментален мобинг, одбивајќи да го прифатат како свет на Македонецот. Овие паралелни реалности во Македонија не се допираат и нема никогаш да се сретнат. Овие паралелни универзуми во Македонија се толку драстично различни што, кога подобро ќе размислам, тоа се две одделни, тотално неповрзани реалности.
Во светот на „северните“ креиран од власта, ние сме нација без име, без историја, без колективна меморија, држава без достоинство и држава на која секој полага право. Во нивниот свет, обезличувањето на нацијата е висок државнички чин, историјата е заедничка, шахтите се иредентистички, патриотизмот не ни прилега, вистината е дезинформација, слободата на говор е цензура. Во ваквиот свет поразите се успеси, а сервилноста доблест. Во светот на власта, државата со години ги отпочнува преговорите со Европската Унија, за конечно повторно „безусловно“ да ги отпочне откако ќе вметне уште еден државотворен народ (од многуте од едното општество за сите) во Уставот. Очигледно она што се случува во реалниот свет не влијае на нивниот свет на начин што ја оправдува владината интервенција во животите на обичните граѓани. Во нивниот свет останаа малкумина поддржувачи и следбеници, како последната брана пред светот на нормалните.

Нема ништо привлечно во таквиот свет. А и што би можело да има привлечно во свет без сеќавања? Во свет без сеќавања, животот воопшто не е живот. Нашето сеќавање е нашата кохерентност, нашиот разум, нашето чувство, дури и нашата акција. Без него ние сме ништо. Затоа нивниот свет е јалов, а во таков свет ние мнозинството одбиваме да живееме. Зашто во нашиот свет ние постоиме.
За малку да заборавам: кога власта нема согласност од оние со кои треба да владее, народот, креира паралелен свет. Во свет каде што постои вистински консензуален политички режим, „не“ значи „не“. Оваа власт во нејзиниот свет генерално го третира „не“ како само уште една форма на „да“.
Затоа неконсензуалната природа на демократијата во Македонија креирана од власта не може да биде демократски свет. Тоа е дистописки свет. Дехуманизиран, демакедонизиран. Дистопијата не е вистински свет, тоа е предупредување, обично за нешто лошо што Владата го прави, или нешто добро што не успева да го направи. Вистинските дистопии се измислени, но владите од реалниот живот можат да бидат „дистописки“, како оваа нашата. Велат дека свесните искуства даваат можност да видите една поинаква реалност. Поинаква од онаа што се обидува да ја креира власта. Во која очигледно гетоизираното мнозинство македонски народ не сака да живее.
Затоа го преферирам мојот свет. Во кој сѐ уште сум Македонец и во кој сѐ уште сум жив, зашто се живи сеќавањата за Македонија.